Tuesday, October 15, 2013

End of an era

Никола Мартиноски

Пред околу еден месец со син ми, по 2 години и три месеци од неговото раѓање, или вкупно 27 месеци, ја завршивме нашата убава и (релативно) долга приказна со доењето.

Одбивањето се сосем случи спонтано и на мое големо изненадување, а и спротивно на предупредувањата на најголем дел од блиските, скоро безболно. Веќе подолг период му најавував на син ми дека наскоро ќе нема веќе доење и претпоставувам дека и тоа одигра улога во неговото лесно прифаќање на промената. Подоите ни беа сведени на минимум - само пред заспивање и ако се разбудеше во текот на ноќта, или во ситуации кога беше екстремно вознемирен. И така, во текот на една недела кога имав многу работа а истовремено бев и малку настината па спиев во друга соба едноставно сфатив дека веќе поминале неколку дена без тој ноќен ритуал.

На крај, без експлицитни и трауматични демонстрации на незадоволство и некоја голема тензија заврши последната директна физичка врска помеѓу мене и моето дете. Од оваа дистанца можам да кажам дека и двајцата имавме апстиненцијална криза, малиот стана многу покенкав, јас понервозна, а времето потребно за детето да се смири и заспие навечер се зголеми за најмалку десет пати, ама син ми никогаш и не бил цврст спијач, така што и тоа го пребродуваме без некоја посебна драма.

Го пишувам ова затоа што забележав дека има доста притисок врз мајките што решаваат да ги дојат своите деца подолго од она што е општествено „препорачливо“ -  околу една година.
И покрај препораките на Светската Здравствена Организација за доење до 2 години, а и покрај зголемената свест за предностите од доењето, мајките што ги прекршуваат овие непишани правила не поминуваат без доза на потсмев, а често и самите се цензурираат и тивко си се потсмеваат за да удоволат на општествено прифатените норми за доењето како нешто срамно, особено по извесна возраст на детето.



Поради општото ниско ниво на толеранција и поддршка за доењето во пракса (за разлика од неговото величање и мистификација во теорија) ова ќе биде прв од серија постови посветени на доењето. Би сакала само да нагласам дека со овој обид за промоција на доењето никако не би сакала да ги омаловажам родителите што од било какви причини се решаваат да користат адаптирано млеко. Едноставно сметам дека би било убаво кога доењето би станало прифатено во иста мера и на ист начин (особено во јавност) како хранењето со шишенце.

Истовремено ги повикувам сите мајки кои ја делат оваа филозофија и сметаат дека е потребна поголема демистификација и поддршка за доењето и доењето во јавност, да ми пратат слики од себе како дојат (може повеќе или помалку експлицитни) за да направам колаж (кој се разбира ќе ја вклучува и мојата слика), а исто така добредојдени се да ги споделат своите размислувања/доживувања врзани за доењето.


Thursday, October 10, 2013

Интервју со Агнес Годар: Жени во филмот




Во краткото обраќање по доделувањето на наградата, Агнес Годар - првата кинематограферка-лауреатка на признанието за особен придонес на Фестивалот „Браќа Манаки“ - рече дека ја прима во име на сите непознати жени зад камерите чиишто имиња до сега не биле спомнувани и се надева дека оваа статуетка отвора нови врати за многу други од нив.
Скромна и тивка, Агнес се потруди да проговори за дискриминацијата присутна во нејзината фела, иако, како што вели, професионално се труди тој аспект на нештата едноставно да го третира како „дел од работата“.

1. Во феминистичката филмска теорија терминот „машки поглед“ се користи за да го дефинира движењето на камерата и претставувањето на наративната акција од машки агол. Ова е највоочливо во љубовни сцени, кога гледната точка е скоро секогаш таа на хетеросексуалниот маж.
Дали некогаш сте се обиделе да ја изместите оваа перспектива?

Не би била сигурна до кој степен сум се среќавала со ова, иако дефинитивно е присутно како појава; во секој случај, мојата гледна точка е поинаква во смисла дека мене како директорка на фотографија ме интересираат и мажи и жени, а целта не ми е да дадам предност на машкиот принцип - поентата според мене лежи во нешто сосем друго - всушност би рекла дека додека работам, мојата цел е да се обидам да ја дофатам мистеријата на ликот, а со тоа и мистеријата на човечкото суштество, без разлика дали тоа е маж или жена, се стремам да ја разоткријам мистеријата во нив.

2. Во вашиот професионален живот, можете ли да забележите промена во ставот кон жените кинематограферки? Дали работите стануваат полесни? Како ви беше на почетокот, а како е сега?

