Даниела Ременска ни беше гостинка на последниот настан на Бори се женски - Жени во технологијата. Таа е докторантка на „Free University Amsterdam“ во областа на Компјутерски науки. Се занимава со грид системи, а фокусот ѝ е на формална верификација на однесувањето на дистрибуирани системи. Спонтана и самоуверна, Даниела ни го раскажа својот пат во светот на технологијата, а во ова интервју споделува некои од своите ставови во врска со положбата на жените на пазарот на трудот, а и пошироко, во општеството.
1. Велиш дека дефинитивно не би можела да постигнеш еднакви успеси во моментов кога би имала свое семејство и/или деца. Дали тоа значи дека светот се’ уште има преголеми очекувања од мајките и им задава премногу обврски?
Општествените прилики се такви, неоправдано се очекува мајката да биде таа
која ќе посвети најмногу време, внимание и енергија на целото семејство. Не ја
оправдувам моменталната поставеност на работите, меѓутоа сум видела дека тоа
може и поинаку, па дел од „вината“ ја барам и во нас жените. Повеќето обврски
може, а впрочем и треба, да се делегираат подеднакво на партнерот, ако го има.
2. На кој начин ти мислиш дека поширокото општество може да им помогне на
девојките талентирани и заинтересирани за технологија да успеат да се пробијат?
„Бори се женски” е еден од
начините, и тоа многу важен. Девојките пред се треба да се едуцираат околу
нивните можности, треба и некој да ги потсети (а вие тоа го правите на солиден
начин!) дека треба храбро да ги следат своите амбиции. Посочување на примери за
успешни жени од доменот на нивната (посакувана) професија, колумни, видеа,
колку и да е очигледно, сепак функционира, го дава оној елан, мотив за жената
да почне длабоко во себе да верува дека е еднакво способна да успее во
технологија, индустрија, и било која професионална дејност моментално
доминирана од мажи. Барем мене во факултетските години тоа ми беше двигател.
Уште повеќе, семејството има голема одговорност и игра клучна улога во
оформувањето на секоја личност, особено во адолесцентските години. Родителите и
блиските кругови се тие кои стимулираат интерес за технологија, а за жал можат
да бидат и најчесто тие кои ја стигматизираат жената, оставајќи пример преку
нивното секојдневие.
3. Дали се имаш најдено во ситуација да се чувствуваш
супериорно затоа што работиш во традиционално доминирана од мажи?
Да. Вниманието кое една жена го добива во околина доминирана од мажи може
да биде изненадувачки големо. Веројатно во исто толку ситуации сум се
почуствувала и инфериорно, меѓутоа дури и во технолошки-развиени земји како
западните, со посебно внимание се слуша обраќањето на жена на состанок,
конференција или симпозиум. Се случувало да чуствувам дека добивам и
асиметричен feedback и помош во работата, во однос на мажите во мојата
непосредна работна средина, па единствен начин на објаснување на таа асиметрија
да го препишам на фактот дека сум жена. Уште повеќе, жените имаат сосема
поинаков начин на резонирање, посебно во технологија, а тоа им дава предност.
Многу почесто обрнуваат внимание на детали, поскромно гледаат на своите
способности, па затоа и повеќекратно го ревидираат сработеното, а ефектот е
дека (генерално, оти е тешко да се квантификува прецизно) квалитетот на
произлезените артефакти е повисок кај жените во индустрија, имам чуство.
4. Што мислиш дека би биле придобивките од зголемен процент на жени во
технологија и на раководни место во технолошките гранки?
Ако се искористи потенцијалот кој
жените го имаат да придонесат во технологија, наука, и слично, а за кој
статистиките говорат дека е во голема мера неискористен, никој не може да
загуби, светот може само да стане подобро и поинтересно место за живеење. Многу
често забораваме дека борбите како онаа што Бори се женски ги води, немаат и
никогаш ќе немаат агенда да го намалат процентот на мажи од индустрија, за
сметка на застапеност на жени. Веројатно технологијата, па и општо светот кој
би бил резултат од поголема застапеност на жените, би бил поинаков, во подобра
смисла. Тешко е да се предвиди, меѓутоа можам да си замислам технологија која е
повеќе environment-aware, фокусирана на подобрување на здравство, образование и
слично. Би бил тоа малку поинаков капитализам од оној суровиот со „борба со
вратоврски” во кој живееме.
5. Голем број на жени се на удар во феминистичките кругови затоа што го
прифаќаат “машкиот“ начин на борба, што подразбира успех и профит по секоја
цена и пораз за конкуренцијата без разлика на тоа кои би биле последиците и без
притоа во предвид да се има предвид поширокиот социјален, еколошки контекст.
Еден таков пример е и Мариса Мејер (Главна извршна директорка на Јаху!) која
беше најпрво остро критикувана затоа што реши да се врати на работа многу
кратко време по породувањето, на тој начин вршејќи додатен притисок на новите
мајки што побрзо да се вратат на пазарот на трудот, иако е малку познат факт
дека до својата канцеларија изгради соба/игрална за својот син којшто и’ е
постојано во близина. Истовремено, на вработените во Јаху им ја укина можноста
да работат од дома, оневозможувајќи им ја истата привилегија и ним – да бидат
блиску до своите деца додека работат.
Знам дека ти ја почитуваш Мариса Мејер, па како би го коментирала ова?
