Showing posts with label цицки. Show all posts
Showing posts with label цицки. Show all posts

Saturday, May 17, 2014

За Кончита

Повеќе од една недела по фамозната победа на Кончита Вурст, низ Интернетот, особено на друштвените мрежи, се' уште не стивнуваат реакциите по однос на нејзиниот изглед и сексуалност.

Искрено, не планирав да пишувам ништо на темата, но со оглед на тоа што бескрајните натегања и изнесени ставови по коментари на фб и твитови често се повторуваат до бескрај, решив тука да чкртнам неколку мои размисли во врска со скандализираноста на голем дел од само-прогласените „прогресивни нехомофоби/ки“.



Во голема мера се согласувам со ставот на Горан Милетиќ, дека она што е проблематично кај Кончита, не е тоа што е транссексуалка, туку брадата што ја прави нејзината транссексуалност не само видлива туку и впечатлива. Без брада, Кончита би ја отелотворувала совршената трансформација и претопување на маж во жена, со сите нишани на традиционална, општествено пожелна женственост - долга коса, вита става, убавата кожа, средени нокти, совршена шминка. Но како шлаг на тортата, таа се решава на цел тој ултра-женствен изглед  да му спротивстави една крајно нетипична, тотално незамислива, апсолутно неодобрена - брада! - на тој начин свесно пркосејќи му на сеприсутниот „машкиот поглед“ кој спречува, осудува и дисциплинира и кој е навикнат луѓето, особено жените, да му се умилкуваат, да се плашат од него, да се казнуват и измачуваат само за да не ги фати „на заб“. Со тоа Кончита јасно кажува дека не само што е жена, туку е и жена на која што не и' е гајле што ќе мислат другите за нејзиниот изглед, а тоа, и покрај толку години борба за  рамноправност на половите, е се' уште непростливо.

Кончита самостојно го конструира својот род и изглед редефинирајќи го поимот за она што треба да биде една „вистинска жена“, избирајќи навидум противречни облежја, што јавноста го доживува шокантно, дури и во време кога границите помеѓу родовите постепено се бришат. Имено, наместо да се срами од фактот што е транссексуалка, наместо да сака да го прикрие и да направи тоа да биде што е можно понезабележливо, таа гордо ја носи брадата како симбол на нејзината различност.

Токму поради тоа, многу луѓе што не се сметаат за хомофоби/ки се згадени од (самоконструираниот) изглед на Кончита и сметаат дека доколку јавно го изнесат тоа не повредуваат ничии права, исто како што секојдневно сметаме дека нема ништо лошо во тоа да се исмеваме со и срамуваме жени со влакна под мишки, небричени нозе, дебели газови, гнасни целулити, силиконски цицки, неприродни усни (последниве две се особено амбивалетни, затоа што се сметаат за општествено пожелни, а парадоксално, жените што подлегнуваат на притисокот и физички се менуваат за да станат „соодветни и пожелни“, повторно бидуваат исмевани). 

Пораката што јавноста сака да и' ја прати на Кончита е дека нема (скоро) ништо против нејзината одлука да биде транссексуалка, туку против нејзината одлука како ќе изгледа како (транс)жена и нејзиното категорично прифаќање и несрамење од својата различност.

За крај, само потсетување дека денес е Меѓународен ден против хомофобијата и трансфобијата, па по тој повод преиспитајте ги своите ставови кон различноста и личниот избор.



Friday, December 20, 2013

Доење во јавност и негови прикази по друштвените мрежи

Што мислите, која од овие слики е општествено поприфатлива и понеподложна на цензура? 





Ако случајно одговоривте 2, тогаш претпоставувам сте дел од малцинството што нема проблем со доење во јавност и слики и графички прикази на доење - што, да повториме, всушност е хранење бебе или мало дете. Клучниот проблем тука е тоа што овој тип на хранење подразбира разголена града/дојка, популарно наречена цицка, а најголем дел од луѓето се шокираат и имаат проблем овој дел од женското тело да го прифатат во неговата основна фукнција, т.е. го доживуваат строго како сексуален предмет и не сакаат да судрат со било каков приказ што би им ја попречил или комплетно уништил оваа перцепција. (Политиката забранети-брадавици на фб и инстаграм баш и не држи вода зашто често слики од доење на кои нема ни трага од брадавиците се острануваат и забрануваат.)

Најчести (и според мене сосем невалидни) аргументи за тоа зошто доењето во јавност и фотографии од доење по друштвените мрежи не се соодветни, се тоа дека:
1. Доењето е света работа што не треба да се десакрализира по овој пат (се табуизира хранењето, т.е. преживувањето),
2. Дека на тој начин мајките се изложуваат на ризик на злоупотреба на нивните фотографии (што во оваа дигитална ера и онака е многу лесно во било кој контекст), или
3. Дека е невкусно да се покажуваат виснати цицки на сите страни во ваков конзумеристички свет што претпочита силиконски импланти.

Доењето исто така, барем делумно ја подрива дихотомијата курва-светица, која е еден од најмоќните начини за контрола на перцепцијата на жената како нецелосно (редуцирано, неавтономно) битие, со тоа што ги спојува голата цицка (суштинско и истакнато обележје на анатомијата на курвата) со хранењето и грижата за мало дете (суштинско обележје на светицата).

Свесна сум дека ова е тема што ќе доведе до гласен (или премолчен) отпор дури и кај луѓето со кои делам слични ставови по многу други теми, но се’ додека не се започне со преиспитување на овој доминантен дискурс ќе имаме свет во кој ќе преовладуваат слики  (и реалност) во кои објектификацијата на жената се смета за нормална и пожелна:



 а се цензурира нешто толку неопходно и секојдневно како доењето: