Friday, December 20, 2013

Доење во јавност и негови прикази по друштвените мрежи

Што мислите, која од овие слики е општествено поприфатлива и понеподложна на цензура? 





Ако случајно одговоривте 2, тогаш претпоставувам сте дел од малцинството што нема проблем со доење во јавност и слики и графички прикази на доење - што, да повториме, всушност е хранење бебе или мало дете. Клучниот проблем тука е тоа што овој тип на хранење подразбира разголена града/дојка, популарно наречена цицка, а најголем дел од луѓето се шокираат и имаат проблем овој дел од женското тело да го прифатат во неговата основна фукнција, т.е. го доживуваат строго како сексуален предмет и не сакаат да судрат со било каков приказ што би им ја попречил или комплетно уништил оваа перцепција. (Политиката забранети-брадавици на фб и инстаграм баш и не држи вода зашто често слики од доење на кои нема ни трага од брадавиците се острануваат и забрануваат.)

Најчести (и според мене сосем невалидни) аргументи за тоа зошто доењето во јавност и фотографии од доење по друштвените мрежи не се соодветни, се тоа дека:
1. Доењето е света работа што не треба да се десакрализира по овој пат (се табуизира хранењето, т.е. преживувањето),
2. Дека на тој начин мајките се изложуваат на ризик на злоупотреба на нивните фотографии (што во оваа дигитална ера и онака е многу лесно во било кој контекст), или
3. Дека е невкусно да се покажуваат виснати цицки на сите страни во ваков конзумеристички свет што претпочита силиконски импланти.

Доењето исто така, барем делумно ја подрива дихотомијата курва-светица, која е еден од најмоќните начини за контрола на перцепцијата на жената како нецелосно (редуцирано, неавтономно) битие, со тоа што ги спојува голата цицка (суштинско и истакнато обележје на анатомијата на курвата) со хранењето и грижата за мало дете (суштинско обележје на светицата).

Свесна сум дека ова е тема што ќе доведе до гласен (или премолчен) отпор дури и кај луѓето со кои делам слични ставови по многу други теми, но се’ додека не се започне со преиспитување на овој доминантен дискурс ќе имаме свет во кој ќе преовладуваат слики  (и реалност) во кои објектификацијата на жената се смета за нормална и пожелна:



 а се цензурира нешто толку неопходно и секојдневно како доењето:



Tuesday, December 17, 2013

Еден аспект на родовата дискриминација во јазикот

Честопати, како преведувачка, добивам забелешки од пријатели/ки, па дури и клиенти/ки поради тоа што инсистирам на користење на именки во женски род кога станува збор за професии.

На многу луѓе се’уште им е чудно, па дури и одбивно кога ќе слушнат претседателка, или директорка на фотографија, лауреатка, деканка (за некои именки како кардиолог, комуниколог, уролог дури и нема јазично прифатлива форма во женски род, т.е. форма што не би се поклопувала со придавката изведена од таа именка: кардиолошка, комуниколошка, уролошка).

Некои жени првично ги доживуваат професионалните титули во женски род како омаловажување(!), несвесно (точно) претпоставувајќи дека во потсвеста на голем број соговорници/чки самото доделување на именка во женски род одзема од квалитетот и авторитетот. Главната причина за тоа е тоа што досега немало многу жени на тие позиции, па увото не ни е навикнато да ги слушаме во женски род и ни звучат неприродно. Со тенденцијата на зголемување на жени во одредена област доминирана од мажи, се зголемува и толеранцијата кон користењето на именки во женски род за тие професии, иако во најголем дел од случаите сепак се користи машкиот род како норма. Така дури и оние титули во женски  род што се веќе одомаќинети во јазикот - како министерка, директорка, се употребуваат во ситуации кога се споменува само функцијата (министерката за култура), додека кога се споменува и името на носителката, начесто титулата оди повторно во машки род (Е. Канческа-Милевска, министер за култура) како тоа да е природна состојба, а фактот што во моментот жена е на таа функција се третира само како привремена девијација.

За разлика од нив, во оние професии каде жените традиционално се присутни и прифатени, именките од женски род си се одамна вдомени во јазикот: келнерка, учителка, негувателка.

Сериозна дебата по однос на ова веќе се води во Србија, каде дел од лингвистките се обидуваат да го промовираат женскиот род се’ почесто, па, очекувано, се изложени на сексистички и мизогини напади.