Она што вие го посочувате како „машки” начин на борба, мене повеќе ми звучи на дефиниција за моментално
поставениот капитализам, и лично сѐ уште се плашам да го ставам во gender
конотација. Од друга страна: да, капитализмот е таков оти водечка куповна и
одлучувачка моќ сѐ уште имаат мажите. Во никој случај не би поддржала полиса
која експлицитно им ги отежнува секојдневијата на мажите и жените инженери кои
жонглираат помеѓу грижата за деца и нивното напредување во кариера. Искрено, не
ги познавам доволно полисите за работен однос во западните земји на тема
родителство, па мојот став е недоволно оформен, на основа на туѓи искуства. Ме
зачудува фактот што и во една земја како Холандија, жените имаат
институционално загарантирано право на само околу 3 месеци породилно отсуство.
Сепак сметам дека во случајов таа
сторија околу Мариса Мејер е извадена од контекст. Ако добро се сеќавам, со
претходната политика на работење Yahoo! одеше стрмоглаво по долна линија, а тоа
може да биде подеднакво погубно за вработените со оформено семејство. Помалку е
познат фактот дека истата таа Мариса е отстранета од својата (тогаш во Google)
водечка позиција бидејќи на тројца влијателни мажи инженери не им одговарала
политиката на темелно ревидирање и лично пречешлување на секоја UI-промена од
нејзина страна, па со тој „машки” начин на борба, поставиле ултиматум до самите
основачи на Google: „или ние или Мариса, некој мора да си оди”.
6. Во моментов во Македонија актуелни се владините
кампањи за многудетни семејства и против абортус. Што мислиш на каква порака
ова им праќа жените и начинот на кој се доживуваат од околината?
Апсолутно промашена кампања која
на жените гледа како кон родилки, кои во Македонија служат само и единствено за
приплод. Самото читање на ова прашање буди гнев кај мене. Се движиме во
погрешна насока со кампањи од ваков вид, јас паметам едни времиња во кои овде
абортусот беше личен избор на оној кој го поседува телото, и никој тоа не се ни
осмелуваше да го спори.
7. Би можела ли на кратко да ги споредиш Македонија и Холандија по однос на
полова дискриминација? Кои добри практики би можела едната земја да ги преземе
од другата?
Иако делува дека таа битка за рамноправност е извојувана, во Холандија
успешно функционираат организации кои стимулираат жени во технологија и наука.
Ефектите од работата на ваквите организации многу темелно, сериозно, и
континуирано се чешлаат и анализираат. Значи не станува збор за про-форма
организации. Добро познато е дека Холандија е земја каде полова, сексуална,
етничка, или било каква друга форма на дискриминација е одамна надмината
работа. Законски, двајцата родители имаат исто право на неплатено отсуство
заради родителски обврски кон детето. Би сакала да го видам ефектот од таков
еден закон во Македонија, на пример. Од друга страна, како што реков,
загарантирано породилно отсуство од само три месеци звучи страшно.
8. Си била ли во ситуација во животот да се спротивставиш на машки
авторитети кои се обидувале да те омаловажат или не ти давале должно признание
само поради полот?
Сум била во ситуација каде во тим со мажи сум морала да вложам дополнителен
напор за да докажам дека направеното, или она што сакам да го направам, вреди,
бидејќи од старт се гледало со скептицизам.
9. Нашиот јазик обилува со фрази и изрази кои го величаат машкиот принцип
како храбар и силен: „прво па машко“, „има мадиња“, „машки му влезе“ повеќето
од кои особено пофално се доживуваат кога се упатени кон жена. Колку мислиш
дека оваа реторика ја застапуваш и самата и дали можеби е потребно да се изврши
„ревизија“ на овие изрази?
Не се исклучувам себе си од користење на такви фрази, и не ги сметам за
фатални. Ниедна нација ни земја не е со комплетно gender-free речник, ќе
поминат столетија пред тие да станат застарени.
10. И за крај, што за тебе значи да се бориш „машки“ и да се бориш „женски“?
Повеќе пати пробувам да одговорам прецизно и концизно, ама безуспешно.
Најблиску до она што јас го чуствувам како „женска“ борба е дефиницијата во
која емоциите и свесноста за општиот ефект на таа борба кон пошироката околина,
не се исклучени или свесно минимизирани до ниво на исчезнување, од
секојдневното донесување одлуки во професионалната средина.
Ѝ благодарам на Даниела за времето што го оддвои за ова интервју, и за концизните, искрени одговори што ги даде. Се надевам во иднина повторно ќе имаме прилика да ги продискутираме и актуелизираме овие теми и да констатираме напредок, а во меѓувреме ѝ посакувам успешно да чекори напред и да продолжи да ги крши стереотипите и „стаклените плафони“ во име на сите жени насекаде.
фото: Драгица Николовска
за резиме на настанот кликнете тука
Ѝ благодарам на Даниела за времето што го оддвои за ова интервју, и за концизните, искрени одговори што ги даде. Се надевам во иднина повторно ќе имаме прилика да ги продискутираме и актуелизираме овие теми и да констатираме напредок, а во меѓувреме ѝ посакувам успешно да чекори напред и да продолжи да ги крши стереотипите и „стаклените плафони“ во име на сите жени насекаде.
фото: Драгица Николовска
за резиме на настанот кликнете тука
No comments:
Post a Comment