Повеќе од една недела по фамозната победа на Кончита Вурст, низ Интернетот, особено на друштвените мрежи, се' уште не стивнуваат реакциите по однос на нејзиниот изглед и сексуалност.
Искрено, не планирав да пишувам ништо на темата, но со оглед на тоа што бескрајните натегања и изнесени ставови по коментари на фб и твитови често се повторуваат до бескрај, решив тука да чкртнам неколку мои размисли во врска со скандализираноста на голем дел од само-прогласените „прогресивни нехомофоби/ки“.
Во голема мера се согласувам со ставот на Горан Милетиќ, дека она што е проблематично кај Кончита, не е тоа што е транссексуалка, туку брадата што ја прави нејзината транссексуалност не само видлива туку и впечатлива. Без брада, Кончита би ја отелотворувала совршената трансформација и претопување на маж во жена, со сите нишани на традиционална, општествено пожелна женственост - долга коса, вита става, убавата кожа, средени нокти, совршена шминка. Но како шлаг на тортата, таа се решава на цел тој ултра-женствен изглед да му спротивстави една крајно нетипична, тотално незамислива, апсолутно неодобрена - брада! - на тој начин свесно пркосејќи му на сеприсутниот „машкиот поглед“ кој спречува, осудува и дисциплинира и кој е навикнат луѓето, особено жените, да му се умилкуваат, да се плашат од него, да се казнуват и измачуваат само за да не ги фати „на заб“. Со тоа Кончита јасно кажува дека не само што е жена, туку е и жена на која што не и' е гајле што ќе мислат другите за нејзиниот изглед, а тоа, и покрај толку години борба за рамноправност на половите, е се' уште непростливо.
Кончита самостојно го конструира својот род и изглед редефинирајќи го поимот за она што треба да биде една „вистинска жена“, избирајќи навидум противречни облежја, што јавноста го доживува шокантно, дури и во време кога границите помеѓу родовите постепено се бришат. Имено, наместо да се срами од фактот што е транссексуалка, наместо да сака да го прикрие и да направи тоа да биде што е можно понезабележливо, таа гордо ја носи брадата како симбол на нејзината различност.
Токму поради тоа, многу луѓе што не се сметаат за хомофоби/ки се згадени од (самоконструираниот) изглед на Кончита и сметаат дека доколку јавно го изнесат тоа не повредуваат ничии права, исто како што секојдневно сметаме дека нема ништо лошо во тоа да се исмеваме со и срамуваме жени со влакна под мишки, небричени нозе, дебели газови, гнасни целулити, силиконски цицки, неприродни усни (последниве две се особено амбивалетни, затоа што се сметаат за општествено пожелни, а парадоксално, жените што подлегнуваат на притисокот и физички се менуваат за да станат „соодветни и пожелни“, повторно бидуваат исмевани).
Пораката што јавноста сака да и' ја прати на Кончита е дека нема (скоро) ништо против нејзината одлука да биде транссексуалка, туку против нејзината одлука како ќе изгледа како (транс)жена и нејзиното категорично прифаќање и несрамење од својата различност.
За крај, само потсетување дека денес е Меѓународен ден против хомофобијата и трансфобијата, па по тој повод преиспитајте ги своите ставови кон различноста и личниот избор.
За крај, само потсетување дека денес е Меѓународен ден против хомофобијата и трансфобијата, па по тој повод преиспитајте ги своите ставови кон различноста и личниот избор.