Од друга страна пак, Хрватска (и покрај актуелните конзервативни одлуки) веќе одамна зазеде проактивен, афирмативен став кон ова прашање (како и кон многу други јазични прашања), и како резултат женскиот род во професиите веќе е сосема етаблиран, а дебатата се води на повисоко ниво.

Кај нас, за жал, дискусиите по однос на ова прашање се речиси непостоечки, и освен напорите за промоција на проблематиката од страна на поединци/ки, нема посериозен, институционален пристап во решавањето на ова прашање (како впрочем и на останатите јазични прашања).


фото: Washington Post




Friday, November 1, 2013

Гостување во Пулс

Поради тоа што кога излезе емисијатва не успеав да ја постирам тука, а и поради тоа што дискусиите за родова дискриминација не треба да се водат само по повод 8 март, еве видео од моето гостување (заедно со Неда Коруновска) во Пулс на Ана Јовковска, од март, оваа година. 


Tuesday, October 15, 2013

End of an era

Никола Мартиноски

Пред околу еден месец со син ми, по 2 години и три месеци од неговото раѓање, или вкупно 27 месеци, ја завршивме нашата убава и (релативно) долга приказна со доењето.

Одбивањето се сосем случи спонтано и на мое големо изненадување, а и спротивно на предупредувањата на најголем дел од блиските, скоро безболно. Веќе подолг период му најавував на син ми дека наскоро ќе нема веќе доење и претпоставувам дека и тоа одигра улога во неговото лесно прифаќање на промената. Подоите ни беа сведени на минимум - само пред заспивање и ако се разбудеше во текот на ноќта, или во ситуации кога беше екстремно вознемирен. И така, во текот на една недела кога имав многу работа а истовремено бев и малку настината па спиев во друга соба едноставно сфатив дека веќе поминале неколку дена без тој ноќен ритуал.

На крај, без експлицитни и трауматични демонстрации на незадоволство и некоја голема тензија заврши последната директна физичка врска помеѓу мене и моето дете. Од оваа дистанца можам да кажам дека и двајцата имавме апстиненцијална криза, малиот стана многу покенкав, јас понервозна, а времето потребно за детето да се смири и заспие навечер се зголеми за најмалку десет пати, ама син ми никогаш и не бил цврст спијач, така што и тоа го пребродуваме без некоја посебна драма.

Го пишувам ова затоа што забележав дека има доста притисок врз мајките што решаваат да ги дојат своите деца подолго од она што е општествено „препорачливо“ -  околу една година.
И покрај препораките на Светската Здравствена Организација за доење до 2 години, а и покрај зголемената свест за предностите од доењето, мајките што ги прекршуваат овие непишани правила не поминуваат без доза на потсмев, а често и самите се цензурираат и тивко си се потсмеваат за да удоволат на општествено прифатените норми за доењето како нешто срамно, особено по извесна возраст на детето.



Поради општото ниско ниво на толеранција и поддршка за доењето во пракса (за разлика од неговото величање и мистификација во теорија) ова ќе биде прв од серија постови посветени на доењето. Би сакала само да нагласам дека со овој обид за промоција на доењето никако не би сакала да ги омаловажам родителите што од било какви причини се решаваат да користат адаптирано млеко. Едноставно сметам дека би било убаво кога доењето би станало прифатено во иста мера и на ист начин (особено во јавност) како хранењето со шишенце.

Истовремено ги повикувам сите мајки кои ја делат оваа филозофија и сметаат дека е потребна поголема демистификација и поддршка за доењето и доењето во јавност, да ми пратат слики од себе како дојат (може повеќе или помалку експлицитни) за да направам колаж (кој се разбира ќе ја вклучува и мојата слика), а исто така добредојдени се да ги споделат своите размислувања/доживувања врзани за доењето.


Thursday, October 10, 2013

Интервју со Агнес Годар: Жени во филмот




Во краткото обраќање по доделувањето на наградата, Агнес Годар - првата кинематограферка-лауреатка на признанието за особен придонес на Фестивалот „Браќа Манаки“ - рече дека ја прима во име на сите непознати жени зад камерите чиишто имиња до сега не биле спомнувани и се надева дека оваа статуетка отвора нови врати за многу други од нив.
Скромна и тивка, Агнес се потруди да проговори за дискриминацијата присутна во нејзината фела, иако, како што вели, професионално се труди тој аспект на нештата едноставно да го третира како „дел од работата“.