Да, дефинитивно, има напредок, односно има се’ повеќе жени што работат зад камерата во споредба со порано. Јас сум свесна дека имав многу среќа што сум Французинка, затоа што француските сниматели не само од претходната генерација, туку би рекла и од генерацијата пред нив, им даваа можност и на девојки да работат зад камерата - барем тоа беше мојот случај, но свесна сум дека имав и среќа. Промената сега е во тоа што има многу поголем број жени што работат како режисерки, кинематограферки, асистентки на камера итн. Сепак, се’ уште има еден вид на граница, невидлива бариера затоа што над одредена сума на филмски буџет веќе не може да се најдат жени на оваа позиција. Во високобуџетните филмови се’ уште нема место за жени снимателки, можеби со исклучок на една, мислам во САД.

3. Дали сте почувствувале разлика во работата со мажи и жени режисерки? Дали вам тоа ви играло некаква улога?

Па, вистина е дека повеќе сум работела со жени отколку со мажи, и не знам зошто е тоа така, не е некој свесен избор, едноставно така се склопиле коцките; инаку, мислам дека нема некоја разлика дали е маж или жена во прашање, тоа е личност која треба да се запознае, да се научи како работи и што бара; тоа е само прашање на карактер, а не на сексуален идентитет. Вистина е дека мажите и жените се различни, но тие се ралични како индивидуи, како човечки суштества.
И она што јас секогаш се обидувам е тоа што секогаш правам напор да и’ излезам во пресрет на таа личност, да се обидам да сфатам дали има некоја препрека на патот до она што сакаме да го оствариме и кога има, тоа едноставно го третирам како дел од работата, а не како прашање поврзано со тоа дали режисерот е маж или жена, инаку тоа би била изгубена битка.

4. Дали мислите дека некогаш не сте добиле работа на филм заради тоа што сте жена?

Да, еднаш. Многу ме привлекува темата на воени филмови, многу ми е интересна и морам да признаам дека многу ја сакам и сметам дека е важно да се обработува во филмови, па бев на средба со еден режисер што спремаше ваков филм, но ми кажаа дека не сум избрана поради тоа што сум жена. 

Изненадена сум што ви кажале експлицитно, морам да признаам.

Да, во некои земји така оди тоа, едноставно ви кажуваат во лице; и не знам што е подобро, и што е полесно. Да се навратам на примерот, не ми кажаа директно, ми кажаа подоцна, но и самата претчувствував, веќе ми беше јасно.

5. Во Македонија имаме две академии за филм, но во моментов немаме девојки запишани на катедрите за камера таму*. Како можеме да охрабриме повеќе девојчиња да го најдат својот пат таму?

Би рекла дека најдобриот начин би бил да се пристапи на проблемот е без овој концепт на бидување жена како спротивно на маж. Ако се почне од ваква позиција за кратко време тоа нема да фукционира затоа што тежината на предизвикот е преголема. Сметам дека девојките едноставно треба да го направаат тоа што сакаат, да го изодат својот пат и да не обраќаат многу внимание на тоа, или да го сметаат за дел од работата.

Но што ако средината не го одобрува нивниот избор и се обидува да ги убеди дека тоа не е работа соодветна за девојка, како можат да се борат против тоa?

Па, треба да ја сменат средината, да се обидат да најдат нови луѓе кои би ги поддржале затоа што тоа не е толку рационална работа, и освен ако не се психоаналитичари би им било многу тешко да се борат со тој притисок. И мораат да бидат многу храбри. 

6. Вие сте првата кинематограферка - лауреатка на Наградата за особен придонес во светската филмска уметност. Дали сметате дека има некои други жени-снимателки на коишто требало да им се даде оваа награда досега? Некои жени што се многу добри во нивната работа, но на кои не им било дадено должно признание?

Да, најверојатно, мислам дека има жени што ја заслужиле и пред мене, но не би било многу конструктивно ако се навраќаме на минатото. Да речеме дека ова им дава добра перспектива на работите и кога веќе се случило најверојатно ќе ја отвори вратата за следни добитнички.

7. Што би им советувале на сите девојчиња што сакаат да станат она што сте вие - добра кинематограферка.

Би им кажала дека ако сакаат да го работат ова, ако имаат желба, дека мора да ја задржат својата убеденост и на тој начин ќе успеат. Мислам дека не е добро ако се трудат да се вклопат во постоечкиот стандарден модел; би биле посилни ако останат верни на себе и ги изразуваат своите интимни убедувања. Тоа е најдобриот начин.



Доколку сакате да дознаете нешто повеќе за пристапот на Агнес Годар кон нејзината работа  прочитајте тука и погледнете го ова видео-интервју. За нејзината биографија, кликнете тука.

*информацијата ја добив од студентите на катедрите за камера

Фото: република и фешнел.



