Monday, May 12, 2014
Мајчинството/бидувањето жена објаснето во три збора:
Motherhood/womanhood explained in three words: It's your fault!
Wednesday, January 22, 2014
Женско писмо: Интервју со Лидија Димковска
Поради многуте домашни и странски признанија за неповторливиот роман „Резервен живот“, а и поради цврстите ставови против секојдневните парадокси што не' гушат, авторката Лидија Димковска дефинитивно ја одбележа минатата година. Во ова интервју со неа можете да прочитате нешто повеќе за нејзините ставови околу женското писмо, женската усна традиција, борбата против дискриминација во книжевните кругови, идентитетите и другоста, илустрирани преку фрагменти од искуството на оваа исклучителна писателка.
1.
Честопати кога се зборува за „женско писмо“, дури и некои од најеминентните
рецезенти/ки и критичари/ки кај нас, алудираат на млитаво, мелодраматично
писмо, иако терминот во најопшта смисла означува можна алтернативна форма на пишување во споредба со
доминантната, линеарна нарација на омнисцентниот раскажувач. Какви би биле твоите
согледувања во врска со ова и дали својот роман го сметаш за женско писмо?
– Го сметам за оригинално, неповторливо писмо како секоја
книга, а на читателите им препуштам сами да одлучат дали е женско, или,
којзнае, машко, а можеби и се' или ништо од сето тоа. Лично читам и автори и
авторки, но морам да признаам дека ме обзема поголема читателска љубопитност
пред книга напишана од авторка. Се' ми се чини дека светот што ќе ми го понуди
ќе биде посочен, пожив, па и помртов, во онтолошка смисла, односно по-мој.
Неслучајно Авторката на мојот живот (со големо А) е Марина Цветаева за која
чувствувам надземска љубов и почит и меѓусебна поврзаност. Чувствувам
поврзаност и со многу други авторки, и македонски и странски, од почетокот на
книжевната историја па се до современите. Но и авторите и авторките ги читам и
ги сакам и како создател(к)и на книжевност и како создател(к)и на живот.
2. Суеверието
како обид да се наметне некаков ред и контрола врз непознатото и обид да се
објасни необјаснивото игра честопати игра клучна улога во твојата книга, особено како
домен/начин на жените за справување со реалноста. Што мислиш, се должи ли тоа
на недостатокот на фактичка политичка моќ и можност директно да се влијае на општествените
текови?
– Па ако нешто не може да се промени со реални мерки,
тогаш да пробаме со надреални – така и ден-денес фукционира женската „моќ“ во
патријархалната средина, а во минатото уште повеќе. И во овој век жената ретко
кога има политичка моќ да смени нешто во општеството, но денес тоа се толкува и
како нејзино право и желба, па се оди во две крајности: жената се еманципира до
исрпеност растргната помеѓу достигнувањето на совршенство во својата улога во
семејството, домаќинството, мајчинството, љубовната врска, работата, кариерата,
прекувременото работно време. Но се појавува и нова категорија жени – и не
станува збор за бесперспективни или необразувани, туку напротив, за веќе
докажани професионалки кои во некој миг од животот, преморени од трката помеѓу
семејството и работата свесно (и со олеснување) се одлучуваат да се откажат од
работата и едноставно да останат дома, исполнувајќи го своето време со негата
на децата, сопственото хоби, подршка за партнерот итн. Денес во развиените држави на тој чекор
посакуваат да можат да се одлучат се' повеќе жени, но најчесто тоа не им го
дозволува стравот од иднината. Но овде ние зборуваме за македонската жена која
во мојата книга се' уште се бара себеси или низ призмата на другиот
(семејството) или во сопствената психа преполна со непознатото. Верата и
суеверието во руралната, но неретко и во урбаната средина, се тесно поврзани
меѓу себе и неизбежно влијаат врз
животот на семејството како државичка со свој устрој и правила кои можат да
бидат и граѓански, но и малограѓански. Мене пред се ме интересираше
малограѓанскиот устрој на свет и живот, лоциран на периферијата на Скопје, но
присутен многу пошироко.
3. Колку им должиме на
нашите баби како главен извор на македонското народно творештво (потпишано од
мажи-собирачи) и како главни пренесувачки на анонимната женска усна историја, а
со самото тоа и едни од клучните (непризнаени) создавачки на колективниот општествен
идентитет?