1. Во феминистичката филмска теорија терминот „машки поглед“ се користи за да го дефинира движењето на камерата и претставувањето на наративната акција од машки агол. Ова е највоочливо во љубовни сцени, кога гледната точка е скоро секогаш таа на хетеросексуалниот маж.
Дали некогаш сте се обиделе да ја изместите оваа перспектива?

Не би била сигурна до кој степен сум се среќавала со ова, иако дефинитивно е присутно како појава; во секој случај, мојата гледна точка е поинаква во смисла дека мене како директорка на фотографија ме интересираат и мажи и жени, а целта не ми е да дадам предност на машкиот принцип - поентата според мене лежи во нешто сосем друго - всушност би рекла дека додека работам, мојата цел е да се обидам да ја дофатам мистеријата на ликот, а со тоа и мистеријата на човечкото суштество, без разлика дали тоа е маж или жена, се стремам да ја разоткријам мистеријата во нив.

2. Во вашиот професионален живот, можете ли да забележите промена во ставот кон жените кинематограферки? Дали работите стануваат полесни? Како ви беше на почетокот, а како е сега?

Да, дефинитивно, има напредок, односно има се’ повеќе жени што работат зад камерата во споредба со порано. Јас сум свесна дека имав многу среќа што сум Французинка, затоа што француските сниматели не само од претходната генерација, туку би рекла и од генерацијата пред нив, им даваа можност и на девојки да работат зад камерата - барем тоа беше мојот случај, но свесна сум дека имав и среќа. Промената сега е во тоа што има многу поголем број жени што работат како режисерки, кинематограферки, асистентки на камера итн. Сепак, се’ уште има еден вид на граница, невидлива бариера затоа што над одредена сума на филмски буџет веќе не може да се најдат жени на оваа позиција. Во високобуџетните филмови се’ уште нема место за жени снимателки, можеби со исклучок на една, мислам во САД.

3. Дали сте почувствувале разлика во работата со мажи и жени режисерки? Дали вам тоа ви играло некаква улога?

Па, вистина е дека повеќе сум работела со жени отколку со мажи, и не знам зошто е тоа така, не е некој свесен избор, едноставно така се склопиле коцките; инаку, мислам дека нема некоја разлика дали е маж или жена во прашање, тоа е личност која треба да се запознае, да се научи како работи и што бара; тоа е само прашање на карактер, а не на сексуален идентитет. Вистина е дека мажите и жените се различни, но тие се ралични како индивидуи, како човечки суштества.
И она што јас секогаш се обидувам е тоа што секогаш правам напор да и’ излезам во пресрет на таа личност, да се обидам да сфатам дали има некоја препрека на патот до она што сакаме да го оствариме и кога има, тоа едноставно го третирам како дел од работата, а не како прашање поврзано со тоа дали режисерот е маж или жена, инаку тоа би била изгубена битка.

4. Дали мислите дека некогаш не сте добиле работа на филм заради тоа што сте жена?

Да, еднаш. Многу ме привлекува темата на воени филмови, многу ми е интересна и морам да признаам дека многу ја сакам и сметам дека е важно да се обработува во филмови, па бев на средба со еден режисер што спремаше ваков филм, но ми кажаа дека не сум избрана поради тоа што сум жена. 

Изненадена сум што ви кажале експлицитно, морам да признаам.

Да, во некои земји така оди тоа, едноставно ви кажуваат во лице; и не знам што е подобро, и што е полесно. Да се навратам на примерот, не ми кажаа директно, ми кажаа подоцна, но и самата претчувствував, веќе ми беше јасно.

5. Во Македонија имаме две академии за филм, но во моментов немаме девојки запишани на катедрите за камера таму*. Како можеме да охрабриме повеќе девојчиња да го најдат својот пат таму?

Би рекла дека најдобриот начин би бил да се пристапи на проблемот е без овој концепт на бидување жена како спротивно на маж. Ако се почне од ваква позиција за кратко време тоа нема да фукционира затоа што тежината на предизвикот е преголема. Сметам дека девојките едноставно треба да го направаат тоа што сакаат, да го изодат својот пат и да не обраќаат многу внимание на тоа, или да го сметаат за дел од работата.

Но што ако средината не го одобрува нивниот избор и се обидува да ги убеди дека тоа не е работа соодветна за девојка, како можат да се борат против тоa?