Monday, October 7, 2013

Шкртање по ѕидови


Одлуката да му дозволам на син ми да шкрта по ѕидови беше една од најостро осудуваните што ги донесов како родителка од потесната и поширока околина :)

Многумина (со право) мислат дека треба да постои извесна дисциплина и ограничување на детската слобода за креативно изразување на заедничкиот простор во домот, па решенија како цртање по големи хамери хартија залепени за ѕидот, или шкртање на само еден ѕид, или само во детската соба ми изгледаа компромисни и прифатливи, но со оглед на тоа што и онака планиравме бојосување на целиот стан оваа пролет, му дозволив на син ми да прави што сака со ѕидовите.


Целата приказна започна сосем случајно, а заврши со повеќе слоеви на слики со пенкало, дрвени боички и креди на буквално секоја ѕидна површина до која што син ми имаше пристап и некои од нив беа навистина убаво осмислени и обоени... па... шкртаници. Имаше еден период кога детето баш по цел ден си шкрташе па и јас си добив сериозни опомени од околината дека тоа веќе ги преминува сите граници.


На крај, приказната заврши со тоа што по бојадисувањето син ми сосем изгуби интерес за ѕидовите како медиум за креативно празнење и продолжи со некои други слични активности, така што засега, јас - попустливо-наметливата мајка - сум морален победник во ситуацијата.


Зборот ми е, што би било најпаметно да направам во случај скриениот мурален гениј во син ми повторно да се разбуди? Ако се најде некој повеќе или помалку искусен родител/ка како го чита ова, навистина би сакала да чујам како би/сте се справиле со ова :)




Thursday, September 19, 2013

Интервју со Лабина Митевска: Жени во филмот (прв дел)

Лабина Митевска е актерка со меѓународна кариера и една од најспособните продуцентки во Македонија. Исто така, веќе петта година по ред е директорка на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ - Битола, кој во моментов е во тек. Тоа и беше повод да и' поставам неколку прашања во врска со жените и нивната позиција во филмската индустрија.

фото: фешнел


1. Камерата во филмот најчесто снима од машка гледна точка (мажите најчесто ги имаат носечките улоги, во љубовните сцени фокусот е на женското тело како да се претпоставува дека гледачот е хетеросексуален маж, итн). Колку можеш и на кој начин ти лично се трудиш да влијаеш кон изместување на перспективата за публиката да ја прифати и женската позиција и толкување на нештата?

Па јас и Теона постојано делуваме колку што можеме. Свесни сме дека можеби филмскиот бизнис е бизнис каде што овие разлики се најголеми и највоочливи. Едноставно позади камерите има многу малку жени, и се’ уште работите се многу поделени на машки и женски. Пробуваме да делуваме во секој аспект, да менуваме перспектива, да поместуваме граници, да раскажуваме приказни од еден друг агол. Со секое наше дело се бориме против стереотипите, против балканскиот се’ уште многу присутен мачо дух. 

2. Ти си прва жена - директорка на овој фестивал и нагорната линија по која се развива фестивалот е очигледна. Исто така откако ти раководиш може да се забележи постепено зголемување на бројот на жени присутни на фестивалот, често и во улога на лауреатки. Дали мислиш дека порамноправната застапеност и поголемото признание дадено на жените во фестивалскиот и филмскиот свет воопшто, ќе доведе до подобри резултати?

Мора да веруваме дека ќе донесе подобри резултати. Јас секогаш сум оптимистка и единствено така можам да функционирам. За мене беше страшен фактот дека на фестивал со таква традиција досега сме немале кинематограферка - лауреатка на наградите за особен придонес или животно дело. Тоа е застрашувачки. Посебно што навистина има исклучителни директорки на фотографија, како Ањес Годар, како Виржини Сан Мартан, како Наташа Брајер, како Јоланта Дилевска.

3. Кои се важни женски авторитети за тебе на кои и самата се огледуваш?

На многу од нив. На секоја жена што постигнува нешто, на секоја жена која се бори за нешто, на секоја жена која менува нешто, без разлика дали делува глобално или локално, дали е лидерка или хигиеничарка.

4. Мажите што се успешни во својата работа се добро прифатени од околината и често се гордеат со тоа. Од друга страна жените кои се успешни како секогаш да треба да се екстра симпатични за околината да не ги доживува како закана, како нивниот успех да е сам по себе сомнителен па треба да се оправдуваат дека не дошле до висока позиција преку „нечиј кревет“. Што мислиш за ова?

Она што ме провоцира е што секогаш мажите се многу посплотени и многу повеќе се поддржуваат едни со други. Од друга страни многу често тоа кај жените го нема, посебно не на Балканот и во Македонија. Секоја што е исклучителна е напаѓана, секоја што се труди да промени нешто е предмет на потсмев, и секој си дозволува за секого лошо да коментира. И тоа многу често жени го прават на жени - за мене е тоа страшно, убиствено. 