– Многу. На баба ми Ветка од Шлегово која практично ме исчува и израсна од
моите шест месеци до моите шест години, и' должам многу од мојот идентитет: без
нејзината традиција и мојата ќе беше сосема поинаква. Од неа ги видов и научив
некои од ртитуалите поврзани и со народните обичаи, но и со верата во Бога. Со
баба ми не сакав да ги испуштам неделните богослужби во селската црква, од неа
првпат слушнав за Бога, за Свети Никола, за Света Петка... На задушница носевме
храна во црква и ја делевме со останатите жени, враќајќи се дома со тепсија
најразлични парчиња слатки и пити. Баба ми ми раскажуваше приказни, но не оние на Грим или Андерсен туку народни, онака
како што ги слушнала и сама во животот. Бидејќи беше неписмена јас и ја читав
Библијата, а од календарчето секој ден и кажував кому му е посветен денот, а
таа ми ја пееше песничката за деца „Клац, клац кобилче“ која ми се врежа во
душата засекогаш. Се' ми се чини дека со дарбата за пишување се здобив таму, во
светот на баба ми, свет преполн со чиста реалност и чудесна фантастика во која
овоземното и надземното сожителствуваа на нормален начин и беа всушност мое
секојдневие.
4. Живееш во Љубљана, но често си и тука во Скопје. Каков
е степенот на и мерките против родова дискриминација тука и таму? Има ли
впечатливи разлики и предности?
– Сигурно во Македонија родовата
дискриминација е позабележлива, особено во патријархалните средини каде што
мажот се' уште важи за глава во домот, но немојте да мислите дека во Словенија
ја нема. Ако ја издвојам само сферата на книжевноста која ми е и најблиска,
можам да речам дека разликата е само во тоа што словенечките авторки веќе реагираат
на неправдите што им се нанесуваат, а македонските (се' уште) не. Дискриминираните жени-поетеси, на пр.,
решението го бараат во културниот/поетски активизам преку проектот „Поетеси за
поетеси“, инициран од страна на словенечката поетеса Барбара Корун, во кој
учествувам и самата, а кој се состои во активни средби секој последен вторник
од месецот на кои горешто, неприкосновено и продлабочено се разговара за
најновата поетска збирка на една од авторките, се пишуваат рецензии и други
текстови поттикнати од самата книга, дискусијата е жива и плодна и се шири и на
останатите културни и општествени теми поврзани со самата книга и со самата
авторка, но и пошироко. На
овие средби доаѓаат не само жени, туку и мажи, односно сите оние што се свесни
за тоа колку е (не)важен полот во уметничкото творештво. Минатата година уште една ваква иницијатива
на културен активизам произлезе од страна на словенечките писателки: формирање
женска секција на словенечкиот ПЕН центар, наречена МИРА, и според концепцијата
на мирот и според една од најважните словенечки писателки Мира Михалич, секција
која се залага за поголема присутност на словенечките авторки и во самиот ПЕН
центар и во словенечкиот книжевен канон, излегување од маргините предизвикани
од затвореноста на мажите-автори кон своите современички-авторки. Да, и во
21-от век, и тоа во земја на Европската Унија постои потреба да му се рече „Доволно е!“ на машкиот културен елитизам и работите да се преземат во свои раце.
Порано имав отпор кон таква „гетоизација“ во литературата. И сега имам, ама не
гледам поинакво решение. И се' ми се чини, дека е така не само во Словенија, или во Македонија туку и во многу други земји.
5. Имало
ли момент во текот на твојата професионална кариера кога си била сигурна дека
полесно би напредувала ако си машко?
– Не дека полесно би напредувала туку дека исто би
вредела. Тоа особено го забележувам тогаш кога добивам некаква награда – и не
само јас, туку кога во или од Македонија добиваат награди авторки и уметнички:
наградата станува чудо за три дена, што не е случај со авторите и уметниците
кои ја добиле истата таа награда. Имам чувство дека наградите во Македонија
повеќе вредат кога ќе ги добијат мажи, а помалку кога ќе ги добијат жени. И не
само наградите, туку и успехот како таков. Се' уште постои менталната структура
на Бардот, Месијата, Творецот кои се идентификуваат со машките автори и
уметници, а многу поретко со авторките и уметничките. Но за жал, и во Словенија
е слично, со таа разлика што во Словенија авторките му се спротивствауваат на
ова застарено мислење со став, отворени писма, побуна, медиумски расправи, со
МИРА и со проектот „Поетеси за поетеси“, а во Македонија за 8 март се уште
авторките со насмеан лик пристапуваат кон бината на Друштвото на писателите да
го поземат цветот кој би бил знак на нивната рамноправност со машките
колеги.
6. Тешко
ли беше да се претстави женската сексуалност природно, од чисто-женска гледна точка, без да
се падне во стапица на традицијата на претставување на машкото доживување и
возбуда предизвикани од женското тело, традиција на визуелизација и
објектификација, речиси секогаш прифатена и од писателки?
– И жената и мажот имаат сопствена сексуалност, но во
сериозните романи женската сексуалност ретко се остварува на сопствен начин,
онака како што ја предводи жената. Се' ми се чини дека и тука продира
малограѓанската сенка која се заканува со прст: „Не пишувај за секс за да не се
срами мајка ти, сестра ти, маж ти, ќерка ти“. А кога сексуалноста постои, со
цел, а не заради самата себе, не во потрошувачка и тривијална форма туку како онтолошки
и гносеолошки чин, тогаш ни се чини дури и интересна, но со самото тоа и
„висока“. Не знам колку успеав во тоа жената да ја претворам во субјект, а не
да ја идентификувам како објект како што тоа често се случува, но во секој
случај сакав да ја покажам како личност со сопствени потреби и желби.
7. Во паланечкиот
менталитет, семејното, особено сексуално насилство има силна тенденција да се
третира како „домашна работа“. Оваа тема е делумно начната и во романот. Како
гледаш на овој проблем денес, има ли позначајни придвижувања напред во свеста и
системскиот пристап кон овој проблем?
-
Барем за тоа се зборува, затоа ни се чини дека денес има повеќе случаи
на семејно насилство и сексуална злоупотреба на децата, а ги имало секогаш, но
малограѓанската логика „да не ни се смеат другите“ ги прикривала тие случаи, а
неретко ни децата не им кажувале на постарите што им се случува. Во некои
средини и денес тоа се случува, затоа системскиот пристап е многу важен сегмент
на воспитно-едукативниот систем и излишно е да се каже дека треба да го водат
професионални кадри. Но најважно е секој случај на насилство да се разреши на
најдобар можен начин за жртвата, а не да
остане на ниво на информација во дневниот печат.
8. Му даваш
ли предност на чувството, традиционално поврзувано со женскиот принцип, а во
романот поврзан со Злата, пред рациото, поврзано со машкиот принцип, а во
романот со Сребра?
- За Сребра и за
Злата во ниту еден миг не размислував како за машки или женски принцип, но може
да се разгледуваат и на тој начин. Можеби затоа се и неразделни, надополнувајќи
се една со друга, како два поларитета на исто битие. Кога Сребра ќе почине, односно,
како што велиш, рациото поврзано со машкиот принцип ќе го снема, Злата, односно
срцето како женски принцип ќе може да се оствари како личност (љубовна,
мајчинска). Но тоа е само една можна рамка на нивните личности. Мене повеќе ме
интересираше една апслутно можна, веројатна приказна на еден таков случај во
кој ќе беше идеално, но не и реално, да
преживеат и двете.
9. Една
згодна девојка, лик од твојот роман, решава радикално да го промени, т.е.
„нагрди“ своето тело и да го смени изгледот за конечно да почне да биде
сериозно сфаќана како уметница, наместо да ја доживуваат само како „згодна
риба“. Обратниот пример на жени кои се измачуваат за да ги направат своите тела
убави и општествено-привлечни е дел од сечие секојдневие. Има ли начин да се избегне
тоа општествено наложено ропство?
– Не знам, тоа мора секоја жена индивидулано да го
промисли, разреши, но најдобро би било тоа да се случи без компромиси. А за
жал, индустријата на убави тела (не толку во природна колку во вештачка смисла)
е се' уште во полн расцут. Се' ми се чини дека се наоѓаме во затворен круг од кој
како да нема излез, освен ако жената не се реши да направи како уметничката од мојот
роман. Но таа е исклучок, а не правило.
10. Употребата
на именки во женски род (во македонски) се’ уште е контроверзна во
феминистичките кругови. Некои велат дека така само се потенцираат разликите и
дека треба да се „окупираат“ термините во веќе постоечки машки род и да им се
додаде женскост, додека други веруваат дека токму тоа потенцирање на разликите
врши сензибилизација по однос на премолчената дискриминација што се подразбира
како „природна“.
Во
„Резервен живот“ употребуваш прекрасни зборови што ретко ги слушаме во женски
род, а во романот толку природно звучат. Дали е тоа несвесна одлука или намерна
тенденција?
– И едното и другото. Се' што има име – постои. Со
позајмено име не може да се живее. Се сеќавам, на едно летување решив да се
викам Индира, колку од забава толку од тогашната „книжевна“ љубов кон Индија,
па дури и родителите ги убедив да ме викаат така пред останатите. Едно момче си
ја скрши раката и врз неговиот гипс со другата рака напиша „Индира“. Кога ми го
покажа тоа се вцрвив од срам, но повеќе поради лагата, а не поради некаква
тинејџерска занесеност. До крајот на летувањето не можев да заспијам мирно, се' ми се чинеше дека сите знаат дека не се викам Индира и дека само чекаат момент
да ме посрамат и жигосаат. Идентитетот ми се виде крајно сложен и неподнослив.
Одвај чекав да заврши летувањето и повторно
да си се викам Лидија. Па според тоа, мислам дека нема потреба да позајмуваме
именки од машки род за женски ознаки, бидејќи за машките никогаш не би
позајмиле именки од женски род.
11. Живееме во време кога доброволно се откажуваме од
интимноста, свесно или несвесно, така што речиси никој не може да биде сигурен
дека не е (постојано) набљудуван/а. Во твојот роман главните ликови копнеат по
интимност и осамување. Мислиш ли дека таа постојана изложеност на туѓи очи,
постојаната свест за некој друг, го спречува автентичното изразување на
себството?
– Седум години
живеев во пост-чаушесковата Романија во која луѓето се уште беа претпазливи и
недоверливи еден кон друг затоа што го носеа бремето на историјата во која се
имаат случено толку многу предавства (дури и помеѓу членови на едно семејство,
љубовни партнери итн.), никој не знаел од кого е набљудуван, кој му е пријател
и зошто, се случило едно тотално отуѓување што буквално го предизвикале тајните
служби, а Романија потоа со години не можеше да излезе од затворениот круг на
сомнеж и недверба. Нешто слично, но во поблага мера се случи и во поранешна
Југославија како и во сите пост-комунистички ситеми. Денес, пак,
неолиберализмот преку својата комерцијалност и сеопшто рекламирање не' поставува
сите нас во улога на ѕвезди за еднократна употреба, изложувајќи не' пред сите како субјект или прототип чија
интимност вреди само ако е во функција на забава за колективот, а знаеме дека
оној кој го гледа „сеирот“ на крајот го собира и пазарот. Ликовите од мојот
роман никогаш не се сами, а се страшно осамени и секако, пекаат по самотија во
која би ја реализирале својата интимност. Парадоксално, но човек е се' поосамен,
а се помалку сам за да може да биде со некој друг.
12. Што мислиш, успеавме ли да созрееме доволно за како
општество да ја прифатиме инаквоста без зазор и траума?
- Не, не
мислам, иако промени на подобро се случуваат, но со чекор на желка. Стереотипите,
предрасудите и менталитетот се' уште со брзина на зајак ги трујат душите на
новите генерации, па јас лично посакувам, како во приказната, зајакот да
заспие, а желката да стигне на целта прва како победник. Ќе се случи ли тоа во
Македонија? Се надевам, но не сум голема оптимистка. Во Македонија се водат
премногу паралелни животи: Албанците и Македонците живеат во паралелни светови,
како и сите други мнозинства со сите други малцинства. Паралелизмост се
прекршува односно страните се допираат, за жал, само на лош начин, преку насилство,
нетрпеливост, нетолерантност. Се' дури постои таков паралелизам другоста ќе биде
и зазор и траума не само за поединецот туку и за општеството.
Од срце и' благодарам на Лидија што најде време да одговори на моите можеби премногу тегобни прашања и што на некој начин успеа да ги претвори во интензивна, а пријатна за читање фикција. Наскоро „Бори се женски“ ви најавува отворена средба со Лидија Димковска, а во меѓувреме најтопло ви порачувам да го најдете, прочитате, подарите „Резервен живот“ - еден од оние романи што остануваат врежани во свеста на читателот/ката и му вдахнуваат свеж здив на јазикот на којшто се напишани.
Од срце и' благодарам на Лидија што најде време да одговори на моите можеби премногу тегобни прашања и што на некој начин успеа да ги претвори во интензивна, а пријатна за читање фикција. Наскоро „Бори се женски“ ви најавува отворена средба со Лидија Димковска, а во меѓувреме најтопло ви порачувам да го најдете, прочитате, подарите „Резервен живот“ - еден од оние романи што остануваат врежани во свеста на читателот/ката и му вдахнуваат свеж здив на јазикот на којшто се напишани.
Wednesday, January 15, 2014
Присуство на породување (дел 1 - Миле Грујовски)
Присуството на таткото на раѓањето на неговото дете кај нас се уште е табу. Ретко има интерес и меѓу татковците и меѓу мајките за тоа, а институциите воопшто не нудат, а не пак да поттикнуваат создавање услови за тоа. Во приватните родилишта ова не е толку тешко да се изведе, но во државните во моментов е речиси невозможно, што всушност е чекор назад, затоа што во старата зграда на ГАК (државната гинеколошко-акушерската клиника) во Скопје постоеше таква можност во единствената изолирана родилна соба, но, претпоставувам меѓу другото и поради екстремно малиот интерес, во новата зграда тоа веќе не е можно, т.е. ако се потегнат вистински врски може да се издејствува про-форма присуство во тие неколку моменти кога детето излегува од родилниот канал и се сече папочната врвца, по што следува експресно отстранување на таткото.*
Понатаму, во моментов е невозможно првите денови по раѓањето на детето семејството да ги помине заедно, затоа што го државните болници посетите се строго забранети за сите. Ја разбирам превентивната природа на ова ограничување, но реално и не се потребни некои вонземски услови за да може да се обезбеди соодветна опрема и стерилизација за таткото (или некоја друга личност по избор на родилката) да може да биде со мајката и детето во тие моменти, особено имајќи го во предвид фактот за недоволниот персонал на државните клиники и следствено нивната неможност да обратат доволно внимание на новородените и на родилките.
