Showing posts with label интервју. Show all posts
Showing posts with label интервју. Show all posts

Tuesday, June 17, 2014

Присуство на породување (дел 2 - Роберт Ристов)

По Миле Грујовски, вториот татко што се согласи да разговара со мене во врска со неговото (не)присуство на раѓањето на неговиот син, е Роберт Ристов, актер во Театар Комедија - Скопје. 
И покрај неговата целосна подготвеност и огромна желба постојано да биде покрај партнерката и детето во текот на процесот на породување и да им ја даде својата поддршка, тоа не му било дозволено поради политиката на „ајде брзо сечи папочна врска и сликај“ на ГАК при Државна болница.



1. Во нашево општество присуството на таткото за време на раѓањето на неговото дете се’ уште се смета за непосакувано и неприродно. Зошто и како ти се реши на овој чекор и каков беше ставот на партнерката?

Мојот став е сосема поинаков. За мене најприродно е од моментот на зачнувањето, па се' до раѓањето на детето, таткото да биде рамноправно вклучен во се што е поврзано со бременоста кај партерката, што подразбира: заеднички избор на гинеколог кој ќе ја прати бременоста, присуство на таткото на самите прегледи, заеднички одлуки за избор на лекар за 4Д ехо, и сите останати неопходни контроли и прегледи. 
Тоа подразбира заедничко радување на сите нови моменти поврзани со растењето на плодот/ембрионот, но и споделување на товарот од сите можни компликации, и барање на заедничко решение за истите. Сметам  дека татковците кои се држат понастрана од тој процес губат многу, зашто за мене родителствувањето започнува од моментот на зачнувањето.  

2. Како беше тоа прифатено од средината (твоите блиски) и од медицинскиот персонал?

Сите оние кои добро ме познаваат можеа да претпостават дека ќе бидам дел од скоро се' поврзано со бременоста на жена ми. Секако дека во одредени ситуации, не по моја желба (пред се' заради некакви професионални ангажман), се има случено да бидам отсутен во одредени ситуации, но потоа барав задолжителен брифинг за тоа што било и како било, и што е она што би требало да го знам. Секако дека и кај мојата партнерка ја имаше таа потреба да сподели се' со мене. Она на што во моментот се сеќавам дека го имам испуштено  е час за идни родители во државна.
Што  се однесува до мединцинскиот персонал, за повеќето од нив тоа беше сосема нормално, освен  во саатите пред и за време на породување, каде на сам почеток еден од лекарите ме праќаше во кафана, да мавнам пивце, зошто се уште беше рано за „ФОТОГРАФИРАЊЕТО НА БЕБЕТО И СЕЧЕЊЕТО НА ПАПОЧНАТА ВРВКА“, и дека породувањето ќе се случи во утринските часови.
Заминав дома на досредување на домот (не дека немаше кој, туку ќеиф ми беше јас со моја енергија да го досредам останатото) се вратив по околу 2 часа, и истиот доктор ме дочека со: „ГЛЕДАШ, ДЕКА СЕГА, ПОСЛЕ КАФАНЧЕТО, Е МНОГУ ПОЛЕСНО“...

3. Дали и колку сметаш дека твоето присуство беше корисно за твоето дете и партнерка и на кој(и) начин(и)?

Сметам дека споделувањето на моментите во една врска, во случајот - бракот, е многу важен момент... Истото ги зближува партнерите, и од истото се гледа дека мажот искрено се грижи за тоа низ што се' минува жената, во случајов - за време на тој породување. Во мојов случај, по целоноќното мерење на болничкиот ходник,  моето однапред најавено присуство за време на породување, не по моја желба, туку според правилникот на државна, беше сведено на: „ПОБРЗО ОБЛЕЧИ ГО МАНТИЛОТ ОТИ ЌЕ ИЗЛЕЗЕ БЕБЕТО“,  и на: „АЈДЕ,  СЕЧИ ЈА ПАПОЧНАТА! МОЖЕШ ДА ФОТОГРАФИРАШ, ПА ИЗЛЕГУВАЈ... НА МАЈКАТА И ДЕТЕТО ИМ ТРЕБА ОДМОР!“
Тоа што не ми дозволуваа да присуствувам  во просторијата за време на породувањето (освен последните две минути), и при секое приближување ме бркаа зад вратата од соседниот ходник, не ми олесни многу, зошто бев сведок на криците кои ги препознавав дека се од жена ми.
Фаќањето на делови  од дијалогот што се одвиваше внатре (во моментите кога се  прикрадував до вратата), само ми ствараше дополнителна конфузија заради немањето на јасната слика... Вистински бев исплашен за животот на жена ми, и за малото, а не бев во состојба да помогнам, ниту да направам нешто околу нејзиното мотивирање и поддршка, бидејќи ја познавав подобро од било кој присутен во породилната сала.
Како и да е, сепак верувам дека честите телефонски јавувања, пред самиот чин, загриженоста за тоа како ги поднесува породилните болки, свесноста дека сум на само неколку метри од породилната сала, загрижен за нејзе и за бебушот, дека тоа навистина и има значено.

4. Митот вели дека таткото (ако веќе е присутен на породувањето) го поднесува многу потешко и постресно од мајката, и дека медицинскиот персонал треба и нему да му посветува дополнително внимание. Каков беше твојот случај?

Секако дека во ходникот бев многу испаничен и загрижен, низ главата  ми се свртеа стравови од работи кои не би сакал никогаш никому да се случат. Кога влегов во салата за породување се обидов да го сокријам истото, и се надевам дека  успеав во тоа.  И не, не ја сечев папочната врвца, моето присуство во болницата не беше заради тоа... Најважното ми беше што и двајцата се живи и здрави.
Утредента следуваа мекици, сите беа видно возбудени и расположени, а јас со мислите бев во државна, како неделив дел од нив двајца... Многу ми фалеа... сето друго што се случуваше ми беше толку небитно.