5. Во Холивуд, со ретки исклучоци, многу ретко има улоги за жени над 45 години. Во независниот и европскиот филм ова не е толку изразено, но сепак актерките што се се’ уште актуелни по таа возраст се бројат на прсти, додека сликата на постари мажи со многу млади жени како партнерки е општоприфатена. Дали гледаш постепена промена во овој тренд и дали сметаш дека во одреден момент ќе треба да се откажеш од актерството само поради годините?

Да ова е факт, но во исто време има фантастични примери на жени актерки кои се пробиваат во многу подоцнежни години. Важно е да се создава и креира добра уметност, не е важен квантитетот туку квалитетот. Она што е фантастично со филмската уметност е што останува зад тебе засекогаш. Мене секогаш ми било поважно да остварам квалитетна улога, па макар и да е тоа еден филм во три години, отколку да снимам три лоши филма во една година. Така што овој факт не ме плаши.

6. Кој ти е следен чекор и кој би ти бил најголем предизвик, најголем сон кон кој целиш во животот?

Па моите предизвици доаѓаат дури сега. Со раѓањето на Вега многу нешта се променија. Позитивни промени. Промени во однос на станувањето мајка, како и промени на огромна енергија и креативност која ја имам во однос на мојата кариера. Мислам дека ме чекаат големи предизвици!

7. Минатата година Катрин Денев рече дека секоја жена е феминистка, дури и онаа што најжестоко го одрекува тоа. Ако се земе предвид дека феминизмот е движење за постигнување еднакви права и можности и не се залага за доминација на било кој пол, туку за рамноправност, зошто жените (и мажите) толку се плашат да се прогласат за феминисти/ки?

Навистина не знам зашто е тоа така. И не ги сфаќам овие жени кои велат дека нема разлика, дека не се феминистки, дека не знаат што значи тоа, дека никогаш не осетиле никаква дискриминација. За мене ваквиот став е комплетно слепило. А навистина е тажно во овој прекрасен свет да живееме слепи и да не реагираме на времето кое не' опкружува. Да не се бориме да ги правиме работите подобри, а со тоа да го направиме и светот подобро место за живеење за сите.

за време на фестивалот

Од срце и' благодарам на Лабина што успеа во виорот на цел фестивалски хаос да најде време за да ги одговори овие прашања. И' посакувам уште многу силни улоги, полни сали и аплаузи и филмови што ќе најдат начин да ни ги приближат и оние нераскажани приказни и загушени гласови.

Thursday, September 12, 2013

Интервју со Даниела Ременска

Даниела Ременска ни беше гостинка на последниот настан на Бори се женски - Жени во технологијата. Таа е докторантка на „Free University Amsterdam“ во областа на Компјутерски науки. Се занимава со грид системи, а фокусот ѝ е на формална верификација на однесувањето на дистрибуирани системи. Спонтана и самоуверна, Даниела ни го раскажа својот пат во светот на технологијата, а во ова интервју споделува некои од своите ставови во врска со положбата на жените на пазарот на трудот, а и пошироко, во општеството.


1. Велиш дека дефинитивно не би можела да постигнеш еднакви успеси во моментов кога би имала свое семејство и/или деца. Дали тоа значи дека светот се’ уште има преголеми очекувања од мајките и им задава премногу обврски?

Општествените прилики се такви, неоправдано се очекува мајката да биде таа која ќе посвети најмногу време, внимание и енергија на целото семејство. Не ја оправдувам моменталната поставеност на работите, меѓутоа сум видела дека тоа може и поинаку, па дел од „вината“ ја барам и во нас жените. Повеќето обврски може, а впрочем и треба, да се делегираат подеднакво на партнерот, ако го има.

2. На кој начин ти мислиш дека поширокото општество може да им помогне на девојките талентирани и заинтересирани за технологија да успеат да се пробијат?

„Бори се женски” е еден од начините, и тоа многу важен. Девојките пред се треба да се едуцираат околу нивните можности, треба и некој да ги потсети (а вие тоа го правите на солиден начин!) дека треба храбро да ги следат своите амбиции. Посочување на примери за успешни жени од доменот на нивната (посакувана) професија, колумни, видеа, колку и да е очигледно, сепак функционира, го дава оној елан, мотив за жената да почне длабоко во себе да верува дека е еднакво способна да успее во технологија, индустрија, и било која професионална дејност моментално доминирана од мажи. Барем мене во факултетските години тоа ми беше двигател. Уште повеќе, семејството има голема одговорност и игра клучна улога во оформувањето на секоја личност, особено во адолесцентските години. Родителите и блиските кругови се тие кои стимулираат интерес за технологија, а за жал можат да бидат и најчесто тие кои ја стигматизираат жената, оставајќи пример преку нивното секојдневие.