Па, треба да ја сменат средината, да се обидат да најдат нови луѓе кои би ги поддржале затоа што тоа не е толку рационална работа, и освен ако не се психоаналитичари би им било многу тешко да се борат со тој притисок. И мораат да бидат многу храбри. 

6. Вие сте првата кинематограферка - лауреатка на Наградата за особен придонес во светската филмска уметност. Дали сметате дека има некои други жени-снимателки на коишто требало да им се даде оваа награда досега? Некои жени што се многу добри во нивната работа, но на кои не им било дадено должно признание?

Да, најверојатно, мислам дека има жени што ја заслужиле и пред мене, но не би било многу конструктивно ако се навраќаме на минатото. Да речеме дека ова им дава добра перспектива на работите и кога веќе се случило најверојатно ќе ја отвори вратата за следни добитнички.

7. Што би им советувале на сите девојчиња што сакаат да станат она што сте вие - добра кинематограферка.

Би им кажала дека ако сакаат да го работат ова, ако имаат желба, дека мора да ја задржат својата убеденост и на тој начин ќе успеат. Мислам дека не е добро ако се трудат да се вклопат во постоечкиот стандарден модел; би биле посилни ако останат верни на себе и ги изразуваат своите интимни убедувања. Тоа е најдобриот начин.



Доколку сакате да дознаете нешто повеќе за пристапот на Агнес Годар кон нејзината работа  прочитајте тука и погледнете го ова видео-интервју. За нејзината биографија, кликнете тука.

*информацијата ја добив од студентите на катедрите за камера

Фото: република и фешнел.



Monday, October 7, 2013

Шкртање по ѕидови


Одлуката да му дозволам на син ми да шкрта по ѕидови беше една од најостро осудуваните што ги донесов како родителка од потесната и поширока околина :)

Многумина (со право) мислат дека треба да постои извесна дисциплина и ограничување на детската слобода за креативно изразување на заедничкиот простор во домот, па решенија како цртање по големи хамери хартија залепени за ѕидот, или шкртање на само еден ѕид, или само во детската соба ми изгледаа компромисни и прифатливи, но со оглед на тоа што и онака планиравме бојосување на целиот стан оваа пролет, му дозволив на син ми да прави што сака со ѕидовите.


Целата приказна започна сосем случајно, а заврши со повеќе слоеви на слики со пенкало, дрвени боички и креди на буквално секоја ѕидна површина до која што син ми имаше пристап и некои од нив беа навистина убаво осмислени и обоени... па... шкртаници. Имаше еден период кога детето баш по цел ден си шкрташе па и јас си добив сериозни опомени од околината дека тоа веќе ги преминува сите граници.


На крај, приказната заврши со тоа што по бојадисувањето син ми сосем изгуби интерес за ѕидовите како медиум за креативно празнење и продолжи со некои други слични активности, така што засега, јас - попустливо-наметливата мајка - сум морален победник во ситуацијата.


Зборот ми е, што би било најпаметно да направам во случај скриениот мурален гениј во син ми повторно да се разбуди? Ако се најде некој повеќе или помалку искусен родител/ка како го чита ова, навистина би сакала да чујам како би/сте се справиле со ова :)




Thursday, September 19, 2013

Интервју со Лабина Митевска: Жени во филмот (прв дел)

Лабина Митевска е актерка со меѓународна кариера и една од најспособните продуцентки во Македонија. Исто така, веќе петта година по ред е директорка на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ - Битола, кој во моментов е во тек. Тоа и беше повод да и' поставам неколку прашања во врска со жените и нивната позиција во филмската индустрија.

фото: фешнел


1. Камерата во филмот најчесто снима од машка гледна точка (мажите најчесто ги имаат носечките улоги, во љубовните сцени фокусот е на женското тело како да се претпоставува дека гледачот е хетеросексуален маж, итн). Колку можеш и на кој начин ти лично се трудиш да влијаеш кон изместување на перспективата за публиката да ја прифати и женската позиција и толкување на нештата?

Па јас и Теона постојано делуваме колку што можеме. Свесни сме дека можеби филмскиот бизнис е бизнис каде што овие разлики се најголеми и највоочливи. Едноставно позади камерите има многу малку жени, и се’ уште работите се многу поделени на машки и женски. Пробуваме да делуваме во секој аспект, да менуваме перспектива, да поместуваме граници, да раскажуваме приказни од еден друг агол. Со секое наше дело се бориме против стереотипите, против балканскиот се’ уште многу присутен мачо дух. 