5. Мислиш ли дека присуството на породување те направи поангажиран татко и поосетлив за потребите на партнерката и детето непосредно по породувањето?

Можеби делумно, бидејки бев сведок на сите тие компликации, таа неизвесност и ризик... Но, сметам дека ангажиран татко може да биде и оној кој не присуствувал на породувањето. Тоа е нешто што човек одвнатре го има или воопшто го нема освестено. За мене тоа повеќе е сврзано со карактерот на таткото.

6. Колку беше подготвен и вклучен во прилагодувањето на живот со новороденче дома, честите ноќни будења, подои, проблеми со доењето итн.

За многу од работите бев подготвен, а за некои за кои не бевме се прилагодувавме и заеднички баравме совети и решенија.

7. Дали претходно присуствуваше на некоја обука во врска со породувањето и ако да, колку ти беше корисна?


Да, присуствував на некои од часовите во Државна Болница и сметам дека се корисни, пред се околу собирања на дополнителни совети и информации.

8. Дали на новите татковци би им препорачал да присуство на породување (се разбира, доколку се подготвени за тоа).

Тоа е индивидуална работа. Што се однесува до мене, дај боже да имаме и второ, секако дека би бил присутен. Се надевам дека работите во државна веќе се променети на добро и дека ја  имаат сфатено вистинската потреба за присуство на таткото за време на породувањето и дека таа потреба повеќе не ја сведуваат на желба за фотографирање и сечење на папочната врвка.


Искрено му благодарам на Роберт што реши да ја сподели својата приказна тука, се надевам дека во скора иднина младите татковци и мајки како него ќе успеат да извршат доволно притисок врз институциите да им дадат на татковците реална можност да бидат партнери и да пружат вистинска поддршка за време на породувањето, и нема да дозволат да бидат сведени само на формални позери. 

Monday, June 9, 2014

Интервју со Бојан Митаноски - лекар-гинеколог, во врска со минатогодишните промени на Законот за абортус


Иницијативата Матка беше оформена од неколку граѓански здруженија што се залагаат за права на жени и родова еднаквост по донесувањето на спорните промени на Законот за абортус, со кои додатно се отежна слободниот пристап до оваа медицинска интервенција и се воспоставија низа административни препреки при неговото извршување.


Следи интервју (направено заедно со Борјана Мојсовска) што беше објавено во вториот број на Избор со Бојан Митаноски - лекар-гинеколог, во врска со минатогодишните промени на Законот за абортус.

1. Дали сметате дека со промените на законот ќе се зголеми стапката на нелегални абортуси, особено во руралните делови на државата?

Веројатно да, затоа што кога жена ќе се одлучи за прекин на бременост, тоа е одлука која е најчесто претходно размислена и конечна. Ретко кога, и покрај сето убедување тоа да не се прави, некоја пациентка ќе се предомисли. Со рестриктивен закон, во земја како што е РМ постои голема шанса да се зголеми стапката на нелегални абортуси или едноставно жените тоа да го прават во други, соседни земји со полиберални закони по тоа прашање.

2. Од вашето искуство, по легално извршен абортус, колку жени имале проблеми со повторно забременување или со репродуктивното здравје?

Да бидам јасен, хируршкиот абортус е инвазивна процедура и како таква си носи ризик и е дефинитивно најлошата метода на избор во нешто што се нарекува планирање семејство. Постојат серија на можни компликации и ризици од кои најсериозна е перфорацијата на матката која се случува во просек кај 1/1000 жени, потоа заостанат дел од концептусот кој е случај кај околу 10% жени (па е потребно повторување на зафатот), ифекции, анестезиолошки компликации итн. Најчеста доцна компликација е тнр. Асхерманов синдром, оштетување на слузницата на матката како резултат на преагресивен зафат, а такво нешто навистина подоцна значи и проблем за повторно забременување. Важно е да се каже дека кога абортусот го прави лекар кој е соодветно обучен, во институција во која такви зафати треба да се прават, тогаш навистина сите рани и подоцнежни компликации се сведени на најмала можна мерка и навистина многу ретко  се причина за проблеми за повторно забременување. Да бидеме реални, царскиот рез претставува многу поголем проблем за следно забременување и воопшто за текот на следната бременост отколку адекватно извршениот артефициелен абортус.

3. Еден од најчестите аргументи/митови на опонентите на абортусот е дека жените по тоа искуство остануваат психички осакатени и цел живот се кајат за таа одлука. Како би го прокоментирале ова?

Сметам дека тоа не е точно, доколку одлуката за прекин на бременост е донесена свесно и е волја на самата жена.

4.   Кои се предностите и недостатоците на медикаментозниот абортус и кој е вашиот став кон него?

Медикаментозниот  абортус е успешен во над 90% случаи кога е навреме применет, идеално некаде пред 6 гестациска недела. По земањето на медикаментите текот на настаните е  сличен како кај комплетниот спонтан абортус. Во околу 5% случаи е потребно сепак да се изврши класичен хируршки зафат, затоа што не се исфрла докрај целиот концептус, но и тој зафат е обично поедноставен, затоа што се елиминира помалку ткиво и помалку се оштетува слузницата на матката. Генерално, медикаментозниот абортус во голема мерка ги елиминира сите хируршки ризици на „класичниот“ абортус. Секако дека се работи за процедура која треба да биде спроведена и пратена од соодветно обучен за тоа кадар и институција!

5.   Кои мерки сметате дека најмногу ќе придонесат за намалување на бројот на несакани бремености?