3. Дали се имаш најдено во ситуација да се чувствуваш супериорно затоа што работиш во традиционално доминирана од мажи?

Да. Вниманието кое една жена го добива во околина доминирана од мажи може да биде изненадувачки големо. Веројатно во исто толку ситуации сум се почуствувала и инфериорно, меѓутоа дури и во технолошки-развиени земји како западните, со посебно внимание се слуша обраќањето на жена на состанок, конференција или симпозиум. Се случувало да чуствувам дека добивам и асиметричен feedback и помош во работата, во однос на мажите во мојата непосредна работна средина, па единствен начин на објаснување на таа асиметрија да го препишам на фактот дека сум жена. Уште повеќе, жените имаат сосема поинаков начин на резонирање, посебно во технологија, а тоа им дава предност. Многу почесто обрнуваат внимание на детали, поскромно гледаат на своите способности, па затоа и повеќекратно го ревидираат сработеното, а ефектот е дека (генерално, оти е тешко да се квантификува прецизно) квалитетот на произлезените артефакти е повисок кај жените во индустрија, имам чуство.

4. Што мислиш дека би биле придобивките од зголемен процент на жени во технологија и на раководни место во технолошките гранки?

Ако се искористи потенцијалот кој жените го имаат да придонесат во технологија, наука, и слично, а за кој статистиките говорат дека е во голема мера неискористен, никој не може да загуби, светот може само да стане подобро и поинтересно место за живеење. Многу често забораваме дека борбите како онаа што Бори се женски ги води, немаат и никогаш ќе немаат агенда да го намалат процентот на мажи од индустрија, за сметка на застапеност на жени. Веројатно технологијата, па и општо светот кој би бил резултат од поголема застапеност на жените, би бил поинаков, во подобра смисла. Тешко е да се предвиди, меѓутоа можам да си замислам технологија која е повеќе environment-aware, фокусирана на подобрување на здравство, образование и слично. Би бил тоа малку поинаков капитализам од оној суровиот со „борба со вратоврски” во кој живееме.

5. Голем број на жени се на удар во феминистичките кругови затоа што го прифаќаат “машкиот“ начин на борба, што подразбира успех и профит по секоја цена и пораз за конкуренцијата без разлика на тоа кои би биле последиците и без притоа во предвид да се има предвид поширокиот социјален, еколошки контекст. Еден таков пример е и Мариса Мејер (Главна извршна директорка на Јаху!) која беше најпрво остро критикувана затоа што реши да се врати на работа многу кратко време по породувањето, на тој начин вршејќи додатен притисок на новите мајки што побрзо да се вратат на пазарот на трудот, иако е малку познат факт дека до својата канцеларија изгради соба/игрална за својот син којшто и’ е постојано во близина. Истовремено, на вработените во Јаху им ја укина можноста да работат од дома, оневозможувајќи им ја истата привилегија и ним – да бидат блиску до своите деца додека работат.
Знам дека ти ја почитуваш Мариса Мејер, па како би го коментирала ова?

Она што вие го посочувате како „машки” начин на борба, мене повеќе ми звучи на дефиниција за моментално поставениот капитализам, и лично сѐ уште се плашам да го ставам во gender конотација. Од друга страна: да, капитализмот е таков оти водечка куповна и одлучувачка моќ сѐ уште имаат мажите. Во никој случај не би поддржала полиса која експлицитно им ги отежнува секојдневијата на мажите и жените инженери кои жонглираат помеѓу грижата за деца и нивното напредување во кариера. Искрено, не ги познавам доволно полисите за работен однос во западните земји на тема родителство, па мојот став е недоволно оформен, на основа на туѓи искуства. Ме зачудува фактот што и во една земја како Холандија, жените имаат институционално загарантирано право на само околу 3 месеци породилно отсуство.
Сепак сметам дека во случајов таа сторија околу Мариса Мејер е извадена од контекст. Ако добро се сеќавам, со претходната политика на работење Yahoo! одеше стрмоглаво по долна линија, а тоа може да биде подеднакво погубно за вработените со оформено семејство. Помалку е познат фактот дека истата таа Мариса е отстранета од својата (тогаш во Google) водечка позиција бидејќи на тројца влијателни мажи инженери не им одговарала политиката на темелно ревидирање и лично пречешлување на секоја UI-промена од нејзина страна, па со тој „машки” начин на борба, поставиле ултиматум до самите основачи на Google: „или ние или Мариса, некој мора да си оди”.