И покрај тоа што придобивките од присуството и на двата родитела во текот на породувањето се евидентни и за родилката и за бебето, и во развиените земји тоа се доживува како дел од стандардната постапка, традиционалниот пристап кај нас е длабоко вкоренет и мошне ретко се наоѓаат мажи и жени што решиле да го предизвикаат.
Од овие причини, решив да стапам во контакт со неколку такви напредни авантуристи и да ги замолам во прво лице да ги споделат впечатоците од раѓањето на нивните деца.
Прв од серијата татковци што од прва рака го посведочиле раѓањето на своето дете е Миле Грујовски, компјутерски програмер кој живее и работи во Скопје, татко на малата Дамјана.
Понатаму, во моментов е невозможно првите денови по раѓањето на детето семејството да ги помине заедно, затоа што го државните болници посетите се строго забранети за сите. Ја разбирам превентивната природа на ова ограничување, но реално и не се потребни некои вонземски услови за да може да се обезбеди соодветна опрема и стерилизација за таткото (или некоја друга личност по избор на родилката) да може да биде со мајката и детето во тие моменти, особено имајќи го во предвид фактот за недоволниот персонал на државните клиники и следствено нивната неможност да обратат доволно внимание на новородените и на родилките.
И покрај тоа што придобивките од присуството и на двата родитела во текот на породувањето се евидентни и за родилката и за бебето, и во развиените земји тоа се доживува како дел од стандардната постапка, традиционалниот пристап кај нас е длабоко вкоренет и мошне ретко се наоѓаат мажи и жени што решиле да го предизвикаат.
Од овие причини, решив да стапам во контакт со неколку такви напредни авантуристи и да ги замолам во прво лице да ги споделат впечатоците од раѓањето на нивните деца.
Прв од серијата татковци што од прва рака го посведочиле раѓањето на своето дете е Миле Грујовски, компјутерски програмер кој живее и работи во Скопје, татко на малата Дамјана.
1. Во нашево општество присуството на таткото за време на раѓањето на неговото дете се’ уште се смета за непосакувано и неприродно. Зошто и како ти се реши на овој чекор и каков беше ставот на партнерката?
Да, точно е дека во нашето општество присуството на таткото за време на раѓањето на сопственото дете се смета за неприродно. Ова е уште една од нелогичностите на нашето општество. За моја среќа опкружен сум со луѓе, пријатели кои што размислуваат и делуваат поинаку.
На кратко, одлуката за присуството на таткото може да се разгледа во три случаи:
1. Мајката категорично одбива присуство на партнерот, таткото.
Оваа ситуацијата е чиста, доколку и таткото не сака да присуствува на породувањето. Доколку таткото сака да присуствува а тоа прави дополнителен стрес кај мајката тогаш не препорачувам инсистирање од страна на таткото, но од друга страна е и себично. Себично е затоа што е исклучена можноста таткото да биде сведок на овој битен момент.
2. Мајката е неутрална.
Најчест случај, одлуката останува на таткото.
3. Мајката посакува присуство на партнерот,таткото.
Во мојот случај, мојата сопруга беше неутрална околу моето присуство, иако мислам дека сакаше да присуствувам но одлуката да ја донесам сам. На почетокот не мислев да присуствувам на породувањето, но со текот на времето како што се приближуваше датумот за породување мојот став околу ова прашање се промени. Две причини преовладуваа:
1. Родителскиот инстинкт што во текот на бременоста се појавува, развива и оформува. Себично посакував прв да ја придржам и почувствувам сопствената ќерка.
2. Помислата дека присуството може некако да помогне.
2. Како беше тоа прифатено од средината (твоите блиски) и од медицинскиот персонал?
Средината и блиските може да имаат сосема спротивен став од она што таткото го посакува, меѓутоа фактот дека се работи за моето семејство во голема мера го минимизира влијанието на околината. Од една страна породувањето е крај на бременоста, но од друга страна е почеток на еден сложен процес на одрастување на дете за кој што мора родителот да е подготвен да зазема ставови често спротивни од оние на околината. За среќа моите блиски ме поддржуваа.
Што се однесува до медицинскиот тим, не секогаш е дозволено таткото да присуствува на породувањето, обично кога се работи за сложен случај или царски рез кога е забрането присуството на таткото бидејќи породувањето се смета за хируршки зафат. Тимот кој што го водеше породувањето на мојата сопруга беа исклучителни професионалци кои вешто би ве предупредиле доколку правите нешто погрешно или ако треба да ја напуштите просторијата.
3. Дали и колку сметаш дека твоето присуство беше корисно за твоето дете и партнерка и на кој(и) начин(и)?
Да, дефинитивно беше корисно за партнерката бидејќи самото присуство на некој начин е споделување на болката и стресот низ кои што поминува жената. За детето не би рекол дека има некаква директна корист освен можноста да ја почувствува енергијата (љубовта) на двајцата возбудени родители заедно во моментот на доаѓањето на свет. Најголемата корист е искуството што заеднички се стекнува за време на овој чин.
4. Митот вели дека таткото (ако веќе е присутен на породувањето) го поднесува многу потешко и постресно од мајката, и дека медицинскиот персонал треба и нему да му посветува дополнително внимание. Каков беше твојот случај?
Болката е многу субјективна и тешко мерлива величина. Овде би разграничил на психолошка и физичка болка. Мајката ги има во еден момент и двете а таткото можеби само психолошка болка. Мислам дека е непотребно да го споредуваме интензитетот на овие два вида болка. Медицинскиот тим веднаш ќе го отстрани таткото од салата доколку смета дека претставува проблем или прави дополнителна паника. Во мојот случај немаше потреба од никакво внимание од страна на медицинските лица.
5. Мислиш ли дека присуството на породување те направи поангажиран татко и поосетлив за потребите на партнерката и детето непосредно по породувањето?
Секако дека придонесува во насока на поголема ангажираност кон детето и мајката, во најмала рака го подготвува таткото за она што следи понатаму. Многу е полесно за таткото да е директно во породилната сала отколку да биде во исчекување дома, времето во исчекување поминува многу бавно. Дополнително присуството значи и можност директно да ги консултирате медицинските лица околу состојбата на мајката и бебето непосредно после породувањето.
6. Колку беше подготвен и вклучен во прилагодувањето на живот со новороденче дома, честите ноќни будења, подои, проблеми со доењето итн.
Во сите активности за време на бременоста и после породувањето бев максимално вклучен, сите професионални активности ги одложив за еден месец и целосно бев посветен на детето и мајката. Поддршката што треба да ја даде таткото е многу значајна посебно за првиот месец кога мајката е немоќна и заздравува од породувањето. Обично родителите се фокусираат на породувањето и ретко кој се подготвува за периодот кога бебето ќе го донесете дома. Јас не бев воопшто подготвен за она што следи после породувањето, обично младите родители не се навикнати да се будат често или да им се промени животниот ритам. Како и да е се работи за голема промена на која што родителите мора брзо да се прилагодат и организираат.
7. Дали претходно присуствуваше на некоја обука во врска со породувањето и ако да, колку ти беше корисна?
За жал претходно не учествувавме во никаква обука за породување. Обуките мислам дека се корисни иако во моментот на породување може да се случи да се заборави се. Од друга страна медицинскиот тим за време на породувањето дава корисни совети околу дишењето, поставеноста итн. Она што може да се стекне со присуството на породување мислам дека не може да се здобие со ниедна обука или книга.
8. Дали на новите татковци би им препорачал присуство на породување (се разбира, доколку се подготвени за тоа).
Новите татковци дефинитивно треба да покажат зрелост и пред се’ да имаат потреба заедно да го доживеат доаѓањето на свет на сопственото дете. На оние што се подготвени за тоа, доколку имаат можност им препорачувам да ја искористат и да присуствуваат на овој значаен момент.
Од срце му благодарам на Миле што сподели еден ваков интимен момент на блогов и се надевам дека ќе биде инспиративен пример за некои идни родители/ки што можеби се двоумат по однос на ова прашање.
Од срце му благодарам на Миле што сподели еден ваков интимен момент на блогов и се надевам дека ќе биде инспиративен пример за некои идни родители/ки што можеби се двоумат по однос на ова прашање.
*Немам информација за останатите државни родилишта во земјата, но претпоставувам дека во најдобар случај ситуацијата е како на ГАК.
Monday, December 30, 2013
Твитер календар 2014
Бори се женски, неформалниот колектив за промоција на родова рамноправност во кој сум активна членка, оваа година ја поддржа иницијативата на Идеи за домот и фотографката Ивана Батев и стана дел од #твитеркалендар2014. Пораката можете да ја прочитате на самата фотографија, а ова е проширен коментар.
Оваа слика е нашиот глас.
![]() |
| Книгата лево е Резервен живот на македонската авторка Лидија Димковска |
Илјадници
жени низ светот секојдневно се убедуваат дека се предебели, прешироки,
превлакнести, премногу темнокожи, дека не се доволно убави, доволно паметни,
доволно добри. Илјадници жени низ светот секојдневно купуваат неброени
козметички препарати и облека за да се разубават, да се затскријат, да ги
прикријат „мааните“.
Во очи на тоа ние ви
велиме: „Ние ги сакаме нашите тела такви какви што се. Нашите нозе што не’
носат таму каде што сакаме, нашите раце што прават чуда, нашите гради што не’
полнат со восхит, нашите глави што градат кули и кршат ѕидови. Нашите тела не
се предмети што ќе ги казнуваме и принудуваме да задоволат одредени општествени
стандарди, нашите тела не служат за ничие туѓо задоволство освен за нашето,
нашите тела се САМО НАШИ!“


Бори се женски ви посакува среќна Нова година!
Friday, December 20, 2013
Доење во јавност и негови прикази по друштвените мрежи
Што мислите, која од овие слики е општествено поприфатлива и понеподложна на цензура?
Ако случајно одговоривте 2, тогаш претпоставувам сте дел од малцинството што нема проблем со доење во јавност и слики и графички прикази на доење - што, да повториме, всушност е хранење бебе или мало дете. Клучниот проблем тука е тоа што овој тип на хранење подразбира разголена града/дојка, популарно наречена цицка, а најголем дел од луѓето се шокираат и имаат проблем овој дел од женското тело да го прифатат во неговата основна фукнција, т.е. го доживуваат строго како сексуален предмет и не сакаат да судрат со било каков приказ што би им ја попречил или комплетно уништил оваа перцепција. (Политиката забранети-брадавици на фб и инстаграм баш и не држи вода зашто често слики од доење на кои нема ни трага од брадавиците се острануваат и забрануваат.)
Најчести (и според мене сосем невалидни) аргументи за тоа зошто доењето во јавност и фотографии од доење по друштвените мрежи не се соодветни, се тоа дека:
1. Доењето е света работа што не треба да се десакрализира по овој пат (се табуизира хранењето, т.е. преживувањето),
2. Дека на тој начин мајките се изложуваат на ризик на злоупотреба на нивните фотографии (што во оваа дигитална ера и онака е многу лесно во било кој контекст), или
3. Дека е невкусно да се покажуваат виснати цицки на сите страни во ваков конзумеристички свет што претпочита силиконски импланти.
Доењето исто така, барем делумно ја подрива дихотомијата курва-светица, која е еден од најмоќните начини за контрола на перцепцијата на жената како нецелосно (редуцирано, неавтономно) битие, со тоа што ги спојува голата цицка (суштинско и истакнато обележје на анатомијата на курвата) со хранењето и грижата за мало дете (суштинско обележје на светицата).
Најчести (и според мене сосем невалидни) аргументи за тоа зошто доењето во јавност и фотографии од доење по друштвените мрежи не се соодветни, се тоа дека:
1. Доењето е света работа што не треба да се десакрализира по овој пат (се табуизира хранењето, т.е. преживувањето),
2. Дека на тој начин мајките се изложуваат на ризик на злоупотреба на нивните фотографии (што во оваа дигитална ера и онака е многу лесно во било кој контекст), или
3. Дека е невкусно да се покажуваат виснати цицки на сите страни во ваков конзумеристички свет што претпочита силиконски импланти.
Доењето исто така, барем делумно ја подрива дихотомијата курва-светица, која е еден од најмоќните начини за контрола на перцепцијата на жената како нецелосно (редуцирано, неавтономно) битие, со тоа што ги спојува голата цицка (суштинско и истакнато обележје на анатомијата на курвата) со хранењето и грижата за мало дете (суштинско обележје на светицата).
Свесна сум дека ова е тема што ќе доведе до гласен (или премолчен) отпор дури и кај луѓето со кои делам слични ставови по многу други теми, но се’ додека не се започне со преиспитување на овој доминантен дискурс ќе имаме свет во кој ќе преовладуваат слики (и реалност) во кои објектификацијата на жената се смета за нормална и пожелна:
а се цензурира нешто толку неопходно и секојдневно како доењето:
Tuesday, December 17, 2013
Еден аспект на родовата дискриминација во јазикот
Честопати, како преведувачка, добивам забелешки од пријатели/ки, па дури и клиенти/ки поради тоа што инсистирам на користење на именки во женски род кога станува збор за професии.