Адекватна едукација на населението, особено по прашање на контрацепцијата. Во РМ една од најчестите причини за артефициелен абортус е и економската состојба на поголем дел на населението. Алиенацијата е проблем кај развиените земји, каде алчноста по материјални добра, како начин на живот - го негира самиот живот. Одговорно тврдам дека ситуацијата со женската популација во РМ не е таква и не може да се споредуваме со најчестите причини за арт. абортус во, да речеме, една Германија. Жените во Македонија САКААТ да раѓаат. Да се вратам на контрацепцијата... ова е сепак 21 век и бременост е нешто што со денешниот начин на живот, треба да се планира. Постојат многу митови во врска со методите на контрацепција и навистина е штета колку сите ние и од аспект на лекари и од аспект на пациенти малку правиме за адекватна едукација на населенито по тоа прашање. Тоа е вистинска срамота за сите нас како општество. А тоа е лекот против абортусот како таков.

6.   Од вашето искуство, со каков став на околината се соочуваат жените што сакаат да прекинат несакана бременост?

Зависи од тоа што подразбираме под „околина“... од односот помеѓу индивидуата и нејзината околина. Поблиска или подалечна. Специфичностите на едно примитивно општество како ова нашево секако треба да се земат предвид.

7.   Според вас, дали државата им нуди соодветна институционална поддршка на оние жени што ќе решат да задржат непланирана бременост и да бидат самохрани мајки?

Сметам дека државата не им нуди соодветна институционална поддршка ни на сите жени со планирана бременост. Живееме во време на криза...со децении наназад, која е се поизразена. Нашата држава - тоа сме ние самите...додека сите ние не почнеме радикално да се менуваме, секој сам, индивидуално, да си пружиме рака еден кон друг конечно... се дотогаш нема да створиме услови во кои нашите деца ке имаат можност да го достигнат својот полн човечки потенцијал и да бидат подобри луѓе од нас самите.

8.   Исто така, што мислите за условите во кои се одгледуваат оние деца што се напуштаат/даваат за посвојување веднаш по раѓање?

Да бидам искрен, не располагам со доволно информации да одговорам адекватно на ова прашање.

9.   Според дневникот „Вест“, неколку години по ред расте бројот на умрени доенчиња, како и бројот на мртвородени. Здравствените власти оваа состојба досега ја објаснуваа со тоа што повеќето од умрените доенчиња се предвреме родени, бидејќи мајките за време на бременоста не биле соодветно следени од гинеколог или затоа што се родиле со одредени вродени аномалии. Со оглед на овој факт, како ја доживувате кампањата за трето дете, и додатните рестрикции на законот за прекинување на бременост?

Не треба да постои „кампања за трето дете“. Треба да постои кампања за деца, а тоа во нашиов случај значи да си го средиме општествово конечно. Мислам дека ова го покрив со одговорот  во прашање бр. 7.

10.  Кои мислите дека ќе се финалните резултати од промените во Закон за прекин на бременост по однос на разните социјални групи, т.е. кои социјални групи на жени ќе бидат погодени од дополнителните ограничувања во пристапот до безбеден и легален абортус?

Па сигурно не оние кои располагаат со доволна количина на материјални средства, од која и страна да погледате на проблемот.





Слични содржини можете да прочитате во Избор, весникот на Матка.


Wednesday, January 15, 2014

Присуство на породување (дел 1 - Миле Грујовски)

Присуството на таткото на раѓањето на неговото дете кај нас се уште е табу. Ретко има интерес и меѓу татковците и меѓу мајките за тоа, а институциите воопшто не нудат, а не пак да поттикнуваат создавање услови за тоа. Во приватните родилишта ова не е толку тешко да се изведе, но во државните во моментов е речиси невозможно, што всушност е чекор назад, затоа што во старата зграда на ГАК (државната гинеколошко-акушерската клиника) во Скопје постоеше таква можност во единствената изолирана родилна соба, но, претпоставувам меѓу другото и поради екстремно малиот интерес, во новата зграда тоа веќе не е можно, т.е. ако се потегнат вистински врски може да се издејствува про-форма присуство во тие неколку моменти кога детето излегува од родилниот канал и се сече папочната врвца, по што следува експресно отстранување на таткото.*
Понатаму, во моментов е невозможно првите денови по раѓањето на детето семејството да ги помине заедно, затоа што го државните болници посетите се строго забранети за сите. Ја разбирам превентивната природа на ова ограничување, но реално и не се потребни некои вонземски услови за да може да се обезбеди соодветна опрема и стерилизација за таткото (или некоја друга личност по избор на родилката) да може да биде со мајката и детето во тие моменти, особено имајќи го во предвид фактот за недоволниот персонал на државните клиники и следствено нивната неможност да обратат доволно внимание на новородените и на родилките.
И покрај тоа што придобивките од присуството и на двата родитела во текот на породувањето се евидентни и за родилката и за бебето, и во развиените земји тоа се доживува како дел од стандардната постапка, традиционалниот пристап кај нас е длабоко вкоренет и мошне ретко се наоѓаат мажи и жени што решиле да го предизвикаат.
Од овие причини, решив да стапам во контакт со неколку такви напредни авантуристи и да ги замолам во прво лице да ги споделат впечатоците од раѓањето на нивните деца.
Прв од серијата татковци што од прва рака го посведочиле раѓањето на своето дете е Миле Грујовски, компјутерски програмер кој живее и работи во Скопје, татко на малата Дамјана.


1. Во нашево општество присуството на таткото за време на раѓањето на неговото дете се’ уште се смета за непосакувано и неприродно. Зошто и како ти се реши на овој чекор и каков беше ставот на партнерката?

Да, точно е дека во нашето општество присуството на таткото за време на раѓањето на сопственото дете се смета за неприродно. Ова е уште една од нелогичностите на нашето општество. За моја среќа опкружен сум со луѓе, пријатели кои што размислуваат и делуваат поинаку. 
На кратко, одлуката за присуството на таткото може да се разгледа во три случаи: 
    1. Мајката категорично одбива присуство на партнерот, таткото. 
Оваа ситуацијата е чиста, доколку и таткото не сака да присуствува на породувањето. Доколку таткото сака да присуствува а тоа прави дополнителен стрес кај мајката тогаш не препорачувам инсистирање од страна на таткото, но од друга страна е и себично. Себично е затоа што е исклучена можноста таткото да биде сведок на овој битен момент.
    2. Мајката е неутрална.
Најчест случај, одлуката останува на таткото.
    3. Мајката посакува присуство на партнерот,таткото.
Во мојот случај, мојата сопруга беше неутрална околу моето присуство, иако мислам дека сакаше да присуствувам но одлуката да ја донесам сам. На почетокот не мислев да присуствувам на породувањето, но со текот на времето како што се приближуваше датумот за породување мојот став околу ова прашање се промени. Две причини преовладуваа:
    1. Родителскиот инстинкт што во текот на бременоста се појавува, развива и оформува. Себично посакував прв да ја придржам и почувствувам сопствената ќерка.
    2. Помислата дека присуството може некако да помогне. 

2. Како беше тоа прифатено од средината (твоите блиски) и од медицинскиот персонал?

Средината и блиските може да имаат сосема спротивен став од она што таткото го посакува, меѓутоа фактот дека се работи за моето семејство во голема мера го минимизира влијанието на околината. Од една страна породувањето е крај на бременоста, но од друга страна е почеток на еден сложен процес на одрастување на дете за кој што мора родителот да е подготвен да зазема ставови често спротивни од оние на околината. За среќа моите блиски ме поддржуваа.
Што се однесува до медицинскиот тим, не секогаш е дозволено таткото да присуствува на породувањето, обично кога се работи за сложен случај или царски рез кога е забрането присуството на таткото бидејќи породувањето се смета за хируршки зафат. Тимот кој што го водеше породувањето на мојата сопруга беа исклучителни професионалци кои вешто би ве предупредиле доколку правите нешто погрешно или ако треба да ја напуштите просторијата.

3. Дали и колку сметаш дека твоето присуство беше корисно за твоето дете и партнерка и на кој(и) начин(и)?

Да, дефинитивно беше корисно за партнерката бидејќи самото присуство на некој начин е споделување на болката и стресот низ кои што поминува жената. За детето не би рекол дека има некаква директна корист освен можноста да ја почувствува енергијата (љубовта) на двајцата возбудени родители заедно во моментот на доаѓањето на свет. Најголемата корист е искуството што заеднички се стекнува за време на овој чин.

4. Митот вели дека таткото (ако веќе е присутен на породувањето) го поднесува многу потешко и постресно од мајката, и дека медицинскиот персонал треба и нему да му посветува дополнително внимание. Каков беше твојот случај?

Болката е многу субјективна и тешко мерлива величина. Овде би разграничил на психолошка и физичка болка. Мајката ги има во еден момент и двете а таткото можеби само психолошка болка. Мислам дека е непотребно да го споредуваме интензитетот на овие два вида болка. Медицинскиот тим веднаш ќе го отстрани таткото од салата доколку смета дека претставува проблем или прави дополнителна паника. Во мојот случај  немаше потреба од никакво внимание од страна на медицинските лица.

5. Мислиш ли дека присуството на породување те направи поангажиран татко и поосетлив за потребите на партнерката и детето непосредно по породувањето?

Секако дека придонесува во насока на поголема ангажираност кон детето и мајката, во најмала рака го подготвува таткото за она што следи понатаму. Многу е полесно за таткото да е директно во породилната сала отколку да биде во исчекување дома, времето во исчекување поминува многу бавно. Дополнително присуството значи и можност директно да ги консултирате медицинските лица околу состојбата на мајката и бебето непосредно после породувањето.

6. Колку беше подготвен и вклучен во прилагодувањето на живот со новороденче дома, честите ноќни будења, подои, проблеми со доењето итн.

Во сите активности за време на бременоста и после породувањето бев максимално вклучен, сите професионални активности ги одложив за еден месец и целосно бев посветен на детето и мајката. Поддршката што треба да ја даде таткото е многу значајна посебно за првиот месец кога мајката е немоќна и заздравува од породувањето. Обично родителите се фокусираат на породувањето и ретко кој се подготвува за периодот кога бебето ќе го донесете дома. Јас не бев воопшто подготвен за она што следи после породувањето, обично младите родители не се навикнати да се будат често или да им се промени животниот ритам. Како и да е се работи за голема промена на која што родителите мора брзо да се прилагодат и организираат.   

7. Дали претходно присуствуваше на некоја обука во врска со породувањето и ако да, колку ти беше корисна?

За жал претходно не учествувавме во никаква обука за породување. Обуките мислам дека се корисни иако во моментот на породување може да се случи да се заборави се. Од друга страна медицинскиот тим за време на породувањето дава корисни совети околу дишењето, поставеноста итн. Она што може да се стекне со присуството на породување мислам дека не може да се здобие со ниедна обука или книга.

8. Дали на новите татковци би им препорачал присуство на породување (се разбира, доколку се подготвени за тоа).

Новите татковци дефинитивно треба да покажат зрелост и пред се’ да имаат потреба заедно да го доживеат доаѓањето на свет на сопственото дете. На оние што се подготвени за тоа, доколку имаат можност им препорачувам да ја искористат и да присуствуваат на овој значаен момент.

Од срце му благодарам на Миле што сподели еден ваков интимен момент на блогов и се надевам дека ќе биде инспиративен пример за некои идни родители/ки што можеби се двоумат по однос на ова прашање.

*Немам информација за останатите државни родилишта во земјата, но претпоставувам дека во најдобар случај ситуацијата е како на ГАК.

Thursday, October 10, 2013

Интервју со Агнес Годар: Жени во филмот




Во краткото обраќање по доделувањето на наградата, Агнес Годар - првата кинематограферка-лауреатка на признанието за особен придонес на Фестивалот „Браќа Манаки“ - рече дека ја прима во име на сите непознати жени зад камерите чиишто имиња до сега не биле спомнувани и се надева дека оваа статуетка отвора нови врати за многу други од нив.
Скромна и тивка, Агнес се потруди да проговори за дискриминацијата присутна во нејзината фела, иако, како што вели, професионално се труди тој аспект на нештата едноставно да го третира како „дел од работата“.

1. Во феминистичката филмска теорија терминот „машки поглед“ се користи за да го дефинира движењето на камерата и претставувањето на наративната акција од машки агол. Ова е највоочливо во љубовни сцени, кога гледната точка е скоро секогаш таа на хетеросексуалниот маж.
Дали некогаш сте се обиделе да ја изместите оваа перспектива?

Не би била сигурна до кој степен сум се среќавала со ова, иако дефинитивно е присутно како појава; во секој случај, мојата гледна точка е поинаква во смисла дека мене како директорка на фотографија ме интересираат и мажи и жени, а целта не ми е да дадам предност на машкиот принцип - поентата според мене лежи во нешто сосем друго - всушност би рекла дека додека работам, мојата цел е да се обидам да ја дофатам мистеријата на ликот, а со тоа и мистеријата на човечкото суштество, без разлика дали тоа е маж или жена, се стремам да ја разоткријам мистеријата во нив.

2. Во вашиот професионален живот, можете ли да забележите промена во ставот кон жените кинематограферки? Дали работите стануваат полесни? Како ви беше на почетокот, а како е сега?

Да, дефинитивно, има напредок, односно има се’ повеќе жени што работат зад камерата во споредба со порано. Јас сум свесна дека имав многу среќа што сум Французинка, затоа што француските сниматели не само од претходната генерација, туку би рекла и од генерацијата пред нив, им даваа можност и на девојки да работат зад камерата - барем тоа беше мојот случај, но свесна сум дека имав и среќа. Промената сега е во тоа што има многу поголем број жени што работат како режисерки, кинематограферки, асистентки на камера итн. Сепак, се’ уште има еден вид на граница, невидлива бариера затоа што над одредена сума на филмски буџет веќе не може да се најдат жени на оваа позиција. Во високобуџетните филмови се’ уште нема место за жени снимателки, можеби со исклучок на една, мислам во САД.

3. Дали сте почувствувале разлика во работата со мажи и жени режисерки? Дали вам тоа ви играло некаква улога?

Па, вистина е дека повеќе сум работела со жени отколку со мажи, и не знам зошто е тоа така, не е некој свесен избор, едноставно така се склопиле коцките; инаку, мислам дека нема некоја разлика дали е маж или жена во прашање, тоа е личност која треба да се запознае, да се научи како работи и што бара; тоа е само прашање на карактер, а не на сексуален идентитет. Вистина е дека мажите и жените се различни, но тие се ралични како индивидуи, како човечки суштества.
И она што јас секогаш се обидувам е тоа што секогаш правам напор да и’ излезам во пресрет на таа личност, да се обидам да сфатам дали има некоја препрека на патот до она што сакаме да го оствариме и кога има, тоа едноставно го третирам како дел од работата, а не како прашање поврзано со тоа дали режисерот е маж или жена, инаку тоа би била изгубена битка.

4. Дали мислите дека некогаш не сте добиле работа на филм заради тоа што сте жена?

Да, еднаш. Многу ме привлекува темата на воени филмови, многу ми е интересна и морам да признаам дека многу ја сакам и сметам дека е важно да се обработува во филмови, па бев на средба со еден режисер што спремаше ваков филм, но ми кажаа дека не сум избрана поради тоа што сум жена. 

Изненадена сум што ви кажале експлицитно, морам да признаам.

Да, во некои земји така оди тоа, едноставно ви кажуваат во лице; и не знам што е подобро, и што е полесно. Да се навратам на примерот, не ми кажаа директно, ми кажаа подоцна, но и самата претчувствував, веќе ми беше јасно.

5. Во Македонија имаме две академии за филм, но во моментов немаме девојки запишани на катедрите за камера таму*. Како можеме да охрабриме повеќе девојчиња да го најдат својот пат таму?

Би рекла дека најдобриот начин би бил да се пристапи на проблемот е без овој концепт на бидување жена како спротивно на маж. Ако се почне од ваква позиција за кратко време тоа нема да фукционира затоа што тежината на предизвикот е преголема. Сметам дека девојките едноставно треба да го направаат тоа што сакаат, да го изодат својот пат и да не обраќаат многу внимание на тоа, или да го сметаат за дел од работата.

Но што ако средината не го одобрува нивниот избор и се обидува да ги убеди дека тоа не е работа соодветна за девојка, како можат да се борат против тоa?

Па, треба да ја сменат средината, да се обидат да најдат нови луѓе кои би ги поддржале затоа што тоа не е толку рационална работа, и освен ако не се психоаналитичари би им било многу тешко да се борат со тој притисок. И мораат да бидат многу храбри. 