6. Во моментов во Македонија актуелни се владините кампањи за многудетни семејства и против абортус. Што мислиш на каква порака ова им праќа жените и начинот на кој се доживуваат од околината?

Апсолутно промашена кампања која на жените гледа како кон родилки, кои во Македонија служат само и единствено за приплод. Самото читање на ова прашање буди гнев кај мене. Се движиме во погрешна насока со кампањи од ваков вид, јас паметам едни времиња во кои овде абортусот беше личен избор на оној кој го поседува телото, и никој тоа не се ни осмелуваше да го спори.

7. Би можела ли на кратко да ги споредиш Македонија и Холандија по однос на полова дискриминација? Кои добри практики би можела едната земја да ги преземе од другата?

Иако делува дека таа битка за рамноправност е извојувана, во Холандија успешно функционираат организации кои стимулираат жени во технологија и наука. Ефектите од работата на ваквите организации многу темелно, сериозно, и континуирано се чешлаат и анализираат. Значи не станува збор за про-форма организации. Добро познато е дека Холандија е земја каде полова, сексуална, етничка, или било каква друга форма на дискриминација е одамна надмината работа. Законски, двајцата родители имаат исто право на неплатено отсуство заради родителски обврски кон детето. Би сакала да го видам ефектот од таков еден закон во Македонија, на пример. Од друга страна, како што реков, загарантирано породилно отсуство од само три месеци звучи страшно.

8. Си била ли во ситуација во животот да се спротивставиш на машки авторитети кои се обидувале да те омаловажат или не ти давале должно признание само поради полот?

Сум била во ситуација каде во тим со мажи сум морала да вложам дополнителен напор за да докажам дека направеното, или она што сакам да го направам, вреди, бидејќи од старт се гледало со скептицизам.

9. Нашиот јазик обилува со фрази и изрази кои го величаат машкиот принцип како храбар и силен: „прво па машко“, „има мадиња“, „машки му влезе“ повеќето од кои особено пофално се доживуваат кога се упатени кон жена. Колку мислиш дека оваа реторика ја застапуваш и самата и дали можеби е потребно да се изврши „ревизија“ на овие изрази?

Не се исклучувам себе си од користење на такви фрази, и не ги сметам за фатални. Ниедна нација ни земја не е со комплетно gender-free речник, ќе поминат столетија пред тие да станат застарени.

10. И за крај, што за тебе значи да се бориш „машки“ и да се бориш „женски“?

Повеќе пати пробувам да одговорам прецизно и концизно, ама безуспешно. Најблиску до она што јас го чуствувам како „женска“ борба е дефиницијата во која емоциите и свесноста за општиот ефект на таа борба кон пошироката околина, не се исклучени или свесно минимизирани до ниво на исчезнување, од секојдневното донесување одлуки во професионалната средина.


Ѝ благодарам на Даниела за времето што го оддвои за ова интервју, и за концизните, искрени одговори што ги даде. Се надевам во иднина повторно ќе имаме прилика да ги продискутираме и актуелизираме овие теми и да констатираме напредок, а во меѓувреме ѝ посакувам успешно да чекори напред и да продолжи да ги крши стереотипите и „стаклените плафони“ во име на сите жени насекаде.

фото: Драгица Николовска
за резиме на настанот кликнете тука

Wednesday, September 11, 2013

Повторно тука

Веќе подолго време не сум пишала на блогот, најмногу поради презафатеност. Но, во последно време успеав да најдам малку повеќе слободно време, а имаше и доста настани вредни за споделување, па еве ме пак. Се надевам дека ќе успеам малку поредовно да го одржувам овој мал блог, а во меѓувреме ќе ги ажурирам досегашните постови со превод на англиски, ќе го средам малку дизајнот, и ќе ги поделам постовите по теми. 

Она што следува е колумна што ја напишав за Радио Слободна Европа, по повод настанот организиран од Бори се женски - Жени во технологијата. 




Некаде во средношколските години, во периодот кога требаше да се избира професија, еден од најчестите коментари на околината кога ќе кажев за кои факултети размислувам беше тоа дали се добри за женско. На почетокот мислев дека тоа е само поради традиционалното доживување на жената како добра негувателка и учителка, полна со љубов и разбирање за другите. Подоцна увидов всушност дека она што најчесто се смета за професија која едобра за жена е онаа во која таа нема да има голема можност за професионално надградување и усовршување и пристап до позиции на моќ, од што може да се заклучи дека општеството жените однапред ги подготвува да посветат повеќе време и да ги преземат главните одговорности околу семејството и домот. Понатаму, овие гранки и се стандардно помалку платени во споредба со традиционалните машки професии како технологија, индустрија, бизнис, адвокатура, и „попрестижните“ гранки на медицината како хирургија и неврологија, што на некој начин однапред ја контролира економската моќ на жените, успевајќи делумно да ги задржи финансиски зависни.

