Thursday, September 12, 2013

Интервју со Даниела Ременска

Даниела Ременска ни беше гостинка на последниот настан на Бори се женски - Жени во технологијата. Таа е докторантка на „Free University Amsterdam“ во областа на Компјутерски науки. Се занимава со грид системи, а фокусот ѝ е на формална верификација на однесувањето на дистрибуирани системи. Спонтана и самоуверна, Даниела ни го раскажа својот пат во светот на технологијата, а во ова интервју споделува некои од своите ставови во врска со положбата на жените на пазарот на трудот, а и пошироко, во општеството.


1. Велиш дека дефинитивно не би можела да постигнеш еднакви успеси во моментов кога би имала свое семејство и/или деца. Дали тоа значи дека светот се’ уште има преголеми очекувања од мајките и им задава премногу обврски?

Општествените прилики се такви, неоправдано се очекува мајката да биде таа која ќе посвети најмногу време, внимание и енергија на целото семејство. Не ја оправдувам моменталната поставеност на работите, меѓутоа сум видела дека тоа може и поинаку, па дел од „вината“ ја барам и во нас жените. Повеќето обврски може, а впрочем и треба, да се делегираат подеднакво на партнерот, ако го има.

2. На кој начин ти мислиш дека поширокото општество може да им помогне на девојките талентирани и заинтересирани за технологија да успеат да се пробијат?

„Бори се женски” е еден од начините, и тоа многу важен. Девојките пред се треба да се едуцираат околу нивните можности, треба и некој да ги потсети (а вие тоа го правите на солиден начин!) дека треба храбро да ги следат своите амбиции. Посочување на примери за успешни жени од доменот на нивната (посакувана) професија, колумни, видеа, колку и да е очигледно, сепак функционира, го дава оној елан, мотив за жената да почне длабоко во себе да верува дека е еднакво способна да успее во технологија, индустрија, и било која професионална дејност моментално доминирана од мажи. Барем мене во факултетските години тоа ми беше двигател. Уште повеќе, семејството има голема одговорност и игра клучна улога во оформувањето на секоја личност, особено во адолесцентските години. Родителите и блиските кругови се тие кои стимулираат интерес за технологија, а за жал можат да бидат и најчесто тие кои ја стигматизираат жената, оставајќи пример преку нивното секојдневие.

3. Дали се имаш најдено во ситуација да се чувствуваш супериорно затоа што работиш во традиционално доминирана од мажи?

Да. Вниманието кое една жена го добива во околина доминирана од мажи може да биде изненадувачки големо. Веројатно во исто толку ситуации сум се почуствувала и инфериорно, меѓутоа дури и во технолошки-развиени земји како западните, со посебно внимание се слуша обраќањето на жена на состанок, конференција или симпозиум. Се случувало да чуствувам дека добивам и асиметричен feedback и помош во работата, во однос на мажите во мојата непосредна работна средина, па единствен начин на објаснување на таа асиметрија да го препишам на фактот дека сум жена. Уште повеќе, жените имаат сосема поинаков начин на резонирање, посебно во технологија, а тоа им дава предност. Многу почесто обрнуваат внимание на детали, поскромно гледаат на своите способности, па затоа и повеќекратно го ревидираат сработеното, а ефектот е дека (генерално, оти е тешко да се квантификува прецизно) квалитетот на произлезените артефакти е повисок кај жените во индустрија, имам чуство.

4. Што мислиш дека би биле придобивките од зголемен процент на жени во технологија и на раководни место во технолошките гранки?

Ако се искористи потенцијалот кој жените го имаат да придонесат во технологија, наука, и слично, а за кој статистиките говорат дека е во голема мера неискористен, никој не може да загуби, светот може само да стане подобро и поинтересно место за живеење. Многу често забораваме дека борбите како онаа што Бори се женски ги води, немаат и никогаш ќе немаат агенда да го намалат процентот на мажи од индустрија, за сметка на застапеност на жени. Веројатно технологијата, па и општо светот кој би бил резултат од поголема застапеност на жените, би бил поинаков, во подобра смисла. Тешко е да се предвиди, меѓутоа можам да си замислам технологија која е повеќе environment-aware, фокусирана на подобрување на здравство, образование и слично. Би бил тоа малку поинаков капитализам од оној суровиот со „борба со вратоврски” во кој живееме.