6. Вие сте првата кинематограферка - лауреатка на Наградата за особен придонес во светската филмска уметност. Дали сметате дека има некои други жени-снимателки на коишто требало да им се даде оваа награда досега? Некои жени што се многу добри во нивната работа, но на кои не им било дадено должно признание?

Да, најверојатно, мислам дека има жени што ја заслужиле и пред мене, но не би било многу конструктивно ако се навраќаме на минатото. Да речеме дека ова им дава добра перспектива на работите и кога веќе се случило најверојатно ќе ја отвори вратата за следни добитнички.

7. Што би им советувале на сите девојчиња што сакаат да станат она што сте вие - добра кинематограферка.

Би им кажала дека ако сакаат да го работат ова, ако имаат желба, дека мора да ја задржат својата убеденост и на тој начин ќе успеат. Мислам дека не е добро ако се трудат да се вклопат во постоечкиот стандарден модел; би биле посилни ако останат верни на себе и ги изразуваат своите интимни убедувања. Тоа е најдобриот начин.



Доколку сакате да дознаете нешто повеќе за пристапот на Агнес Годар кон нејзината работа  прочитајте тука и погледнете го ова видео-интервју. За нејзината биографија, кликнете тука.

*информацијата ја добив од студентите на катедрите за камера

Фото: република и фешнел.



Thursday, September 19, 2013

Интервју со Лабина Митевска: Жени во филмот (прв дел)

Лабина Митевска е актерка со меѓународна кариера и една од најспособните продуцентки во Македонија. Исто така, веќе петта година по ред е директорка на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ - Битола, кој во моментов е во тек. Тоа и беше повод да и' поставам неколку прашања во врска со жените и нивната позиција во филмската индустрија.

фото: фешнел


1. Камерата во филмот најчесто снима од машка гледна точка (мажите најчесто ги имаат носечките улоги, во љубовните сцени фокусот е на женското тело како да се претпоставува дека гледачот е хетеросексуален маж, итн). Колку можеш и на кој начин ти лично се трудиш да влијаеш кон изместување на перспективата за публиката да ја прифати и женската позиција и толкување на нештата?

Па јас и Теона постојано делуваме колку што можеме. Свесни сме дека можеби филмскиот бизнис е бизнис каде што овие разлики се најголеми и највоочливи. Едноставно позади камерите има многу малку жени, и се’ уште работите се многу поделени на машки и женски. Пробуваме да делуваме во секој аспект, да менуваме перспектива, да поместуваме граници, да раскажуваме приказни од еден друг агол. Со секое наше дело се бориме против стереотипите, против балканскиот се’ уште многу присутен мачо дух. 

2. Ти си прва жена - директорка на овој фестивал и нагорната линија по која се развива фестивалот е очигледна. Исто така откако ти раководиш може да се забележи постепено зголемување на бројот на жени присутни на фестивалот, често и во улога на лауреатки. Дали мислиш дека порамноправната застапеност и поголемото признание дадено на жените во фестивалскиот и филмскиот свет воопшто, ќе доведе до подобри резултати?

Мора да веруваме дека ќе донесе подобри резултати. Јас секогаш сум оптимистка и единствено така можам да функционирам. За мене беше страшен фактот дека на фестивал со таква традиција досега сме немале кинематограферка - лауреатка на наградите за особен придонес или животно дело. Тоа е застрашувачки. Посебно што навистина има исклучителни директорки на фотографија, како Ањес Годар, како Виржини Сан Мартан, како Наташа Брајер, како Јоланта Дилевска.

3. Кои се важни женски авторитети за тебе на кои и самата се огледуваш?

На многу од нив. На секоја жена што постигнува нешто, на секоја жена која се бори за нешто, на секоја жена која менува нешто, без разлика дали делува глобално или локално, дали е лидерка или хигиеничарка.

4. Мажите што се успешни во својата работа се добро прифатени од околината и често се гордеат со тоа. Од друга страна жените кои се успешни како секогаш да треба да се екстра симпатични за околината да не ги доживува како закана, како нивниот успех да е сам по себе сомнителен па треба да се оправдуваат дека не дошле до висока позиција преку „нечиј кревет“. Што мислиш за ова?

Она што ме провоцира е што секогаш мажите се многу посплотени и многу повеќе се поддржуваат едни со други. Од друга страни многу често тоа кај жените го нема, посебно не на Балканот и во Македонија. Секоја што е исклучителна е напаѓана, секоја што се труди да промени нешто е предмет на потсмев, и секој си дозволува за секого лошо да коментира. И тоа многу често жени го прават на жени - за мене е тоа страшно, убиствено. 

5. Во Холивуд, со ретки исклучоци, многу ретко има улоги за жени над 45 години. Во независниот и европскиот филм ова не е толку изразено, но сепак актерките што се се’ уште актуелни по таа возраст се бројат на прсти, додека сликата на постари мажи со многу млади жени како партнерки е општоприфатена. Дали гледаш постепена промена во овој тренд и дали сметаш дека во одреден момент ќе треба да се откажеш од актерството само поради годините?

Да ова е факт, но во исто време има фантастични примери на жени актерки кои се пробиваат во многу подоцнежни години. Важно е да се создава и креира добра уметност, не е важен квантитетот туку квалитетот. Она што е фантастично со филмската уметност е што останува зад тебе засекогаш. Мене секогаш ми било поважно да остварам квалитетна улога, па макар и да е тоа еден филм во три години, отколку да снимам три лоши филма во една година. Така што овој факт не ме плаши.

6. Кој ти е следен чекор и кој би ти бил најголем предизвик, најголем сон кон кој целиш во животот?

Па моите предизвици доаѓаат дури сега. Со раѓањето на Вега многу нешта се променија. Позитивни промени. Промени во однос на станувањето мајка, како и промени на огромна енергија и креативност која ја имам во однос на мојата кариера. Мислам дека ме чекаат големи предизвици!

7. Минатата година Катрин Денев рече дека секоја жена е феминистка, дури и онаа што најжестоко го одрекува тоа. Ако се земе предвид дека феминизмот е движење за постигнување еднакви права и можности и не се залага за доминација на било кој пол, туку за рамноправност, зошто жените (и мажите) толку се плашат да се прогласат за феминисти/ки?

Навистина не знам зашто е тоа така. И не ги сфаќам овие жени кои велат дека нема разлика, дека не се феминистки, дека не знаат што значи тоа, дека никогаш не осетиле никаква дискриминација. За мене ваквиот став е комплетно слепило. А навистина е тажно во овој прекрасен свет да живееме слепи и да не реагираме на времето кое не' опкружува. Да не се бориме да ги правиме работите подобри, а со тоа да го направиме и светот подобро место за живеење за сите.

за време на фестивалот

Од срце и' благодарам на Лабина што успеа во виорот на цел фестивалски хаос да најде време за да ги одговори овие прашања. И' посакувам уште многу силни улоги, полни сали и аплаузи и филмови што ќе најдат начин да ни ги приближат и оние нераскажани приказни и загушени гласови.

Thursday, September 12, 2013

Интервју со Даниела Ременска

Даниела Ременска ни беше гостинка на последниот настан на Бори се женски - Жени во технологијата. Таа е докторантка на „Free University Amsterdam“ во областа на Компјутерски науки. Се занимава со грид системи, а фокусот ѝ е на формална верификација на однесувањето на дистрибуирани системи. Спонтана и самоуверна, Даниела ни го раскажа својот пат во светот на технологијата, а во ова интервју споделува некои од своите ставови во врска со положбата на жените на пазарот на трудот, а и пошироко, во општеството.


1. Велиш дека дефинитивно не би можела да постигнеш еднакви успеси во моментов кога би имала свое семејство и/или деца. Дали тоа значи дека светот се’ уште има преголеми очекувања од мајките и им задава премногу обврски?

Општествените прилики се такви, неоправдано се очекува мајката да биде таа која ќе посвети најмногу време, внимание и енергија на целото семејство. Не ја оправдувам моменталната поставеност на работите, меѓутоа сум видела дека тоа може и поинаку, па дел од „вината“ ја барам и во нас жените. Повеќето обврски може, а впрочем и треба, да се делегираат подеднакво на партнерот, ако го има.

2. На кој начин ти мислиш дека поширокото општество може да им помогне на девојките талентирани и заинтересирани за технологија да успеат да се пробијат?

„Бори се женски” е еден од начините, и тоа многу важен. Девојките пред се треба да се едуцираат околу нивните можности, треба и некој да ги потсети (а вие тоа го правите на солиден начин!) дека треба храбро да ги следат своите амбиции. Посочување на примери за успешни жени од доменот на нивната (посакувана) професија, колумни, видеа, колку и да е очигледно, сепак функционира, го дава оној елан, мотив за жената да почне длабоко во себе да верува дека е еднакво способна да успее во технологија, индустрија, и било која професионална дејност моментално доминирана од мажи. Барем мене во факултетските години тоа ми беше двигател. Уште повеќе, семејството има голема одговорност и игра клучна улога во оформувањето на секоја личност, особено во адолесцентските години. Родителите и блиските кругови се тие кои стимулираат интерес за технологија, а за жал можат да бидат и најчесто тие кои ја стигматизираат жената, оставајќи пример преку нивното секојдневие.

3. Дали се имаш најдено во ситуација да се чувствуваш супериорно затоа што работиш во традиционално доминирана од мажи?

Да. Вниманието кое една жена го добива во околина доминирана од мажи може да биде изненадувачки големо. Веројатно во исто толку ситуации сум се почуствувала и инфериорно, меѓутоа дури и во технолошки-развиени земји како западните, со посебно внимание се слуша обраќањето на жена на состанок, конференција или симпозиум. Се случувало да чуствувам дека добивам и асиметричен feedback и помош во работата, во однос на мажите во мојата непосредна работна средина, па единствен начин на објаснување на таа асиметрија да го препишам на фактот дека сум жена. Уште повеќе, жените имаат сосема поинаков начин на резонирање, посебно во технологија, а тоа им дава предност. Многу почесто обрнуваат внимание на детали, поскромно гледаат на своите способности, па затоа и повеќекратно го ревидираат сработеното, а ефектот е дека (генерално, оти е тешко да се квантификува прецизно) квалитетот на произлезените артефакти е повисок кај жените во индустрија, имам чуство.

4. Што мислиш дека би биле придобивките од зголемен процент на жени во технологија и на раководни место во технолошките гранки?

Ако се искористи потенцијалот кој жените го имаат да придонесат во технологија, наука, и слично, а за кој статистиките говорат дека е во голема мера неискористен, никој не може да загуби, светот може само да стане подобро и поинтересно место за живеење. Многу често забораваме дека борбите како онаа што Бори се женски ги води, немаат и никогаш ќе немаат агенда да го намалат процентот на мажи од индустрија, за сметка на застапеност на жени. Веројатно технологијата, па и општо светот кој би бил резултат од поголема застапеност на жените, би бил поинаков, во подобра смисла. Тешко е да се предвиди, меѓутоа можам да си замислам технологија која е повеќе environment-aware, фокусирана на подобрување на здравство, образование и слично. Би бил тоа малку поинаков капитализам од оној суровиот со „борба со вратоврски” во кој живееме.