Светските статистики ни зборуваат дека жените се се’ уште убедливо малцинство во технолошките професии. Од податоците од Државниот завод за статистика може да се дојде до заклучок дека кај нас не само што далеку помалку девојки се запишуваат на електротехничките и машинските факултети во споредба со момчиња, туку дека и покрај позитивните растечки трендови од пред неколку години, во моментов нивниот процент прогресивно паѓа според податоците за дипломирани студенти/ки и уште повеќе понатаму во статистиката за вработување. Ова укажува на општествени текови кои и понатаму се во главно, најблаго речено, обесхрабрувачки за жените што излегуваат од зацртаните рамки и се обидуваат во гранка традиционално доминирана од мажи.

Како дел од активностите на неформалниот колективБори се женски, на 4 септември имавме настан на кој во фокусот ни беа жените во технологијата и на пазарот на трудот воопшто. Гостинка на настанот беше Даниела Ременска, докторантка на „Free University Amsterdam“ во областа на Компјутерски науки. Таа се занимава со грид системи, а фокусот и’ е на формалната верификација на однесувањето на дистрибуирани системи. Има објавено и научен труд за НАСА. Даниела е еден брилијантен ум, способна и самоуверена жена што не се плаши да сонува за (условно речено) невозможното и да најде начин да ги оствари своите соништа и на тој начин преку личен пример се бори во името на илјадници други млади жени што можеби не израснале во толку стимулативни средини, или пак немаат поддршка од поблиската и поширока заедница да го следат својот пат, па продолжуваат во општествено „посоодветни“ професии за женско.

За време на краткиот престој во Скопје, ја поканивме да ни зборува за личните искуства – за тоа што значи да се биде жена која се занимава со технологија. Раскажувајќи ни за сопствениот пат, Даниела ни кажа дека ретко била соочена со директна дискриминација, но сепак призна дека најчесто е единствена жена во колегиуми составени од мажи, и дека вообичаено на почетокот мора дополнително да се докажува за дури потоа да биде прифатена како рамноправна и еднакво способна. Исто така ни посочи дека од нејзино искуство жените најчесто систематски го припишуваат својот успех на среќни околности и надворешни фактори, за разлика од мажите што повеќе акцент ставаат на сопствената способност и талент. На прашањето дали би можела да го постигне сето тоа кога би имала семејство во дадените општествени услови, нејзиниот одговор беше категорично „не“.

Уште еден заклучок што се наметна по дискусијата со присутните на настанот е дека „привилегираните“ луѓе кај нас во голема мера не се свесни за поширокиот општествен контекст и сметаат дека борбата за женски права се сведува на индивидуален избор и успех на жената да се наметне во средината, притоа имајќи ги предвид само жените од заедниците блиски до себе кои во главно се со високо образование и солидна економска моќ. Не ја гледаат корелацијата на постојаните ограничувања и девалвација на жената од страна на државните системи и нивните практични последици во секојдневниот живот. Се добива впечаток дека нашите граѓани/ки цврсто држат до ставот дека женските права се веќе извојувана битка, или уште полошо, дека самите жени се виновни за своите патила, без притоа да се свесни за едноставни факти како тој дека во Македонија се’ уште само 2 проценти од жените поседуваат имот на нивно име, или дека голем дел од семејното насилство останува непријавено и се третира како „домашен проблем“.

Може да се заклучи дека има уште многу што да се направи за подобрување на ситуацијата и во поглед на институционална поддршка, и во однос на подигнување на свеста во врска со родовата дискриминација на пазарот на трудот. Даниела може да ни послужи како инспиративен пример и модел за младите девојчиња кои загушени од притисокот на околината се откажуваат од своите соништа, но ни треба уште многу работа за да дојдеме до ситуација во која талентот и напорната работа ќе се оние кои го одредуваат патот кон успехот, а не полот и општествените очекувања врзани за него.

линк до колумната на страната на радио слободна европа:




Tuesday, April 2, 2013

Сајбер-малтретирање (текст на Бори се женски објавен во Здруженски весник)



Иако најголем процент од жртвите на сајбер малтретирање (cyber-bullying) се тинејџер(к)и, никој не може да биде заштитен од оваа современа напаст. Доволно е некоја недобронамерна личност да ви го „фрли пикот“ и да ве начека кога сте малку поневнимателни или поранливи за да почне со напади кои можат да имаат и страшни последици.

