Лабина Митевска е актерка со меѓународна кариера и една од најспособните продуцентки во Македонија. Исто така, веќе петта година по ред е директорка на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ - Битола, кој во моментов е во тек. Тоа и беше повод да и' поставам неколку прашања во врска со жените и нивната позиција во филмската индустрија.
фото: фешнел |
1. Камерата во филмот најчесто снима од машка гледна точка (мажите најчесто ги имаат носечките улоги, во љубовните сцени фокусот е на женското тело како да се претпоставува дека гледачот е хетеросексуален маж, итн). Колку можеш и на кој начин ти лично се трудиш да влијаеш кон изместување на перспективата за публиката да ја прифати и женската позиција и толкување на нештата?
Па јас и Теона постојано делуваме колку што можеме. Свесни сме дека можеби филмскиот бизнис е бизнис каде што овие разлики се најголеми и највоочливи. Едноставно позади камерите има многу малку жени, и се’ уште работите се многу поделени на машки и женски. Пробуваме да делуваме во секој аспект, да менуваме перспектива, да поместуваме граници, да раскажуваме приказни од еден друг агол. Со секое наше дело се бориме против стереотипите, против балканскиот се’ уште многу присутен мачо дух.
2. Ти си прва жена - директорка на овој фестивал и нагорната линија по која се развива фестивалот е очигледна. Исто така откако ти раководиш може да се забележи постепено зголемување на бројот на жени присутни на фестивалот, често и во улога на лауреатки. Дали мислиш дека порамноправната застапеност и поголемото признание дадено на жените во фестивалскиот и филмскиот свет воопшто, ќе доведе до подобри резултати?
Мора да веруваме дека ќе донесе подобри резултати. Јас секогаш сум оптимистка и единствено така можам да функционирам. За мене беше страшен фактот дека на фестивал со таква традиција досега сме немале кинематограферка - лауреатка на наградите за особен придонес или животно дело. Тоа е застрашувачки. Посебно што навистина има исклучителни директорки на фотографија, како Ањес Годар, како Виржини Сан Мартан, како Наташа Брајер, како Јоланта Дилевска.
3. Кои се важни женски авторитети за тебе на кои и самата се огледуваш?
На многу од нив. На секоја жена што постигнува нешто, на секоја жена која се бори за нешто, на секоја жена која менува нешто, без разлика дали делува глобално или локално, дали е лидерка или хигиеничарка.
4. Мажите што се успешни во својата работа се добро прифатени од околината и често се гордеат со тоа. Од друга страна жените кои се успешни како секогаш да треба да се екстра симпатични за околината да не ги доживува како закана, како нивниот успех да е сам по себе сомнителен па треба да се оправдуваат дека не дошле до висока позиција преку „нечиј кревет“. Што мислиш за ова?
Она што ме провоцира е што секогаш мажите се многу посплотени и многу повеќе се поддржуваат едни со други. Од друга страни многу често тоа кај жените го нема, посебно не на Балканот и во Македонија. Секоја што е исклучителна е напаѓана, секоја што се труди да промени нешто е предмет на потсмев, и секој си дозволува за секого лошо да коментира. И тоа многу често жени го прават на жени - за мене е тоа страшно, убиствено.
5. Во Холивуд, со ретки исклучоци, многу ретко има улоги за жени над 45 години. Во независниот и европскиот филм ова не е толку изразено, но сепак актерките што се се’ уште актуелни по таа возраст се бројат на прсти, додека сликата на постари мажи со многу млади жени како партнерки е општоприфатена. Дали гледаш постепена промена во овој тренд и дали сметаш дека во одреден момент ќе треба да се откажеш од актерството само поради годините?
Да ова е факт, но во исто време има фантастични примери на жени актерки кои се пробиваат во многу подоцнежни години. Важно е да се создава и креира добра уметност, не е важен квантитетот туку квалитетот. Она што е фантастично со филмската уметност е што останува зад тебе засекогаш. Мене секогаш ми било поважно да остварам квалитетна улога, па макар и да е тоа еден филм во три години, отколку да снимам три лоши филма во една година. Така што овој факт не ме плаши.
6. Кој ти е следен чекор и кој би ти бил најголем предизвик, најголем сон кон кој целиш во животот?
Па моите предизвици доаѓаат дури сега. Со раѓањето на Вега многу нешта се променија. Позитивни промени. Промени во однос на станувањето мајка, како и промени на огромна енергија и креативност која ја имам во однос на мојата кариера. Мислам дека ме чекаат големи предизвици!
7. Минатата година Катрин Денев рече дека секоја жена е феминистка, дури и онаа што најжестоко го одрекува тоа. Ако се земе предвид дека феминизмот е движење за постигнување еднакви права и можности и не се залага за доминација на било кој пол, туку за рамноправност, зошто жените (и мажите) толку се плашат да се прогласат за феминисти/ки?
Навистина не знам зашто е тоа така. И не ги сфаќам овие жени кои велат дека нема разлика, дека не се феминистки, дека не знаат што значи тоа, дека никогаш не осетиле никаква дискриминација. За мене ваквиот став е комплетно слепило. А навистина е тажно во овој прекрасен свет да живееме слепи и да не реагираме на времето кое не' опкружува. Да не се бориме да ги правиме работите подобри, а со тоа да го направиме и светот подобро место за живеење за сите.
за време на фестивалот |
Од срце и' благодарам на Лабина што успеа во виорот на цел фестивалски хаос да најде време за да ги одговори овие прашања. И' посакувам уште многу силни улоги, полни сали и аплаузи и филмови што ќе најдат начин да ни ги приближат и оние нераскажани приказни и загушени гласови.