На многу луѓе се’уште им е чудно, па дури и одбивно кога ќе слушнат претседателка, или директорка на фотографија, лауреатка, деканка (за некои именки како кардиолог, комуниколог, уролог дури и нема јазично прифатлива форма во женски род, т.е. форма што не би се поклопувала со придавката изведена од таа именка: кардиолошка, комуниколошка, уролошка).
Некои жени првично ги доживуваат професионалните титули во женски род како омаловажување(!), несвесно (точно) претпоставувајќи дека во потсвеста на голем број соговорници/чки самото доделување на именка во женски род одзема од квалитетот и авторитетот. Главната причина за тоа е тоа што досега немало многу жени на тие позиции, па увото не ни е навикнато да ги слушаме во женски род и ни звучат неприродно. Со тенденцијата на зголемување на жени во одредена област доминирана од мажи, се зголемува и толеранцијата кон користењето на именки во женски род за тие професии, иако во најголем дел од случаите сепак се користи машкиот род како норма. Така дури и оние титули во женски род што се веќе одомаќинети во јазикот - како министерка, директорка, се употребуваат во ситуации кога се споменува само функцијата (министерката за култура), додека кога се споменува и името на носителката, начесто титулата оди повторно во машки род (Е. Канческа-Милевска, министер за култура) како тоа да е природна состојба, а фактот што во моментот жена е на таа функција се третира само како привремена девијација.
За разлика од нив, во оние професии каде жените традиционално се присутни и прифатени, именките од женски род си се одамна вдомени во јазикот: келнерка, учителка, негувателка.
Сериозна дебата по однос на ова веќе се води во Србија, каде дел од лингвистките се обидуваат да го промовираат женскиот род се’ почесто, па, очекувано, се изложени на сексистички и мизогини напади.
Од друга страна пак, Хрватска (и покрај актуелните конзервативни одлуки) веќе одамна зазеде проактивен, афирмативен став кон ова прашање (како и кон многу други јазични прашања), и како резултат женскиот род во професиите веќе е сосема етаблиран, а дебатата се води на повисоко ниво.
Кај нас, за жал, дискусиите по однос на ова прашање се речиси непостоечки, и освен напорите за промоција на проблематиката од страна на поединци/ки, нема посериозен, институционален пристап во решавањето на ова прашање (како впрочем и на останатите јазични прашања).
Некои жени првично ги доживуваат професионалните титули во женски род како омаловажување(!), несвесно (точно) претпоставувајќи дека во потсвеста на голем број соговорници/чки самото доделување на именка во женски род одзема од квалитетот и авторитетот. Главната причина за тоа е тоа што досега немало многу жени на тие позиции, па увото не ни е навикнато да ги слушаме во женски род и ни звучат неприродно. Со тенденцијата на зголемување на жени во одредена област доминирана од мажи, се зголемува и толеранцијата кон користењето на именки во женски род за тие професии, иако во најголем дел од случаите сепак се користи машкиот род како норма. Така дури и оние титули во женски род што се веќе одомаќинети во јазикот - како министерка, директорка, се употребуваат во ситуации кога се споменува само функцијата (министерката за култура), додека кога се споменува и името на носителката, начесто титулата оди повторно во машки род (Е. Канческа-Милевска, министер за култура) како тоа да е природна состојба, а фактот што во моментот жена е на таа функција се третира само како привремена девијација.
За разлика од нив, во оние професии каде жените традиционално се присутни и прифатени, именките од женски род си се одамна вдомени во јазикот: келнерка, учителка, негувателка.
Сериозна дебата по однос на ова веќе се води во Србија, каде дел од лингвистките се обидуваат да го промовираат женскиот род се’ почесто, па, очекувано, се изложени на сексистички и мизогини напади.
Од друга страна пак, Хрватска (и покрај актуелните конзервативни одлуки) веќе одамна зазеде проактивен, афирмативен став кон ова прашање (како и кон многу други јазични прашања), и како резултат женскиот род во професиите веќе е сосема етаблиран, а дебатата се води на повисоко ниво.
Кај нас, за жал, дискусиите по однос на ова прашање се речиси непостоечки, и освен напорите за промоција на проблематиката од страна на поединци/ки, нема посериозен, институционален пристап во решавањето на ова прашање (како впрочем и на останатите јазични прашања).
Friday, November 1, 2013
Гостување во Пулс
Поради тоа што кога излезе емисијатва не успеав да ја постирам тука, а и поради тоа што дискусиите за родова дискриминација не треба да се водат само по повод 8 март, еве видео од моето гостување (заедно со Неда Коруновска) во Пулс на Ана Јовковска, од март, оваа година.
Subscribe to:
Posts (Atom)