5. Голем број на жени се на удар во феминистичките кругови затоа што го прифаќаат “машкиот“ начин на борба, што подразбира успех и профит по секоја цена и пораз за конкуренцијата без разлика на тоа кои би биле последиците и без притоа во предвид да се има предвид поширокиот социјален, еколошки контекст. Еден таков пример е и Мариса Мејер (Главна извршна директорка на Јаху!) која беше најпрво остро критикувана затоа што реши да се врати на работа многу кратко време по породувањето, на тој начин вршејќи додатен притисок на новите мајки што побрзо да се вратат на пазарот на трудот, иако е малку познат факт дека до својата канцеларија изгради соба/игрална за својот син којшто и’ е постојано во близина. Истовремено, на вработените во Јаху им ја укина можноста да работат од дома, оневозможувајќи им ја истата привилегија и ним – да бидат блиску до своите деца додека работат.
Знам дека ти ја почитуваш Мариса Мејер, па како би го коментирала ова?

Она што вие го посочувате како „машки” начин на борба, мене повеќе ми звучи на дефиниција за моментално поставениот капитализам, и лично сѐ уште се плашам да го ставам во gender конотација. Од друга страна: да, капитализмот е таков оти водечка куповна и одлучувачка моќ сѐ уште имаат мажите. Во никој случај не би поддржала полиса која експлицитно им ги отежнува секојдневијата на мажите и жените инженери кои жонглираат помеѓу грижата за деца и нивното напредување во кариера. Искрено, не ги познавам доволно полисите за работен однос во западните земји на тема родителство, па мојот став е недоволно оформен, на основа на туѓи искуства. Ме зачудува фактот што и во една земја како Холандија, жените имаат институционално загарантирано право на само околу 3 месеци породилно отсуство.
Сепак сметам дека во случајов таа сторија околу Мариса Мејер е извадена од контекст. Ако добро се сеќавам, со претходната политика на работење Yahoo! одеше стрмоглаво по долна линија, а тоа може да биде подеднакво погубно за вработените со оформено семејство. Помалку е познат фактот дека истата таа Мариса е отстранета од својата (тогаш во Google) водечка позиција бидејќи на тројца влијателни мажи инженери не им одговарала политиката на темелно ревидирање и лично пречешлување на секоја UI-промена од нејзина страна, па со тој „машки” начин на борба, поставиле ултиматум до самите основачи на Google: „или ние или Мариса, некој мора да си оди”.

6. Во моментов во Македонија актуелни се владините кампањи за многудетни семејства и против абортус. Што мислиш на каква порака ова им праќа жените и начинот на кој се доживуваат од околината?

Апсолутно промашена кампања која на жените гледа како кон родилки, кои во Македонија служат само и единствено за приплод. Самото читање на ова прашање буди гнев кај мене. Се движиме во погрешна насока со кампањи од ваков вид, јас паметам едни времиња во кои овде абортусот беше личен избор на оној кој го поседува телото, и никој тоа не се ни осмелуваше да го спори.

7. Би можела ли на кратко да ги споредиш Македонија и Холандија по однос на полова дискриминација? Кои добри практики би можела едната земја да ги преземе од другата?

Иако делува дека таа битка за рамноправност е извојувана, во Холандија успешно функционираат организации кои стимулираат жени во технологија и наука. Ефектите од работата на ваквите организации многу темелно, сериозно, и континуирано се чешлаат и анализираат. Значи не станува збор за про-форма организации. Добро познато е дека Холандија е земја каде полова, сексуална, етничка, или било каква друга форма на дискриминација е одамна надмината работа. Законски, двајцата родители имаат исто право на неплатено отсуство заради родителски обврски кон детето. Би сакала да го видам ефектот од таков еден закон во Македонија, на пример. Од друга страна, како што реков, загарантирано породилно отсуство од само три месеци звучи страшно.

8. Си била ли во ситуација во животот да се спротивставиш на машки авторитети кои се обидувале да те омаловажат или не ти давале должно признание само поради полот?

Сум била во ситуација каде во тим со мажи сум морала да вложам дополнителен напор за да докажам дека направеното, или она што сакам да го направам, вреди, бидејќи од старт се гледало со скептицизам.

9. Нашиот јазик обилува со фрази и изрази кои го величаат машкиот принцип како храбар и силен: „прво па машко“, „има мадиња“, „машки му влезе“ повеќето од кои особено пофално се доживуваат кога се упатени кон жена. Колку мислиш дека оваа реторика ја застапуваш и самата и дали можеби е потребно да се изврши „ревизија“ на овие изрази?

Не се исклучувам себе си од користење на такви фрази, и не ги сметам за фатални. Ниедна нација ни земја не е со комплетно gender-free речник, ќе поминат столетија пред тие да станат застарени.

10. И за крај, што за тебе значи да се бориш „машки“ и да се бориш „женски“?

Повеќе пати пробувам да одговорам прецизно и концизно, ама безуспешно. Најблиску до она што јас го чуствувам како „женска“ борба е дефиницијата во која емоциите и свесноста за општиот ефект на таа борба кон пошироката околина, не се исклучени или свесно минимизирани до ниво на исчезнување, од секојдневното донесување одлуки во професионалната средина.


Ѝ благодарам на Даниела за времето што го оддвои за ова интервју, и за концизните, искрени одговори што ги даде. Се надевам во иднина повторно ќе имаме прилика да ги продискутираме и актуелизираме овие теми и да констатираме напредок, а во меѓувреме ѝ посакувам успешно да чекори напред и да продолжи да ги крши стереотипите и „стаклените плафони“ во име на сите жени насекаде.

фото: Драгица Николовска
за резиме на настанот кликнете тука