            Кога била во седмо одделение, Аманда Тод на интернет запознала лик кој преку ласкање и манипулација успеал да ја наговори да му ги покаже градите. По една година истиот насилник ја пронашол на фејсбук и и’ се заканил дека ако не му „приреди шоу“ ќе ги прикаже разголените слики од неа на сите нејзини познати. Речено – сторено, сликите биле објавени, и очекувано, станале многу популарни кај децата од нејзиното училиште кои почнале да ја напаѓаат и исмеваат резултирајќи со депресија кај девојчето.

            Во обид да го избегне малтретирањето, Аманда три пати менувала училиште, а ниту преселбата на семејството во друг град не го спречило насилникот секојпат одново да ја пронајде и праќа компримитирачки слики од неа во нејзините нови друштвени кругови. Посетите на психијатар, во комбинација со анти-депресиви не успеале многу да и’ помогнат. Девојката почнала да се самоповредува и да размислува за самоубиство. Во септември 2012 г. снимила видео клип во кој ја раскажува својата тажна приказна. Во октомври 2012 г. родителите го пронашле нејзиното безживотно тело во нивниот дом во Британска Колумбија, Канада.
            И покрај сериозните последици од сајбер-малтретирањето, кои можат да бидат и  трагични како во споменатиот случај, жално е што најчесто е потребно да дојде до ескалација на сајбер-малтретирањето за да се покрене акција. Уште пожално е што има огромен број на помалку екстремни случаи што секојдневно се занемаруваат и што кај нас се’ уште премалку се зборува за овој проблем.
           
             Извесно е дека сајбер-заплашувањето веќе на големо постои и кај нас, особено меѓу младата популација, а најчеста мета подложна на овој тип на агресија се непопуларните деца, и децата од маргинализираните групи. На фејсбук од 2010 г. постои страна направена од тинејџери од едно наше мало гратче чијшто наслов прозива некое локално девојче по име и презиме и ја нарекува курва.
            Всушност и самата интернет експанзија веројатно се случува подоцна во споредба со Канада и Америка па и негативните последици се’ уште не зеле полн замав. Според тамошните статистики, околу 32 проценти од тинејџерите активни на интернет биле цел на вакви напади во одреден момент, а најчести жртви на ова малтретирање се девојчиња, особено оние од возрасната група од 15 до 17 години..

            Интернетот се’ почесто станува место каде жените и нивниот изглед се предмет на критика. Индикативен е случајот на  професорката по класични студии Мери Бирд на Универзитетот Кембриџ, која во јавноста изнела непопуларни ставови во врска со европските емигранти во Британија.  Резултат: лавина негативни реакции и во најмала рака невкусни коментари за нејзиниот изглед. Според Мери Бирд, таквата женомразечка реакција би била доволна да заплаши било која жена повторно да се појави во јавност

Уште поекстремна е приказната на Анита Саркеесиан, канадско-американска феминистка, истражувачка и блогерка, којашто на интернет поставила видео клип во кој го претставува својот нов проект – истражување за родовите стереотипи во видео-игрите, со цел да собере средства за негово финансирање. Самиот видео клип предизвикал неверојатна негативна реакција со бројни агресивни сексистички коментари и дури и видео игра во која целта е да се претепа студентката што истражува. Нејзиниот блог бил постојана мета на хакери проследени со обиди да се разоткријат и објават нејзините лични податоци. Добрата страна на ова е што Анита успеала да ги собере потребните средства за истражувањето за помалку од 24 часа и што случајот помогнал да се подигне свеста за мизогинијата и постојаната сексуална злоупотреба на жените во видео игрите и да се отвори дискусија по однос на ова прашање во популарните медиуми.




            Ваквите појави не се непознати ни за нашата локална средина. Овој јануари на својот блог напишав текст (подоцна преземен од страна на левичарското движење Солидарност и порталот Окно), во кој се осврнав на македонската твитер заедница, поконкретно на еден хаштаг како пример за место каде се генерира мизогинија, која верувам понатаму може да заземе различни малигни форми на интернет и пошироко во општеството. Членовите на македонската твитер заедница тоа го сфатија лично, што резултираше со хаштаг #АнаВасилева во кој бев прозвана по име и презиме и напаѓана по секаква основа, се разбира најчесто сексуална, поради моите ставови. На тој начин не само што се даде додатен легитимитет на мојата теза, туку се покажа и дека општата свесност во врска со родовите прашања е се’ уште многу ниска.

            Секако дека би било наивно да се очекува каков и да е општествен или цивилизациски напредок без негативни последици, па таков е и случајот со новата „сајбер“ цивилизација, во која дури и понагласено доаѓаат до израз темните страни на човековата личност. Особено поради можноста секој да си ги промовира јавно своите идеи и дела, а неретко и своите интимни „податоци“, а со тоа да ги направи достапни на многу помалку или повеќе љубопитни очи, меѓу кои и некои што не се баш солидно култивирани и воспитани.