По Миле Грујовски и Роберт Ристов, третиот татко што се согласи да ја раскаже приказната за присуството на раѓањето на неговиот деца е Срѓан Ѓорѓевиќ, апсолвент на правен факултет, вработен во БЕГ, од Скопје.
Присутен на породувања и на двете негови деца, Срѓан прави паралела меѓу можностите дозволени во приватна и државна болница во Македонија, како и митовите врзани за присуството на татко на породувањето и реалната ситуација (во неговиот случај).
1. Во нашево општество присуството на таткото
за време на раѓањето на неговото дете се’ уште се смета за непосакувано и
неприродно. Зошто и како ти се реши на овој чекор и каков беше ставот на
партнерката?
Одлучив да присуствувам на раѓањето на моите деца
бидејќи тој момент го сметам за најдрагоценото и најубавото нешто што ми се случило во животот. Ниту еднаш не се поколебав во својата одлука и
не помислив да ги пропуштам двата најважни настани во мојот живот. Уште на
почетокот на првата бременост кога одлучив да присуствувам на пораѓањето за да
и дадам целосна поддршка на мојата сопруга, наидов на позитивен став кај неа.
Бев покрај неа на сите ехо прегледи, ги гледав нашите деца како растат во неа
секој месец и едноставно природно дојде да присуствувам и на самиот чин на
раѓање. Токму поради тоа, вториот пат не ни размислував, сакав да го повторам претходното
искуство уште еднаш.
2. Како беше тоа прифатено од средината (твоите блиски) и
од медицинскиот персонал?
Повеќето од моите пријатели беа против кога им кажав дека
сакам да присуствувам на раѓањето на моите деца. Сметаа дека не треба да
присуствувам, дека тоа не е место каде што треба да бидат присутни и мажи, дека
тој момент нема потреба да се споделува, дека не треба да ја гледам својата
сопруга во таа ситуација и слично. Сепак мојот став беше цврст, бев решен дека
сакам да го споделам тоа искуство со мојата сопруга и дека сакам да бидам
присутен кога моите деца ќе дојдат на овој свет.
Кај медицинскиот персонал наидував на различни рекации,
некои сметаа дека тоа е нормална одлука и ме поддржуваа, додека други се
обидуваа да ме предомислат со зборовите “ќе има крв, да не ти се слоши, па да
треба место мајката и бебето, тебе да те гледаме“.
3. Дали и колку сметаш дека твоето присуство беше корисно
за твоето дете и партнерка и на кој(и) начин(и)?
Со првото дете, сопругата се породи во една приватна
клиника и морам да нагласам дека тој пат бев присутен на целиот процес на
раѓање на дете, што не подразбира присуство на таткото само во бокс кога е
самиот чин на раѓање. Тој пат, во 2009 година, бев со сопругата уште во
предпородилната просторија, секоја контракција ја дишев заедно со неа и се
обидував на тој начин да и помогнам колку можам. И зборував цело време, и
одвлекував внимание, се со цел да не размислува на болката која што ја трпи. Кога
дојде време за одење на бокс, повторно бев до неа, ја држев за главата и ја
поттикнував да турка посилно, а исто времено следев до каде е самото раѓање,
бидејќи не сакав да пропуштам ништо од тој момент. Кога мојата ќерка дојде на
овој свет ме облеаја прекрасни чувства. Веднаш по сечењето на папочната врвца,
ми ја дадоа во раце и тогаш се се смени. Едни прекрасни очички гледаа во мене и
знаев дека од тој момент мојот живот доби нова смисла. Кога подоцна разговаравме
со сопругата за ова искуство, ме информираше дека моето присуство во тие
моменти и било од огромно значење и дека мојата поддршка доста и помогнала.
Токму поради тоа решив да присуствувам и на раѓањето на мојот син во 2014
година. Овој пат, мојата сопруга се пораѓаше во државна болница и тука владеат
други правила. Прво на таткото не му е дозволено да присуствува на целиот
процес и нема пристап до предпородилните простории. Иако треба навремено да се
информира персоналот дека таткото сака да присуствува на породувањето, тоа е
возможно само доколку во моментот на раѓањето е слободен затворениот бокс, кој
е оделен од останатите и е на почетокот на родилните сали. Во спротивно и
доколку ви е најавено присуството на таткото на породувањето истото може и да
не биде дозволено. За среќа во нашиот случај вистинскиот бокс беше слободен и
од персоналот ме повикаа во оној момент кога самото раѓање веќе беше започнато.
Бидејќи од претходното искуство знаев дека штом е дојдено до овој момент, се ќе
заврши брзо, со огромна брзина ја облеков стерилната облека која што персоналот
ми ја даде и стигнав токму на време. И овој пат ја поттикнував сопругата да
турка и веќе следниот момент го здогледав мојот син. Повторно ме облеаја
прекрасни чувства, повторно животот доби поинаква смисла.
4. Митот вели дека таткото (ако веќе е присутен на
породувањето) го поднесува многу потешко и постресно од мајката, и дека
медицинскиот персонал треба нему да му посветува дополнително внимание. Каков
беше твојот случај?
Како што веќе реков, во мојот случај тоа воопшто не беше
така. Јас се трудев да бидам колку што е можно повеќе прибран за да можам
мојата смиреност во тие моменти да ја пренесам и на мојата сопруга. Се обидував
да ја смеам, да и’ го одвлекувам вниманието зборувајќи за различни теми, а во
моментите кога ќе дојдеа контракциите да дишам со неа. Медицинскиот персонал
немаше потреба да интервенира, ниту пак да се грижи дополнително и за мене. Можеби
е до карактерот на човекот, но повеќе сметам дека е само мит паѓањето во
несвест на таткото во оваква ситуација.
5. Мислиш ли дека присуството на породување те направи
поангажиран татко и поосетлив за потребите на партнерката и детето непосредно
по породувањето?
Мислам дека вклученоста на таткото во животот на децата
во голем дел зависи од неговиот карактер и од желба да биде вклучен во нивниот
живот. Тоа според мене не зависи толку многу од присуството на породувањето, но
сепак гледањето како децата ти доаѓаат на овој свет има одреден удел.
6. Колку беше подготвен и вклучен во прилагодувањето на
живот со новороденче(иња) дома, честите ноќни будења, подои, проблеми со доењето
итн.
Со раѓањето на првото дете настана огромна промена во
нашите животи. Се трудев максимално да бидам вклучен во се, менував пелени,
заедно со сопругата ја бањавме ќерката, подготвував млеко и и го давав. Вториот
пат веќе бев подготвен за тоа што ме очекува, и иако поминаа повеќе од 5
години, за кратко време повторно влегов во штос, менувам пелени, учествувам во
бањањето на син ми, го шетам и чувам.
7. Дали претходно присуствуваше на некоја обука во врска
со породувањето и ако да, колку ти беше корисна?
И во 2009 година и лани, со сопругата одевме на часовите
кои се одржуваат во државна болница. Лично сметам дека тие часови не беа
доволно едукативни и практични, и мене не ми беа премногу корисни. Повеќе
научив пребарувајќи информации на интернет отколку на часовите кои ги даваат
стручни лица.
8. Дали на новите татковци би им препорачал да присуство
на породување (се разбира, доколку се подготвени за тоа).
Присуството на породување би им го препорачал на сите
татковци бидејќи тоа чувство не може да се опише со еден збор, треба да се
доживее. Моментот кога се раѓа плод на взаемна љубов, самото
чувство што те облива кога ќе го видиш излегувањето на своето дете и кога за
прв пат ќе го земеш во раце е бесценето. Нема ништо поубаво, повредно и почисто
во тој момент.
Благодарност и до Срѓан што ги сподели овие интимни моменти, и секако, останува апелот да се избориме за солидни претпородилни обуки и програми, како и реална можност за присуство на породување на сите заинтересирани татковци и партнери.