2. Ти си прва жена - директорка на овој фестивал и нагорната линија по која се развива фестивалот е очигледна. Исто така откако ти раководиш може да се забележи постепено зголемување на бројот на жени присутни на фестивалот, често и во улога на лауреатки. Дали мислиш дека порамноправната застапеност и поголемото признание дадено на жените во фестивалскиот и филмскиот свет воопшто, ќе доведе до подобри резултати?

Мора да веруваме дека ќе донесе подобри резултати. Јас секогаш сум оптимистка и единствено така можам да функционирам. За мене беше страшен фактот дека на фестивал со таква традиција досега сме немале кинематограферка - лауреатка на наградите за особен придонес или животно дело. Тоа е застрашувачки. Посебно што навистина има исклучителни директорки на фотографија, како Ањес Годар, како Виржини Сан Мартан, како Наташа Брајер, како Јоланта Дилевска.

3. Кои се важни женски авторитети за тебе на кои и самата се огледуваш?

На многу од нив. На секоја жена што постигнува нешто, на секоја жена која се бори за нешто, на секоја жена која менува нешто, без разлика дали делува глобално или локално, дали е лидерка или хигиеничарка.

4. Мажите што се успешни во својата работа се добро прифатени од околината и често се гордеат со тоа. Од друга страна жените кои се успешни како секогаш да треба да се екстра симпатични за околината да не ги доживува како закана, како нивниот успех да е сам по себе сомнителен па треба да се оправдуваат дека не дошле до висока позиција преку „нечиј кревет“. Што мислиш за ова?

Она што ме провоцира е што секогаш мажите се многу посплотени и многу повеќе се поддржуваат едни со други. Од друга страни многу често тоа кај жените го нема, посебно не на Балканот и во Македонија. Секоја што е исклучителна е напаѓана, секоја што се труди да промени нешто е предмет на потсмев, и секој си дозволува за секого лошо да коментира. И тоа многу често жени го прават на жени - за мене е тоа страшно, убиствено. 

5. Во Холивуд, со ретки исклучоци, многу ретко има улоги за жени над 45 години. Во независниот и европскиот филм ова не е толку изразено, но сепак актерките што се се’ уште актуелни по таа возраст се бројат на прсти, додека сликата на постари мажи со многу млади жени како партнерки е општоприфатена. Дали гледаш постепена промена во овој тренд и дали сметаш дека во одреден момент ќе треба да се откажеш од актерството само поради годините?

Да ова е факт, но во исто време има фантастични примери на жени актерки кои се пробиваат во многу подоцнежни години. Важно е да се создава и креира добра уметност, не е важен квантитетот туку квалитетот. Она што е фантастично со филмската уметност е што останува зад тебе засекогаш. Мене секогаш ми било поважно да остварам квалитетна улога, па макар и да е тоа еден филм во три години, отколку да снимам три лоши филма во една година. Така што овој факт не ме плаши.

6. Кој ти е следен чекор и кој би ти бил најголем предизвик, најголем сон кон кој целиш во животот?

Па моите предизвици доаѓаат дури сега. Со раѓањето на Вега многу нешта се променија. Позитивни промени. Промени во однос на станувањето мајка, како и промени на огромна енергија и креативност која ја имам во однос на мојата кариера. Мислам дека ме чекаат големи предизвици!

7. Минатата година Катрин Денев рече дека секоја жена е феминистка, дури и онаа што најжестоко го одрекува тоа. Ако се земе предвид дека феминизмот е движење за постигнување еднакви права и можности и не се залага за доминација на било кој пол, туку за рамноправност, зошто жените (и мажите) толку се плашат да се прогласат за феминисти/ки?

Навистина не знам зашто е тоа така. И не ги сфаќам овие жени кои велат дека нема разлика, дека не се феминистки, дека не знаат што значи тоа, дека никогаш не осетиле никаква дискриминација. За мене ваквиот став е комплетно слепило. А навистина е тажно во овој прекрасен свет да живееме слепи и да не реагираме на времето кое не' опкружува. Да не се бориме да ги правиме работите подобри, а со тоа да го направиме и светот подобро место за живеење за сите.

за време на фестивалот

Од срце и' благодарам на Лабина што успеа во виорот на цел фестивалски хаос да најде време за да ги одговори овие прашања. И' посакувам уште многу силни улоги, полни сали и аплаузи и филмови што ќе најдат начин да ни ги приближат и оние нераскажани приказни и загушени гласови.