Wednesday, January 15, 2014

Присуство на породување (дел 1 - Миле Грујовски)

Присуството на таткото на раѓањето на неговото дете кај нас се уште е табу. Ретко има интерес и меѓу татковците и меѓу мајките за тоа, а институциите воопшто не нудат, а не пак да поттикнуваат создавање услови за тоа. Во приватните родилишта ова не е толку тешко да се изведе, но во државните во моментов е речиси невозможно, што всушност е чекор назад, затоа што во старата зграда на ГАК (државната гинеколошко-акушерската клиника) во Скопје постоеше таква можност во единствената изолирана родилна соба, но, претпоставувам меѓу другото и поради екстремно малиот интерес, во новата зграда тоа веќе не е можно, т.е. ако се потегнат вистински врски може да се издејствува про-форма присуство во тие неколку моменти кога детето излегува од родилниот канал и се сече папочната врвца, по што следува експресно отстранување на таткото.*
Понатаму, во моментов е невозможно првите денови по раѓањето на детето семејството да ги помине заедно, затоа што го државните болници посетите се строго забранети за сите. Ја разбирам превентивната природа на ова ограничување, но реално и не се потребни некои вонземски услови за да може да се обезбеди соодветна опрема и стерилизација за таткото (или некоја друга личност по избор на родилката) да може да биде со мајката и детето во тие моменти, особено имајќи го во предвид фактот за недоволниот персонал на државните клиники и следствено нивната неможност да обратат доволно внимание на новородените и на родилките.
И покрај тоа што придобивките од присуството и на двата родитела во текот на породувањето се евидентни и за родилката и за бебето, и во развиените земји тоа се доживува како дел од стандардната постапка, традиционалниот пристап кај нас е длабоко вкоренет и мошне ретко се наоѓаат мажи и жени што решиле да го предизвикаат.
Од овие причини, решив да стапам во контакт со неколку такви напредни авантуристи и да ги замолам во прво лице да ги споделат впечатоците од раѓањето на нивните деца.
Прв од серијата татковци што од прва рака го посведочиле раѓањето на своето дете е Миле Грујовски, компјутерски програмер кој живее и работи во Скопје, татко на малата Дамјана.


1. Во нашево општество присуството на таткото за време на раѓањето на неговото дете се’ уште се смета за непосакувано и неприродно. Зошто и како ти се реши на овој чекор и каков беше ставот на партнерката?

Да, точно е дека во нашето општество присуството на таткото за време на раѓањето на сопственото дете се смета за неприродно. Ова е уште една од нелогичностите на нашето општество. За моја среќа опкружен сум со луѓе, пријатели кои што размислуваат и делуваат поинаку. 
На кратко, одлуката за присуството на таткото може да се разгледа во три случаи: 
    1. Мајката категорично одбива присуство на партнерот, таткото. 
Оваа ситуацијата е чиста, доколку и таткото не сака да присуствува на породувањето. Доколку таткото сака да присуствува а тоа прави дополнителен стрес кај мајката тогаш не препорачувам инсистирање од страна на таткото, но од друга страна е и себично. Себично е затоа што е исклучена можноста таткото да биде сведок на овој битен момент.
    2. Мајката е неутрална.
Најчест случај, одлуката останува на таткото.
    3. Мајката посакува присуство на партнерот,таткото.
Во мојот случај, мојата сопруга беше неутрална околу моето присуство, иако мислам дека сакаше да присуствувам но одлуката да ја донесам сам. На почетокот не мислев да присуствувам на породувањето, но со текот на времето како што се приближуваше датумот за породување мојот став околу ова прашање се промени. Две причини преовладуваа:
    1. Родителскиот инстинкт што во текот на бременоста се појавува, развива и оформува. Себично посакував прв да ја придржам и почувствувам сопствената ќерка.
    2. Помислата дека присуството може некако да помогне. 

2. Како беше тоа прифатено од средината (твоите блиски) и од медицинскиот персонал?

Средината и блиските може да имаат сосема спротивен став од она што таткото го посакува, меѓутоа фактот дека се работи за моето семејство во голема мера го минимизира влијанието на околината. Од една страна породувањето е крај на бременоста, но од друга страна е почеток на еден сложен процес на одрастување на дете за кој што мора родителот да е подготвен да зазема ставови често спротивни од оние на околината. За среќа моите блиски ме поддржуваа.
Што се однесува до медицинскиот тим, не секогаш е дозволено таткото да присуствува на породувањето, обично кога се работи за сложен случај или царски рез кога е забрането присуството на таткото бидејќи породувањето се смета за хируршки зафат. Тимот кој што го водеше породувањето на мојата сопруга беа исклучителни професионалци кои вешто би ве предупредиле доколку правите нешто погрешно или ако треба да ја напуштите просторијата.

3. Дали и колку сметаш дека твоето присуство беше корисно за твоето дете и партнерка и на кој(и) начин(и)?

Да, дефинитивно беше корисно за партнерката бидејќи самото присуство на некој начин е споделување на болката и стресот низ кои што поминува жената. За детето не би рекол дека има некаква директна корист освен можноста да ја почувствува енергијата (љубовта) на двајцата возбудени родители заедно во моментот на доаѓањето на свет. Најголемата корист е искуството што заеднички се стекнува за време на овој чин.

4. Митот вели дека таткото (ако веќе е присутен на породувањето) го поднесува многу потешко и постресно од мајката, и дека медицинскиот персонал треба и нему да му посветува дополнително внимание. Каков беше твојот случај?

Болката е многу субјективна и тешко мерлива величина. Овде би разграничил на психолошка и физичка болка. Мајката ги има во еден момент и двете а таткото можеби само психолошка болка. Мислам дека е непотребно да го споредуваме интензитетот на овие два вида болка. Медицинскиот тим веднаш ќе го отстрани таткото од салата доколку смета дека претставува проблем или прави дополнителна паника. Во мојот случај  немаше потреба од никакво внимание од страна на медицинските лица.

5. Мислиш ли дека присуството на породување те направи поангажиран татко и поосетлив за потребите на партнерката и детето непосредно по породувањето?

Секако дека придонесува во насока на поголема ангажираност кон детето и мајката, во најмала рака го подготвува таткото за она што следи понатаму. Многу е полесно за таткото да е директно во породилната сала отколку да биде во исчекување дома, времето во исчекување поминува многу бавно. Дополнително присуството значи и можност директно да ги консултирате медицинските лица околу состојбата на мајката и бебето непосредно после породувањето.

6. Колку беше подготвен и вклучен во прилагодувањето на живот со новороденче дома, честите ноќни будења, подои, проблеми со доењето итн.

Во сите активности за време на бременоста и после породувањето бев максимално вклучен, сите професионални активности ги одложив за еден месец и целосно бев посветен на детето и мајката. Поддршката што треба да ја даде таткото е многу значајна посебно за првиот месец кога мајката е немоќна и заздравува од породувањето. Обично родителите се фокусираат на породувањето и ретко кој се подготвува за периодот кога бебето ќе го донесете дома. Јас не бев воопшто подготвен за она што следи после породувањето, обично младите родители не се навикнати да се будат често или да им се промени животниот ритам. Како и да е се работи за голема промена на која што родителите мора брзо да се прилагодат и организираат.   

7. Дали претходно присуствуваше на некоја обука во врска со породувањето и ако да, колку ти беше корисна?

За жал претходно не учествувавме во никаква обука за породување. Обуките мислам дека се корисни иако во моментот на породување може да се случи да се заборави се. Од друга страна медицинскиот тим за време на породувањето дава корисни совети околу дишењето, поставеноста итн. Она што може да се стекне со присуството на породување мислам дека не може да се здобие со ниедна обука или книга.

8. Дали на новите татковци би им препорачал присуство на породување (се разбира, доколку се подготвени за тоа).

Новите татковци дефинитивно треба да покажат зрелост и пред се’ да имаат потреба заедно да го доживеат доаѓањето на свет на сопственото дете. На оние што се подготвени за тоа, доколку имаат можност им препорачувам да ја искористат и да присуствуваат на овој значаен момент.

Од срце му благодарам на Миле што сподели еден ваков интимен момент на блогов и се надевам дека ќе биде инспиративен пример за некои идни родители/ки што можеби се двоумат по однос на ова прашање.

*Немам информација за останатите државни родилишта во земјата, но претпоставувам дека во најдобар случај ситуацијата е како на ГАК.

No comments:

Post a Comment