5. Голем број на жени се на удар во феминистичките кругови затоа што го прифаќаат “машкиот“ начин на борба, што подразбира успех и профит по секоја цена и пораз за конкуренцијата без разлика на тоа кои би биле последиците и без притоа во предвид да се има предвид поширокиот социјален, еколошки контекст. Еден таков пример е и Мариса Мејер (Главна извршна директорка на Јаху!) која беше најпрво остро критикувана затоа што реши да се врати на работа многу кратко време по породувањето, на тој начин вршејќи додатен притисок на новите мајки што побрзо да се вратат на пазарот на трудот, иако е малку познат факт дека до својата канцеларија изгради соба/игрална за својот син којшто и’ е постојано во близина. Истовремено, на вработените во Јаху им ја укина можноста да работат од дома, оневозможувајќи им ја истата привилегија и ним – да бидат блиску до своите деца додека работат.
Знам дека ти ја почитуваш Мариса Мејер, па како би го коментирала ова?

Она што вие го посочувате како „машки” начин на борба, мене повеќе ми звучи на дефиниција за моментално поставениот капитализам, и лично сѐ уште се плашам да го ставам во gender конотација. Од друга страна: да, капитализмот е таков оти водечка куповна и одлучувачка моќ сѐ уште имаат мажите. Во никој случај не би поддржала полиса која експлицитно им ги отежнува секојдневијата на мажите и жените инженери кои жонглираат помеѓу грижата за деца и нивното напредување во кариера. Искрено, не ги познавам доволно полисите за работен однос во западните земји на тема родителство, па мојот став е недоволно оформен, на основа на туѓи искуства. Ме зачудува фактот што и во една земја како Холандија, жените имаат институционално загарантирано право на само околу 3 месеци породилно отсуство.
Сепак сметам дека во случајов таа сторија околу Мариса Мејер е извадена од контекст. Ако добро се сеќавам, со претходната политика на работење Yahoo! одеше стрмоглаво по долна линија, а тоа може да биде подеднакво погубно за вработените со оформено семејство. Помалку е познат фактот дека истата таа Мариса е отстранета од својата (тогаш во Google) водечка позиција бидејќи на тројца влијателни мажи инженери не им одговарала политиката на темелно ревидирање и лично пречешлување на секоја UI-промена од нејзина страна, па со тој „машки” начин на борба, поставиле ултиматум до самите основачи на Google: „или ние или Мариса, некој мора да си оди”.

6. Во моментов во Македонија актуелни се владините кампањи за многудетни семејства и против абортус. Што мислиш на каква порака ова им праќа жените и начинот на кој се доживуваат од околината?

Апсолутно промашена кампања која на жените гледа како кон родилки, кои во Македонија служат само и единствено за приплод. Самото читање на ова прашање буди гнев кај мене. Се движиме во погрешна насока со кампањи од ваков вид, јас паметам едни времиња во кои овде абортусот беше личен избор на оној кој го поседува телото, и никој тоа не се ни осмелуваше да го спори.

7. Би можела ли на кратко да ги споредиш Македонија и Холандија по однос на полова дискриминација? Кои добри практики би можела едната земја да ги преземе од другата?

Иако делува дека таа битка за рамноправност е извојувана, во Холандија успешно функционираат организации кои стимулираат жени во технологија и наука. Ефектите од работата на ваквите организации многу темелно, сериозно, и континуирано се чешлаат и анализираат. Значи не станува збор за про-форма организации. Добро познато е дека Холандија е земја каде полова, сексуална, етничка, или било каква друга форма на дискриминација е одамна надмината работа. Законски, двајцата родители имаат исто право на неплатено отсуство заради родителски обврски кон детето. Би сакала да го видам ефектот од таков еден закон во Македонија, на пример. Од друга страна, како што реков, загарантирано породилно отсуство од само три месеци звучи страшно.

8. Си била ли во ситуација во животот да се спротивставиш на машки авторитети кои се обидувале да те омаловажат или не ти давале должно признание само поради полот?

Сум била во ситуација каде во тим со мажи сум морала да вложам дополнителен напор за да докажам дека направеното, или она што сакам да го направам, вреди, бидејќи од старт се гледало со скептицизам.

9. Нашиот јазик обилува со фрази и изрази кои го величаат машкиот принцип како храбар и силен: „прво па машко“, „има мадиња“, „машки му влезе“ повеќето од кои особено пофално се доживуваат кога се упатени кон жена. Колку мислиш дека оваа реторика ја застапуваш и самата и дали можеби е потребно да се изврши „ревизија“ на овие изрази?

Не се исклучувам себе си од користење на такви фрази, и не ги сметам за фатални. Ниедна нација ни земја не е со комплетно gender-free речник, ќе поминат столетија пред тие да станат застарени.

10. И за крај, што за тебе значи да се бориш „машки“ и да се бориш „женски“?

Повеќе пати пробувам да одговорам прецизно и концизно, ама безуспешно. Најблиску до она што јас го чуствувам како „женска“ борба е дефиницијата во која емоциите и свесноста за општиот ефект на таа борба кон пошироката околина, не се исклучени или свесно минимизирани до ниво на исчезнување, од секојдневното донесување одлуки во професионалната средина.


Ѝ благодарам на Даниела за времето што го оддвои за ова интервју, и за концизните, искрени одговори што ги даде. Се надевам во иднина повторно ќе имаме прилика да ги продискутираме и актуелизираме овие теми и да констатираме напредок, а во меѓувреме ѝ посакувам успешно да чекори напред и да продолжи да ги крши стереотипите и „стаклените плафони“ во име на сите жени насекаде.

фото: Драгица Николовска
за резиме на настанот кликнете тука

Wednesday, September 11, 2013

Повторно тука

Веќе подолго време не сум пишала на блогот, најмногу поради презафатеност. Но, во последно време успеав да најдам малку повеќе слободно време, а имаше и доста настани вредни за споделување, па еве ме пак. Се надевам дека ќе успеам малку поредовно да го одржувам овој мал блог, а во меѓувреме ќе ги ажурирам досегашните постови со превод на англиски, ќе го средам малку дизајнот, и ќе ги поделам постовите по теми. 

Она што следува е колумна што ја напишав за Радио Слободна Европа, по повод настанот организиран од Бори се женски - Жени во технологијата. 




Некаде во средношколските години, во периодот кога требаше да се избира професија, еден од најчестите коментари на околината кога ќе кажев за кои факултети размислувам беше тоа дали се “добри за женско”. На почетокот мислев дека тоа е само поради традиционалното доживување на жената како добра негувателка и учителка, полна со љубов и разбирање за другите. Подоцна увидов всушност дека она што најчесто се смета за професија која е “добра за жена” е онаа во која таа нема да има голема можност за професионално надградување и усовршување и пристап до позиции на моќ, од што може да се заклучи дека општеството жените однапред ги подготвува да посветат повеќе време и да ги преземат главните одговорности околу семејството и домот. Понатаму, овие гранки и се стандардно помалку платени во споредба со традиционалните машки професии како технологија, индустрија, бизнис, адвокатура, и „попрестижните“ гранки на медицината како хирургија и неврологија, што на некој начин однапред ја контролира економската моќ на жените, успевајќи делумно да ги задржи финансиски зависни.

Светските статистики ни зборуваат дека жените се се’ уште убедливо малцинство во технолошките професии. Од податоците од Државниот завод за статистика може да се дојде до заклучок дека кај нас не само што далеку помалку девојки се запишуваат на електротехничките и машинските факултети во споредба со момчиња, туку дека и покрај позитивните растечки трендови од пред неколку години, во моментов нивниот процент прогресивно паѓа според податоците за дипломирани студенти/ки и уште повеќе понатаму во статистиката за вработување. Ова укажува на општествени текови кои и понатаму се во главно, најблаго речено, обесхрабрувачки за жените што излегуваат од зацртаните рамки и се обидуваат во гранка традиционално доминирана од мажи.

Како дел од активностите на неформалниот колектив “Бори се женски”, на 4 септември имавме настан на кој во фокусот ни беа жените во технологијата и на пазарот на трудот воопшто. Гостинка на настанот беше Даниела Ременска, докторантка на „Free University Amsterdam“ во областа на Компјутерски науки. Таа се занимава со грид системи, а фокусот и’ е на формалната верификација на однесувањето на дистрибуирани системи. Има објавено и научен труд за НАСА. Даниела е еден брилијантен ум, способна и самоуверена жена што не се плаши да сонува за (условно речено) невозможното и да најде начин да ги оствари своите соништа и на тој начин преку личен пример се бори во името на илјадници други млади жени што можеби не израснале во толку стимулативни средини, или пак немаат поддршка од поблиската и поширока заедница да го следат својот пат, па продолжуваат во општествено „посоодветни“ професии за женско.

За време на краткиот престој во Скопје, ја поканивме да ни зборува за личните искуства – за тоа што значи да се биде жена која се занимава со технологија. Раскажувајќи ни за сопствениот пат, Даниела ни кажа дека ретко била соочена со директна дискриминација, но сепак призна дека најчесто е единствена жена во колегиуми составени од мажи, и дека вообичаено на почетокот мора дополнително да се докажува за дури потоа да биде прифатена како рамноправна и еднакво способна. Исто така ни посочи дека од нејзино искуство жените најчесто систематски го припишуваат својот успех на среќни околности и надворешни фактори, за разлика од мажите што повеќе акцент ставаат на сопствената способност и талент. На прашањето дали би можела да го постигне сето тоа кога би имала семејство во дадените општествени услови, нејзиниот одговор беше категорично „не“.

Уште еден заклучок што се наметна по дискусијата со присутните на настанот е дека „привилегираните“ луѓе кај нас во голема мера не се свесни за поширокиот општествен контекст и сметаат дека борбата за женски права се сведува на индивидуален избор и успех на жената да се наметне во средината, притоа имајќи ги предвид само жените од заедниците блиски до себе кои во главно се со високо образование и солидна економска моќ. Не ја гледаат корелацијата на постојаните ограничувања и девалвација на жената од страна на државните системи и нивните практични последици во секојдневниот живот. Се добива впечаток дека нашите граѓани/ки цврсто држат до ставот дека женските права се веќе извојувана битка, или уште полошо, дека самите жени се виновни за своите патила, без притоа да се свесни за едноставни факти како тој дека во Македонија се’ уште само 2 проценти од жените поседуваат имот на нивно име, или дека голем дел од семејното насилство останува непријавено и се третира како „домашен проблем“.

Може да се заклучи дека има уште многу што да се направи за подобрување на ситуацијата и во поглед на институционална поддршка, и во однос на подигнување на свеста во врска со родовата дискриминација на пазарот на трудот. Даниела може да ни послужи како инспиративен пример и модел за младите девојчиња кои загушени од притисокот на околината се откажуваат од своите соништа, но ни треба уште многу работа за да дојдеме до ситуација во која талентот и напорната работа ќе се оние кои го одредуваат патот кон успехот, а не полот и општествените очекувања врзани за него.

линк до колумната на страната на радио слободна европа:




Tuesday, April 2, 2013

Сајбер-малтретирање (текст на Бори се женски објавен во Здруженски весник)



Иако најголем процент од жртвите на сајбер малтретирање (cyber-bullying) се тинејџер(к)и, никој не може да биде заштитен од оваа современа напаст. Доволно е некоја недобронамерна личност да ви го „фрли пикот“ и да ве начека кога сте малку поневнимателни или поранливи за да почне со напади кои можат да имаат и страшни последици.

            Кога била во седмо одделение, Аманда Тод на интернет запознала лик кој преку ласкање и манипулација успеал да ја наговори да му ги покаже градите. По една година истиот насилник ја пронашол на фејсбук и и’ се заканил дека ако не му „приреди шоу“ ќе ги прикаже разголените слики од неа на сите нејзини познати. Речено – сторено, сликите биле објавени, и очекувано, станале многу популарни кај децата од нејзиното училиште кои почнале да ја напаѓаат и исмеваат резултирајќи со депресија кај девојчето.

            Во обид да го избегне малтретирањето, Аманда три пати менувала училиште, а ниту преселбата на семејството во друг град не го спречило насилникот секојпат одново да ја пронајде и праќа компримитирачки слики од неа во нејзините нови друштвени кругови. Посетите на психијатар, во комбинација со анти-депресиви не успеале многу да и’ помогнат. Девојката почнала да се самоповредува и да размислува за самоубиство. Во септември 2012 г. снимила видео клип во кој ја раскажува својата тажна приказна. Во октомври 2012 г. родителите го пронашле нејзиното безживотно тело во нивниот дом во Британска Колумбија, Канада.
            И покрај сериозните последици од сајбер-малтретирањето, кои можат да бидат и  трагични како во споменатиот случај, жално е што најчесто е потребно да дојде до ескалација на сајбер-малтретирањето за да се покрене акција. Уште пожално е што има огромен број на помалку екстремни случаи што секојдневно се занемаруваат и што кај нас се’ уште премалку се зборува за овој проблем.
           
             Извесно е дека сајбер-заплашувањето веќе на големо постои и кај нас, особено меѓу младата популација, а најчеста мета подложна на овој тип на агресија се непопуларните деца, и децата од маргинализираните групи. На фејсбук од 2010 г. постои страна направена од тинејџери од едно наше мало гратче чијшто наслов прозива некое локално девојче по име и презиме и ја нарекува курва.
            Всушност и самата интернет експанзија веројатно се случува подоцна во споредба со Канада и Америка па и негативните последици се’ уште не зеле полн замав. Според тамошните статистики, околу 32 проценти од тинејџерите активни на интернет биле цел на вакви напади во одреден момент, а најчести жртви на ова малтретирање се девојчиња, особено оние од возрасната група од 15 до 17 години..

            Интернетот се’ почесто станува место каде жените и нивниот изглед се предмет на критика. Индикативен е случајот на  професорката по класични студии Мери Бирд на Универзитетот Кембриџ, која во јавноста изнела непопуларни ставови во врска со европските емигранти во Британија.  Резултат: лавина негативни реакции и во најмала рака невкусни коментари за нејзиниот изглед. Според Мери Бирд, таквата женомразечка реакција би била доволна да заплаши било која жена повторно да се појави во јавност. 

Уште поекстремна е приказната на Анита Саркеесиан, канадско-американска феминистка, истражувачка и блогерка, којашто на интернет поставила видео клип во кој го претставува својот нов проект – истражување за родовите стереотипи во видео-игрите, со цел да собере средства за негово финансирање. Самиот видео клип предизвикал неверојатна негативна реакција со бројни агресивни сексистички коментари и дури и видео игра во која целта е да се претепа студентката што истражува. Нејзиниот блог бил постојана мета на хакери проследени со обиди да се разоткријат и објават нејзините лични податоци. Добрата страна на ова е што Анита успеала да ги собере потребните средства за истражувањето за помалку од 24 часа и што случајот помогнал да се подигне свеста за мизогинијата и постојаната сексуална злоупотреба на жените во видео игрите и да се отвори дискусија по однос на ова прашање во популарните медиуми.




            Ваквите појави не се непознати ни за нашата локална средина. Овој јануари на својот блог напишав текст (подоцна преземен од страна на левичарското движење Солидарност и порталот Окно), во кој се осврнав на македонската твитер заедница, поконкретно на еден хаштаг како пример за место каде се генерира мизогинија, која верувам понатаму може да заземе различни малигни форми на интернет и пошироко во општеството. Членовите на македонската твитер заедница тоа го сфатија лично, што резултираше со хаштаг #АнаВасилева во кој бев прозвана по име и презиме и напаѓана по секаква основа, се разбира најчесто сексуална, поради моите ставови. На тој начин не само што се даде додатен легитимитет на мојата теза, туку се покажа и дека општата свесност во врска со родовите прашања е се’ уште многу ниска.

            Секако дека би било наивно да се очекува каков и да е општествен или цивилизациски напредок без негативни последици, па таков е и случајот со новата „сајбер“ цивилизација, во која дури и понагласено доаѓаат до израз темните страни на човековата личност. Особено поради можноста секој да си ги промовира јавно своите идеи и дела, а неретко и своите интимни „податоци“, а со тоа да ги направи достапни на многу помалку или повеќе љубопитни очи, меѓу кои и некои што не се баш солидно култивирани и воспитани.



Monday, February 25, 2013

Гостување во канал 103


На 27ми јануари на Канал103, во терминот резервиран за Емисијата за дигитална слобода, Ива Галевска, Тамара Атанасоска и јас бевме поканети како гостинки да разговаме за кибер-феминизам, мизогинија на интернет, жени-хакери итн.

Поводот за тоа беше мојот претходен пост (преземен од страна на блогот на солидарност и порталот окно), во кој се осврнав на македонската твитер заедница, поконкретно на еден хаштаг како пример за место каде се генерира мизогинија која верувам понатаму може да заземе различни малигни форми на интернет и пошироко во општеството. Членовите на твитер заедницата тоа го сфатија лично, што резултираше со хаштаг #АнаВасилева (овој линк е до твитер бот што ги агрегираше сите твитови од хаштагот) во кој бев прозвана по име и презиме и напаѓана по секаква основа, се разбира најчесто сексуална, поради моите ставови. На тој начин не само што се даде додатен легитимитет на мојата теза, туку се покажа и дека општата свесност во врска со родовите прашањa е уште пониска отколку што мислев.

Ова е снимката од радио-емисијата, а деловите кога сме во етер се од: 3:53 - 23:30min; 33:30 - 45:50min; 56:00 - 1:21:21min; 1:26:40 - 1:41:50min.

подкаст сподели

Сакам од срце да се заблагодарам на сите ФЕМИНИСТИ/КИ што ме поддржаа и охрабрија кога бев напаѓана и што се дел од Бори се женски, или ги препознаваат нашите заложби кон позитивна промена во општеството. На девојките со кои заедно се бориме ќе им бидат посветени посебни постови:)

За крај би сакала да кажам дека стилот на овој блог ќе остане ист, и дека и понатаму ќе пишувам за теми како родителство, музика, феминизам, стил, се’ она што ќе ми фати око. Пристапот ќе биде од весел и несериозен до сосем критички во зависност од темата. Ако некој е заинтересиран за дискусија на тема на феминизам на повисоко ниво, нека прочепка по блогот на Jасна Kотеска - ќе најде различни текстови, а ако претпочитате визуелни медиуми, еве може да го консултирате и Жижек.

Се читаме другари/ки
хохо

Tuesday, January 15, 2013

Неколку факти

Во овој пост ќе се осврнам на една трагедија што го одбележа последниот месец од 2012. 23-годишна девојка од Њу Делхи, Индија била групно силувана и брутално претепана од банда од шест мажи. Освен што ја силувале, напаѓачите исто така и’ ја распарале вагината со метална шипка, при што и ги повредиле цревата. Потоа заедно со нејзиниот партнер, кој исто така бил претепан, била исфрлена од автобусот и оставена покрај патот да умре. Според изворите, голем дел од луѓето што ја виделе не се ни обиделе да и’ помогнат.


Кога стигнала во болница девојката имала само 5 проценти од цревата се’ уште внатре во телото. Откако неколку пати била во критична состојба девојката им подлегнала на повредите и починала 13 дена по силувањето.

Претходно, во март, слична приказна се случи поблиску до нас, во Миколаев, Украина, каде тинејџерката Оксана Макар исто така била групно силувана, давена со кабел и запалена, па оставена да гори (на тивко) зашто мислеле дека е мртва. Била хоспитализирана во критичина состојба со изгореници по 55 проценти од телото, и оштетени бели дробови. И биле ампутирани двете стапала и едната рака. По три недели подлегнала на повредите.

Тројца напаѓачи биле уапсени, но двајца од нив биле ослободени веќе наредниот ден, заради политичките врски на нивните родители (покасно под притисок на јавноста повторно биле уапсени). Девојката беше напаѓана како промискуитетна, а во одбрана на обвинетите (кои признаа), се нудеа аргументи дека девојкатата ги провоцирала со облеката и однесувањето.



И двата случаи предизвикаа бурни реакции и протести непосредно по нивното случување, но се прашувам дали навистина доведоа до некоја посериозна промена во свеста на луѓето ширум светот.

И нашата земја не ја одминаа вакви случувања, само што кај нас не ни добиваат некоја посериозна медиумска покриеност што би резултирала во зголемена свесност, камо ли протести.

девојче од Струга
напаѓање во близина на Александар Палас
уште едно малолетно девојче

Еве што беше актуелно деновиве на твитер:

Ja vikale HIV zatoa shto bila pozitivna
Ja vikale Aleksandra zatoa shto sekoj mozel da i go NAKOVa
Ja vikale poligon zatoa shto na nejze se ucele da vozat
Ja Vikale Magi zatoa shto bila gotova za 4ca za 5 min
Ja vikale Jugoslavija zatoa shto ja rasturile
Ja vikale Level 1 zatoa shto site ja pominale
Ja vikale Lazicka zatoa shto odela gratis so kafe
Ja vikale avtoshkola, oti site se uchele na nea
Ja vikale Tuborg zatoa shto lesno se otvarala
Ja vikale Kvasec zatoa shto sama se sirela
Ja vikale markica zatoa shto bila postena
Ja vikale Baterija zatoa shto sekoja den ja polnele
Ja vikale Joint zatoa shto site ja vrtele
Ja vikale Тодор Гечевски zatoa shto sekogash bila spremna za trojka
Ja vikale Dijabola oti site ja pukale
Ja Vikale loto oti na pola grad im gi ima fakjano topcinjata
Ja vikale niva zatoa shto ja orale
Ja vikale Lozje zatoa shto ja imale prskano
Ja vikale Kalbana zatoa shto site ja cukale
Ja vikale petarda zatoa shto site ja pukale
Ja vikale vrata zatoa shto site ja otvarale
Ja vikale skala zatoa shto site i se kacuvale
Ja vikale spalna oti site lezele na nea
Ja vikale Tuborg zatoa shto site ja otvarale za zabava
Ja vikale Zoki zatoa shto ja ebele samo faci
Ja vikale Daska zatoa shto site ja kovale
ja vikale Cik Kumanovo zatoa shto bila kvalitetna
Ja vikale Ruer deka site se povrzuvale na nea
Ja vikale Solja deka site i se mocale
Ja vikale Shajka poshto site ja kovale

Nikako ne ja vikale sama doagjala 

Проверете и сами: #јавикале.

Изолирани, една по една „досеткиве“ не звучат нешто посебно застрашувачки, но кога вака ќе се подредат по ред ја откриваат мизогинијата како карактеристика длабоко вкоренета во нашето патријархално општество. И да се разбереме, не се само мажи оние кои го пропагираат ваквиот став, туку целото општество што ги охрабрува и поддржува ваквите однесувања.  Погледнете само еден блок на ТВ реклами - секоја втора ја третира жената као предмет чија  основна пазарна вредност е сексуалноста и чиј главен успех е тоа за колку ќе успее да се продаде (колку и да звучи фразава излитено). Се испраќа порака дека секоја жена на некој начин посакува да биде силувана, потчинета, замолчена, угнетена. Јас сум љубител на пиво, но по оваа реклама на Златен даб, тој бренд веќе никогаш нема да се најде на моето мени. 

Ми изгледа како премолчено сите да го поддржуваме мизогинистичкиот став на културата и само тивко да си се молиме неговиот налет да ги одмине нашите блиски - ќерки, сестри, мајки. Многу често целиот систем е против жртвите на силување и се обидува да им наметне вина и чувство на срам, па многу силувања кај нас остануваат непријавени, особено оние во домашната средина, за кои има најмногу шанси да се повторат. Се прашувам колку случаи од овој тип биле премолчени и колку девојки биле обесхрабрени да преземат правни мерки. А и да иницирале правна акција, максималната казна за силување кај нас е „цели“ пет години. 

Затоа, обидете се да не бидете ноншалантни кон тие „некакви женски права“, обидете се да им помогнете на тие што се сомневате дека се злоупотребени, да ги заштитите тие што се потенцијални жртви, да ги освестите оние што мислат дека жените сами си го барале, да ги бојкотирате оние што ги третираат жените како предмет. И да, прегризете усна секојпат кога за да докажете нечија неспособност или несоодветност на некое поле, го напаѓате нејзиниот изглед или личен живот.


Благодарност до неколку девојки со кои дискутирав на оваа тема на фб и кои ме инспирираа да го напишам овој текст. 



Monday, January 7, 2013

Лани, ова време

Претпоставувам дека секоја мајка чувствува дека децата пребрзо и' пораснале... 
Во последно време често се навраќам на истиов период пред една година кога господинот Андреј беше бебе и се чувствував како времето да е застанато, и не ми е јасно како одеднаш само по една година веќе се' е поинаку. Братучетка ми на ова ми вели: - Сите мајки се носталгични по минатото, се' ви доаѓа пребрзо и ненадејно. Па што мислиш ти, така оди тоа - мало бебе, проодување, прозборување, на училиште, и - оп МАТУРА?!

минатогодишната новогодишна честитка инспирирана од  Адел Енерсон

Изгледа навистина е така, и би требало да се привикнам да фактот дека дури и кога ќе има 20, 30 или 40, и дури и ако се занимава со нуклеарна физика, мене син ми ќе ми изгледа вака: 


За крај, на сите што случајно или намерно сте наминале и оддвоиле време за овие шкртаници, малку закаснето ви ги честитам новогодишните и божиќните празници. 
И кога се' е против вас, радувајте се, смејте се, гушкајте се и чувајте си ги оние што ги сакате! На здравје!












Saturday, January 5, 2013

Најдобри албуми за 2012

При крај е тоа време од годината створено за клишеа и бест оф листи што јас искрено го обожавам, иако овој пат некако прерано се испукав па еуфоријата ми помина една недела порано.

Овие денови освен Dean Martin и Nat King Cole без срам си ги слушам Wham! и Mariah Carey и си танцуваме по дома како збудалени. За филмови немам баш многу време, ама обожавам лимонади за ова време од годината (иако додека го пишувам ова на тв оди Носталгија на Тарковски), како Love Actually, Calendar Girls и The Namesake - ако не сте ги гледале, сега е право време.

Во споредба со годините без дете, последниве две години слушав многу помалку музика, па затоа ја позајмувам листата на господинот Слаѓан со по некоја измена по мој вкус. Значи:

1. Tindersticks - The Something Rain
2. Beach House - Bloom
3. Grizzly Bear - Shields
4. Jens Lekhman - I know what love isn't
5. The XX - Coexist
6. Twin Shadow - Confess
7. Dead Can Dance - Anastasis
8. Flying Lotus - Until the quiet comes / David Byrne & St. Vincent - Love This Giant
9. Frank Ocean - Channel Orange
10 dEUS - Following Sea

За волја на вистината, дома преовладуваше музика од овој тип (евровизиски турбо-анимиран-фолк)


ама зајчето е слатко до бесвест, а син ми кога се обидува да го гушне и погали на таблет е уште посладок.

Ве оставам со омилената песна од омилениот албум за оваа година заедно со текстот: