Wednesday, December 26, 2012

Твитер календар 2013


Ако се’ уште не сте слушнале, пред неколку дена се појави твитер-календар 2013 со актови на наши твитерџики. Фотографиите се прекрасни, девојките божествени, стајлингот суптилен и ненаметлив, и целиот проект не остава впечаток дека беше изведен сосем спонтано во тек на многу кратко време, нешто помалку од 2 месеца.

Календарот е изработен на чисто волонтерска база и беше промовиран на 23ти декември во Кафе Ли каде што и се изложени принтови од фотографиите што можете да ги купите за 1000 МКД, а најважно од се’ средствата ќе се искористат за добротворни цели - за децата од социјално загрозени семејства преку Црвен крст. Понатаму календарот се донира на здружението за борба против ракот Борка за да го користи во свои промотивни цели.


Се надевам дека ќе се најдат време и средства да се испечати зашто верувајте ми, навистина е неверојатен. Всушност, нема зошто да ми верувате, трк на сајтот на борка и преземете си го, нека ви го краси десктопот од 1 јануари. Таман, со вакви убави фотографии годината со сигурност ќе ви тргне на добро.

фотографиите се на Владимир Тасевски и Димитар Петровски. Месец март и октомври (погоре) се мои лични фаворити.


Saturday, December 22, 2012

Под елка

Во духот на празниците, еве една кратка листа на подароци што би ме израдувале мене. Којзнае, може некоја идеја ќе ви се најде корисна.

1. за партнерот:

Ако буџетот не ви е проблем, а чувствувате дека ви треба малку одмор од секојдневието, може да си купите ваучер од групер за Аурора спа резорт Берово (понудата трае уште 5 дена) и да му ја киднете на неколку дена на одмор за очи и душа.



Ако сте слаби со пари во моментот можете да поминете со едно усб стикче (ова на сликата го има во еми медиа за 300 ден со меморија од 8 гб) и во него да ги ставите најдобрите албуми , филмови/серии и е-книги за 2012 што би можеле да ги гледате/слушате заедно во ладните зимски ноќи. Плус и некоја фотка од моменти што ви значеле...

Она што јас би го ставила на стикот:
Албуми: Shield, Grizzly Bear 2012; Bloom, Beach House 2012; The Something Rain, Tindersticks 2012,
Филмови: Shame 2011, McQueen; Amour 2012, Haneke; To Rome with Love 2012, Allen
Серии: HomelandGame of Thrones - од серииве не сум гледала ни епизода, ама многу ветуваат :)


2. На родителите најверојатно добро би им дошло некое шише добро вино, или можеби кутија чоколатца. А ако сакате посебно да ги разгалите може и третман (повторно со попуст на групер) по избор во Дерма естетика, или за љубителите на природата, планинарење по избор.

3. Братот/сестрата или најдобриот пријател/пријателка може да ги израдувате со керамичка шолја со слика што ве потсеќа на некои луди работи што сте ги правеле заедно од етно шоп сонце.  (во моментов имате и намалена понуда на групер);



а ако сте за нешто симболично, може да нарачате рачно изработен накит како обетки со новогодишни мотиви:  


или пак една добра книга - со било што скандинавско нема да погрешите, па мој предлог ви е Берлински тополи од Ане Б. Рагде во издание на Или-Или - необична семејна приказна.

4. Пред крај, ако некаде има некое мало ѕверче со посебно место во вашето срце, наместо да му купувате чоколади и слични супер нездрави работи што и онака ќе ги добие на тони, може да му подарите едно вакво рачно-изработено капче-бувче за да му го топли и весели главчето (ги има во бебе слинг),

или ваква сликовница со звук, на која интензивно ќе и се радува (барем 15 минути со сигурност) од топер


Сосем на крај, се надевам дека нема да се изгубите во претпразничната шопинг-треска што последниве години станува неизбежна и кај нас, и наместо да уживате со оние што ви се мили, ќе се стресувате, пцуете, туркате и тепате по маркети и молови за 20 проценти попуст на нешто што и онака не ви треба.

Во тој дух, еве неколку предлози за no buy и DIY подароци.

xoxoxox
Ана



Tuesday, December 18, 2012

Bang Bang

Се’ уште сум под импресија, или подобро кажано опседната со трагедијата од Конетикат. Јасно ми е дека такви настани се случуваат секојдневно, и дека голем дел од нив во неразвиените земји не се ни медиумски покриени, но кога нешто вакво ќе се случи во УЧИЛИШТЕ, во една богата и релативно безбедна земја - едноставно ми се тресат коските.

Најстрашната слика - мобилните телефони во џебовите на убиените деца што не престанувале да ѕвонат.

Понекогаш светот е едноставно премногу суров за да си родител. Што ме води до најтешкиот аспект на родителството (за мене) - свеста за ранливоста/смртноста на моето дете. Ако порано најмногу ме плашеше бесмислата на нашето постоење како човештво, сега тоа е стравот дека некогаш, некаде, некој може да го повреди моето дете. И дека во голем број од тие случаи јас нема да можам да сторам буквално ништо.

Не можам ни да замислам како им е на тие родители. Искрено сочувство, иако претпоставувам тоа ни малку нема да им помогне.

Колку и да се трудам да не осудувам, не ми е јасно како тоа мајката што била свесна дека дома има (најблаго речено) проблематично дете, решила да чува огнено оружје - и тоа полуавтоматско - и да ги носи децата да учат да стрелаат. Љубителите на теории на заговор веднаш ќе речат дека таа стои (свесно или не) зад масакрот.



активисти за контрола на поседување оружје ги оплакуваат жртвите. фото: ZHANG JUN / XINHUA / ZUMA PRESS


За среќа, масовни убиства од типот на овој во Сенди Хук кај нас нема. Нас не’ тепа полека но сигурно стандардот наш насушен.


Wednesday, December 12, 2012

et voilà...


Оваа (2012) година наполнив 30 години. Со оглед на тоа што за разлика од голем дел на моите пријатели трудната триеска и нејзината тежина кај мене не предизвикаа никаква анксиозност или негативни чувства, а и поради тоа што последниве неколку години имам многу малку време за социјален живот, за мојот роденден решив да се почастам еден блог. Епа за решено - решено, ама за сторено...

Ако се земе предвид мојата неодлучност и склоност кон одолговлекување право чудо е што овој пост денес осамнува во блогосферата.

Главните причини за тоа се што 2013 веќе чука на врата, а освен тоа што таа не е годината во која сум наполнила 30, во себе содржи и една КОБНА 13ка, па така притисната од летањето на времето, и уште повеќе од моето суеверие што ме чинело нe баш така малку време досега во животот, еве решавам да кликнам publish, и ајт на здравје, да видиме што ќе испадне!!!

п.с.
денес е точно 5 години откако стана извесно дека ќе живеам во ова станче, па по тој повод еве неколку сликички од мојот скромен дом: